АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
“Мамо, не направив “сабмит“ на тестот (не го пуштив тестот) на време!“, “Ми падна интернетот“, “Не ми работи камерата“, “Мјутнат сум“, “Ме кикна од часот“, па плачење, солзи, разочарувања, стравови, одбивања да се вклучи на час. Дете следи онлајн часови, додека околу него трчка неговото (нејзиното) помладо братче/сестриче, дете решава задачи или одговара усно, а во позадина се слуша плачењето на бебето кое мајката безуспешно се обидува да го замолчи, дете кое усно се испрашува, а во кадар му влетува помалото братче и го деконцентрира, дете кое слуша настава, а во позадина офка неговата болна неподвижна баба која трпи неподносливи болки, оти во болница никој не сака да ја прими, родители кои доцнат на работа, бидејќи не можат да се подготват, затоа што во нивниот дневен престој детето одговара усно, и не смеат да шушнат за да не го деконцентрираат, или не дај боже да го обвини наставникот дека некој му дошепнува. Дете кое одговара втренчено в камера како пред обвинителна клупа, не смее да мрдне ниту да погледне настрана, зашто ќе биде обвинето дека некој му (до)шепнува, додека неговото семејство е во изолација и неговите мисли се преокупирани да не му се случи нешто лошо на неговиот татко или мајка кои се борат со вирусот и имаат температура и треска. Деца кои штом ќе дојде времето за вклучување во настава, почнуваат да плачат, се затвораат в соба, не сакаат да се вклучат на час, кои иако се умни и биле солидни, исполнителни и одговорни ученици, се жалат дека сега не памтат, не можат да учат, дека читаат, но се забораваат и се чувствуваат дека никој да не ги разбира и сите ги обвинуваат дека се неодговорни, залежани, не учат. Слика од самохран родител со повеќе деца кој на камера ни пушта 360 степени “вју“ да погледнеме како функционира неговото семејство во само 50 м2. Дете кое следи часови пред компјутер, а во позадина се слуша семејна расправија. Дете кое не сака да ја вклучи камерата за неговите другарчиња или наставниците да не ја видат сиромаштијата во која живее. Деца кои одат во близина на кафулињата низ градот за да фатат бесплатен “вај-фај“ на своите телефони за да пуштат домашно, проект, или кратко да се вклучат на час, зашто дома немаат интернет, ниту компјутер.
За волја на вистината има и обратни случаи, кога некои ученици добро се забавуваат во сета оваа ситуација, па ги “мјутнуваат“ наставниците, “ги кикнуваат“ исфрлаат од час, препишуваат, “си шеруваат“ споделуваат тестови со решени одговори, се вклучуваат на настава, па си легнуваат да поспијат, не вклучуват камери иако имаат услови, најдобри компјутери, телефони и неограничен пристап до интернет. Има случаи кога часовите им служат за забава, па си “слушаат“ групно часови или по битолските кафулиња, или на домашни собиранки, исмевајќи се и правејќи си забава со наставниците. И нема начин како да се санкционираат, иако има протоколи и правилници за недолично однесување, а се изрекуваат и педагошки мерки за попречување на наставата. Неодговорните поединци од оваа онлајн настава си прават одлична пародија и комедија, додека товарот го сносат одговорните ученици кои се трудат да постигнат услех и во вакви услови да бидат посветени и исполнителни ученици, да стекнат знаења и да ги исполнат сите барања од нив.
Ова е сликата која секојдневно ја гледаме и слушаме за начинот како се одвива наставата.
Од другата страна имаме наставници кои посветено се обидуваат да го предадат материјалот на своите ученици и да си го заработат својот, не така многу платен леб и труд, наставници кои деноноќно работат да ги подготват онлајн часовите, кои претходно 6-7 часа се дале максимално пред мониторите и микрофоните, кои понекогаш некои вешти ученици им ги “мутирале“, а кои работат и од дома, кои ги занемариле и домашните обврски и своите најмили, за да ги подготват часовите, наставните ливчиња, тестовите за наредниот ден, и се така во круг секоја седмица, подготвуваат тестови, прегледуваат стотици домашни задачи кои им ги пратиле учениците во разни групи за комуникација, наставници кои се во изолација поради вирусот, но, кои, сепак, држат часови, наставници кои имаат хронични болести, но, сепак, работат од дома, каде имаат свои фамилии кои ги запоставиле во интерес на работата, но се даваат безрезервно и беспоштедно во интерес да се реализира наставата во вакви услови. Наставници на кои им се наметна обврска и притисок да ги оценат учениците до 20 ноември, иако годината почна на 1 октомври, а со денови имаше бројни технички проблеми со платформата која се уште не профункционирала, обука на наставниците и ученици ад-хок во една седмица.
