2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

И ЗА РЕБРО ОД ПОД ТЕЗГА ВИ ТРЕБА ВРСКА

Јануари 21, 2018

Тешко на луѓето во држава каде за да купат ребра во продавница треба да фатат врска! Деновиве не можев да си поверувам на очите и ушите кога во една реномирана продавница во Битола побарав од вработените да ми спакуваат неколку парчиња ребра, а тие ми одговорија: „A, овие се специјално нарачани за други“.

Проблемот настана затоа што посакав од ребрата кои во тој момент ги сечеа и редеа на хартија на вагата, а не од тие што беа веќе изложени во витрината за месо. Околку нарачката што се подготвуваше беа собрани дури четворица од вработените. Едниот од нив со некако одважен глас ми рече: „Oвие одат специјално во пекара, можете да земите од другите“. По ова ми покажа кон витрината со место за кое не требаше да си касап и да препознаеш дека е останато од минатата пратка. Другиот вработен за да ја извади ситуацијата со благ глас се обиде да ме убеди: “Шо не си земиш кременадли, сега цената е намалена?“ Им одговорив дека цената не ми е важа, се свртив и си заминав.

Зарем во капитализам, економски систем кој се базира на приватната сопственост на средствата за производство, а главната цел е да се прави профит, има повеќе и помалку важни купувачи? Зарем во маркет каде се прокламира дека услугата е еднаква за сите, се снабдува месо за специјални луѓе и помалку специјални? По што нечии пари се повредни, а на други поневредни? По што ги избираат клиентите, па на едни да им дадат пресно месо, а други да ги осудат да јадат од претходната пратка? Можат барем да стават повисока цена, па кој ќе може нека купи, а не да вадат од под тезга.  

Ситуацијата ме потсети на социјализмот, општествено уредување во кое сите требаше да бидеме еднакви. Пред очи ми излегоа редиците од луѓе како пред продавниците на „Прехрана“ чекаат ред за леб и млеко. Се чекаше и по еден час, а продавачката преку ред им даваше прехрамбени продукти на жени и деца на директори, а другите ќе чекаа до крај, ако остане нешто за нив.

Се сеќавам дека во Горната гимназија, родители на некои ученици доаѓаа да им ги поправат оценките на синовите и ќерките во полициска униформа. Ќе се слушнеше глас меѓу учениците „дојде татко ѝ, началник во полицијата ти бил“, па демек сѐ треба да падне на колена. Или некој од професорите ќе имаше проблем со судски спор, па на децата на судиите, во дневник од тројка им се пишуваше петка.

Растев во периодот кога социјализмот се заменуваше со капитализам. Првиот систем повеќе ми се допаѓаше од сегашниот. Но, тогаш луѓето критикуваа дека еднаквоста е само декларативна и дека се форсираат богаташи, директори, судии, началници. За нив се чуваше најубавото месо под тезгите во касапниците, најновите марки палта во продавниците, земаа учебници преку ред во книжарниците, добиваа најубава маса во рестораните.

И го сменаа системот, а денес пак е лошо. Системот се промени,  а дел од луѓето останаа исти, со старите навики. Некои се учени да бидат кабадаи, други привилегиите да ги добиваа со лактење и врски. Создадовме свет во кој секој сака да влезе некаде преку ред, да оствари некое право, загрозувајќи го туѓото. Сѐ уште во касапница го молиме Веле на соседката да ни тргне месо под тезга, во продавница другарката да ни чува чевли на страна, да не ги земи некој друг иако во моментот немаме пари да ги купиме, за преглед да го фатиме со врски докторот, за да ти ја заменат светилката на улица- одговорниот, за да те вработат- политичарот.

Доста е од протекционизам! Дајте, за тоа кој ќе го купи производот да одлучува парата, а за позициите во општеството квалитетот!

Жанета Здравковска 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани