АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонија мора постојано да се демократизира и постојано да се унапредува. Тоа треба да се случува во секој сегмент на живеењето, во секоја пора на нашите животи, во сите делови. Политика, економија, човекови права, меѓуетнички односи, родова еднаквост, буквално секаде ни е потребна демократизацијата и прифаќање на европските вредности без разлика на нашата декларирана конзервативност и стравот од промените кои можат да настанат.
Ако од некаде треба да се почне, тоа е политиката и тука сериозно ни се потребни промени во начинот на избор на советниците и начинот на избор на пратениците. Вчерашните најави на министерот за локална самоуправа Горан Милевски, за спремноста на Владата да ги воведе отворените листи на следните избори за советници е надеж дека тргнуваме кон демократизацијата, најпрво на локалните совети, а потоа се надевам и на Собранието. Ако на сето тоа се додаде и нов закон за локална самоуправа, со кој ќе се забрза процесот на децентрализација, тогаш ете ја Македонија поблиску до развиените демократии.
ГРАЃАНИТЕ
Граѓаните не се начисто, се уште, што тоа им носи и како тоа ќе влијае на нивните животи и со право имаат скепса кон секоја промена што им се сервира. Со едноставен речник кажано, отворената листа овозможува да се гласа за оној советник на листата за кој граѓанинот сака, а не да гласа само за политичката партија. Советник од некоја листа ќе стани оној кој ќе добие најголем број на гласови, без разлика на кое место бил на листата. Со овој систем нема загарантирани советници, нема загарантирани советнички места и нема однапред познати советници.
Еднаква шанса да стане советник има и оној кој ќе биде 31-ви на листата, и оној ќе биде прв на истата. На крајот партијата ќе ги освои истиот број на советници ама распоредот за тоа кој ќе биде советник ќе го направат граѓаните, а не претходно утврдените партиски листи. Тоа може да направи само поодговорни советници, спремни да работат, советници на кои ќе им биде важно мислењето на граѓаните, бидејќи ќе треба да ја оправдат довербата директно пред гласачите, а можеби и пак да ја побараат довербата.
БИТОЛА
Ако се направи посериозна анализа Битола ќе добие, според резултатите од претходните избори, многу измешан совет во кој никој ќе нема мнозинство. Отворените листи, дестимулираат коалиции, а тоа значи дека на изборите ќе имаме многу листи и многу „советници“ кои ќе бркаат гласови, силно разводнување на гласовите, намалување на цензусот за советник, а со тоа и можност за многу различни листи во советот. Со цела опасност да бидам погрешно разбран за проценките, но тоа е сосема небитно затоа што размислувањата се искрени, претпоставувам дека во Битолскиот совет после наредните избори ќе има претставници на седум политички партии или коалиции, а никој ќе го нема мнозинството.
Истото ќе биде многу тешко да се состави, за тоа ќе требаат многу компромиси, многу преговори и многу политички сенс. Меѓутоа она што е тешко за политиката, е добро за граѓаните, ќе се разводнат политичките центри на моќ, многумина ќе учествуваат во креирањето на политиките и носењето на одлуките, а тоа секогаш носи квалитет. А од квалитет, никогаш нема зијан. И ова нема да се однесува само на Битола, ова ќе биде во целата земја, во сите општини, а граѓаните ќе добиваат многу поквалитетни решенија за нивните проблеми.
Искрено навивам целиот процес брзо и успешно да се имплементира, а граѓаните тоа да го почувствуваат.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)