Има одделенија и класови каде наставниците не ги виделе децата, не ги познаваат, прв пат им предаваат, а треба да ги оценат, треба да бидат нели максимално објективни и ниедно дете да не биде оштетено, а од друга страна времето е ограничено. Со право некои наставници ги издава трпението и подлегнуваат под стресот кој го трпат од сите страни и од надредените и од родителите и од временските рокови. Па така, има наставници кои нетрпеливо и нервозно врескаат на микрофоните чии гласови се испрекинати, зашто е слаб интернетот и кои пребрзо говорат и викаат по децата дека не внимаваат доволно, дека не запомниле доволно од лекцијата, иако пола од тоа што го говорат децата не го слушаат поради разните брумови и шумови кои се слушаат во позадина поради слабиот интернет или лошиот микрофон. Домашната не е пратена во “асајмент“, па не се признава, проектот, есејот не е пратен во “асајмент“ или е пратен после истекот на рокот, па не се признава.
Ова се само некои од примерите за реалноста во која се одвива онлајн наставата во државата и притисокот кој се прави и врз наставниците и врз децата, оценувањето за првото тримесечје да заврши до 20 ноември. Ова се само некои од ситуациите кои секојдневно ги гледаме во нашето опкружување и ги слушаме особено ние психолозите. Јас слободно можам да кажам дека мојот телефон прегрева во текот на денот и по неколку пати ја полнам батеријата за да ги ислушам сите ситуации со кои се соочуваат и децата и наставниците.
Се запрашал ли некој во оваа држава што им правиме на децата и на наставниот кадар? Какви последици ќе има ова и врз процесот на настава и она што мене особено како психолог ме засега врз менталното здравје на децата и на наставниците? Зарем било кој податок кој ќе го научиме, било која формула или дефиниција, тест или оценка која ќе ја добиеме, има поголема вредност од тоа да го зачуваме нашето психичко здравје и после оваа пандемија да преживееме, да излезиме нормални и да се вратиме на нашиот живот или ќе излеземе како психички нестабилни личности кои ќе се соочуваат со бројни психички нарушувања?
Направиле ли анализа одговорните колку од децата имаат можности за следење на онлајн настава? Кога велам анализа мислам на вистинска, суштинска анализа, со понудени решенија, а не само анализа која се состои од голи бројки, кои не значат ништо и имаат ефект нула во реалноста. Се запрашал ли некој од одговорните кога ги планираа наставните програми и планови, дали се доволно скратени наставните програми, дали сиот тој материјал може да биде предаден преку компјутер во 30 – 35 минути од кои ефективни се само 20-тина минути, дури и во услови кога има совршен интернет и добри компјутери, зашто 10-тина минути се губат од секој час за евиденција на отсутни ученици или на кого му паднал интернетот, кого “го кикнале“, кого “го мјутнале“ итн. Друго прашање е дека има наставен материјал по некои предмети кој е многу тешко да се објасни преку компјутер. Се запрашал ли некој од одговорните дека во нашата земја се уште имаме семејства кои живеат на работ на егзистенција, а дел се во крајна сиромаштија и немаат услови за основни дневни потреби за храна, а камоли интернет и компјутери. Се запрашал ли некој што презедоа надлежните за да им се обезбедат ИТ уреди на овие деца, освен еден мал дел што добија таблети и интернет картички, или како е да се следи онлајн настава кога живеат во една соба три генерации без струја, вода и греење? Се запрашале ли надлежните како им е на децата кои речиси секојдневно немаат струја во селата, иако имаат свој компјутер. Што направија надлежните за таквите случаи? Колку средства од буџетот одвоија за децата, за да ја направат наставата достапна за сите и секое дете да има еднаков пристап до образование? Зарем не ги кршиме основните човекови права и основните детски права од Конвенцијата за заштита на детските права на ОН? Секое дете има еднакви права на образование. Тоа е фундаментално човеково право. На кое место од листата на приоритети ни се децата и наставниот кадар? И додека се наоѓаат средства од буџетот за секакви намени, па дури и за кичести новогодишни украси и диносауруси, не можат да се најдат средства за секое дете да биде дониран компјутер или таблет. Тоа доволно говори за фактот на кое скалило на приоритети ни е образованието и најскапоценото нешто - децата.
Ако е поприоритетно во овој момент кога болниците ни се пред колапс, лекарите доведени до работ на издржливост, кога образованието ни е на дното, кога не знаеме дали ќе преживееме, ние да објавуваме тендери за новогодишно украсување, што нормален човек може да каже повеќе и да мисли. Тоа говори само едно - ние се наоѓаме во состојба на тотална морална општествена деградација и детериорација, не само сега туку со години наназад. И претходно се наоѓаа пари за барокни фасади, за мабел Луј XVI, за споменици, за скапи автомобили и што ли уште не, а здравството и образованието како клучни сектори ни беа и се уште се во коматозна состојба и на вештачко дишење. Како да животариме и да преживееме во овој наш парадокс меѓу раскошот на кичот и бедата на духот?
Каде во сета оваа ситуација се децата со посебни потреби? Како дете го посебни потреби ќе следи онлајн настава без помош од образовен асистент. Зошто за секое дете кое има уреден стручен наод и мислење не е обезбеден образовен асистент. Не правиме ли дискриминација на децата? Едни деца со посебни образовни потреби имаат асистенти, а за други нема средства. Ако сакаме да спроведуваме инклузија, тогаш за секое дете со посебни потреби треба да се најдат средства да се обезбедат образовни асистенти кои ќе им помагаат да ја следат наставата. Државата е должна да најде средства да се овозможи еднаков пристап до образование за сите деца.
Проблемите се прекомплексни и пресериозни. И што да советуваат во ваква ситуација психолозите, кои психолошки техники за поддршка да ги примениме со децата, кога се соочуваме со ваква ситуација? Дали и ние како Марија Антоанета да ги советуваме децата и наставниците да јадат колачи кога немаат леб? Што да советуваме дете и како да му помогнеме кога нема основни услови за живот како успешно да следи онлајн настава и редовно да се вклучува, а нема струја, вода, топол оброк и огрев. Да ја превртиме ли наопаку пирамидата на психологот Абрахам Маслов за потребите на човекот?
А за последиците од долготрајниот стрес на кој сме изложени со месеци? Се запрашал ли некој дека со месеци сите ние живееме во страв и неизвесност, дека со зголемување на бројот на заболени и починати, се повеќе ни се стеснува кругот околу секој од нас и дека речиси и нема човек кој на директен или индиректен начин не е погоден од пандемијата. Колку и да се трудиме, не можеме да го избегнеме стресот. Во вакви услови колку и да се трудиме не можеме да го добиеме истиот квалитет на настава како со физичко присуство во нормални околности. Квалитетот на настава опаѓа, а не може да се обезбеди ниту објективност во оценувањето. Треба да бидеме свесни дека учениците тешко го задржуваат вниманието при онлајн настава. Самото долготрајно гледање во мониторите предизивкува замор и кај децата и кај наставниот кадар. Дополнително стрес предизвикува и самото одговарање пред камера. Кај некои деца инхибиторно делува тоа експонирање пред камера, иако станува збор за одговарање пред наставниците и соучениците од класот кои ги познава и со кои учеле заедно и немало никакви проблеми при одговарање претходно во училница, сега во вакви услови може да биде проблем. Сите деца немаат исто ниво на информатички вештини за да решаваат тестови под притисок, во краток временски период.
Долготрајната изложеност пред мониторите го зголемува стресот, предизвикува нервоза, намалено внимание, намалена концентрација, а знаеме дека вниманието и концентрацијата се предуслови за процесот на учење и помнење, ја нема директната интеракција, социјалните контакти, нема социјализација на децата. Намалувањето на социјалните интеракции меѓу децата може да предизвикаат чувство на осаменост, несигурност во воспостапувањето на контакти, страв, срамежливост, повлеченост, оттуѓеност, па се до појава на анксиозност, социјална фобија, депресивност, панични напади итн. Сите овие фактори сериозно влијаат на психичкото здравје.
Токму поради сите овие фактори и ситуации секојдневно ни се случуваат, она што можеме да го направиме во овој момент е да го олабавиме притисокот првенствено кон наставниот кадар во поглед на роковите за оценување, а со тоа ќе се намали притисокот и врз учениците. Да бидеме разумни и да поставиме разумни рокови. Да се бара само најнеопходното што е важно од лекциите, се може да се надомести. Да ги оставиме наставниците релаксирано да си ја вршат работата, да имаат доволно време да направат процена на знаењето на учениците, да им ги направат интересни часовите на децата, а не извор на стрес. Државата мора да најде начин да се обезбедат ИТ алатки и интернет за сите деца и конечно образованието и децата да бидат еден од приоритетите во оваа држава.
Пишува: Марија Младеновска-Димитровска, психолог