2win800x200

Подобри и поефикасни (пишува Валентин Груевски)

Декември 10, 2020

 

 

Во изминатиот период, во моите написи редовно пишував за она што го постигнува локалната власт, локалните јавни претпријатија, училиштата, градинките, за нивните проекти, за плановите, очекувањата, за работите кои се градат, за она што ќе се почни, за она што завршува и што е во подготовка. Пишував и за неколку теми поврзани со изборните процеси, а според мене, и за најважната, децентрализацијата на раководењето во сите општествени сфери.

Здравјето и светската пандемија, изборните очекувања, анализата на кампањата, постигнатите резултати, битолската политичка карта и секако мојата голема желба, а секако и заложбата на мојата партија, ЛДП, за отворени листи, кои се висок степен на демократско изјаснување на граѓаните, најпрво за локалните избори, а потоа и за парламентарните избори.

ПРИЈАТЕЛИТЕ

Пријателите со кои контактирам, можеби и правилно, а можеби и малку предизвикувачки, ме прашуваат зошто никогаш не сум критикувал, ниту една одлука, ниту едно однесување на локалната власт. Можеби и се во право, а демократијата се разбира тоа го дозволува, да напишам неколку редови за погрешното и што треба да се поправи. А секој што работи тој и греши.

Убеден сум дека оваа власт, на крајот од четиригодишниот мандат ќе има многу повеќе објекти и проекти, отколку изминатата во дванаесет години. Вредноста на вложувањата ќе биди многу поголема од вложувањата во изминатите 12 години. Вложувањата во градинките, училиштата, спортските терени, објектите, патиштата, спортот, културата, улиците ќе бидат потврда на се она што се направило во овој период. Дали тоа ќе се манифестира со резултат на локалните избори, тоа е многу далеку да се процени.

НАЈГОЛЕМИОТ ПРОБЛЕМ

Најголемиот проблем на оваа власт е нејзиното „незнаење“ да ја продаде приказната, да ги продаде работите кои ги прави и сето тоа да стигне до обичниот гласач. Битола гради стадион со вкупна вредност од 5,5 милиони евра, сама го плаќа и за тоа нема помош од никого. Тоа треба да го знае секој гласач во градот, ама и во државата. Дека сте ја утнале работата, ви станува јасно  кога ќе добиете прашање од типот, а Општината го гради стадионот ? Ова е само класичен пример дека нешто не е во ред со нашето претставување и со  „продавањето“ на приказната кон гласачите. Убеден сум и дека половина град не знае, дека Битола има полигон за полагање возачки испити, после осум години, ама граѓаните апсолутно не се криви за тоа.

Ефикасност и брзина во извршувањето на секојдневните обврски. Она што се покажува како проблем и што недостига мора брзо да се решава. Некогаш и погрешната одлука е подобра од неносењето на никаква одлука. Граѓаните не разбираат, а и не треба да разберат, како функционира системот, какви дозволи се потребни, кои институции треба да издадат одобрение, што кажува законот за јавни набавки, кој е спор во извршувањето на задачите и кој потфрлил.

Нив ги интересира брза реакција, подобрување на условите за живот, решавање на проблемот. Се друго е второстепено.

 

 

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани