2win800x200

СПОРТСКАТА БАЈКА ПРОДОЛЖУВА (пишува Валентин Груевски)

Јануари 14, 2021

 

Кога пред три години дојде до промена на локалната власт во Битола, многу од областите кои ги наследивме беа во ужасно лоша, да не речам катастрофална, состојба. Една од тие области беше и битолскиот спорт, каде и резултатите а и инфраструктурата беше во очај, без никаква надеж дека нешто може да се промени. Трите клуба, или трите спорта кои предизвикуваат најголемо внимание, фудбал, кошарка и ракомет, без прејудицирање кој е прв, втор или трет, беа на работ на умирање, од голем број сеирџии веќе прежалени.

Огромни финансиски долгови, не се исплаќале плати и договори за играчите, кирија за станови кои биле  користени, долгови за превоз, неплатени котизации, организација на натпревари, казни кон национални федерации, судски и извршителски казни, се тоа измерено со илјадници евра долгови на сите три клуба. Она што беше видливо, а тоа беа резултатите, фудбал со една нога второлигаш, кошарка на работ на втора и прва лига, ракомет без резултати ама со име и презиме, сȇ на сȇ, според македонски мерила во вториот дел на македонската спортска карта.

 МАЛ БЕШЕ БРОЈОТ

 Мал беше бројот на луѓето кои веруваа дека може нешто да се направи. Мал дел на луѓе се нафатија да помогнат и да се вложат себеси во опоравувањето на овие клубови. Покрај средства, требаше и знаење, желба и секојдневен ангажман. Илјадници разговори, замисли, идеи сето тоа пропратено со притисок, според мене оправдан, за резултати одма и сега. Најтешко од финансиски аспект беше во фудбалскиот клуб, каде во овој период се вратени околу 400.000 евра стари долгови, пред три години таму имаше само пет играчи и два голмани, немаше ниту О од некаква опрема, младинска школа во втора македонска лига, за сега клубот да се врати во првата лига, младинците по првиот дел да се на шестатта позиција на табелата, да има веќе неколку репрезентативци во младите категории, значи дека нешто добро се случува. Сосема ја разбирам желбата за уште подобро и поквалитетно, ама правецот е даден, темелите се поставени, надградбата, убеден сум ќе дојде.

Ракометната платформа, која се појави на средината на 2019 година, а која многумина ја критикуваа и не веруваа, а во совет или не ја гласаа или кукавички избегаа од седница од страв да не погрешат, ни дава надеж дека по 15 години во Битола ќе пристигне домашен пехар. Амбициозната, знаењето, професионалноста, сериозноста која се манифестира во Еурофарм Пелистер веќе носи сериозни резултати. Клубот е повторно препознатлив во европски рамки, а вчерашниот трансфер само ја потврдува констатацијата. Кога беше првата седница за спојувањето на двата клуба, употреблив еден израз дека Битола добива ракометен ,ЏИН“ во балкански размери, а според сȇ веќе и го доби.

СКРОМНО

Скромно и тивко, далеку од очите на јавноста, неколку заљубеници во кошаркарската игра го покренаа проектот Силен Пелистер. Правилната селекција, добрите услови и чесната работа, доведоа до тоа екипата која една година беше прва, една втора лига, сега да е лидер во македонското првенство. Седум натпревари, седум победи, многумина кои и не знаеја дека има кошарка во градот, сега прашуваат на кој линк и кога е следниот натпревар. Свесен сум, дека непобедливоста не може да трае до бескрај, и секаде е тоа така, ама задоволството дека нашиот Пелистер си го гази Работнички среде Скопје, кај сите спортски вљубеници нема цена.

Злобниците знам дека сега ќе коментираат, па што ти или Вие од општината се фалите, да не играте или да не сте тренери. Морам да напишам, за оние што не знаат, а и за оние кои не сакаат да признаат, дека Општина Битола го има најголемиот буџет за спорт од сите македонски општини, 34.000.000 денари, дека е 25% сопственик на двата ракометни клубови, 25 % сопственик на фудбалскиот клуб  и 100 % сопственик на кошаркарскиот клуб и  учествува во поразите ама и во успесите на спортските клубови.

П.С. Пред една година, бев на европското првенство во ракомет во Виена. Некој на социјалните мрежи малициозно ме праша, за која Македонија ќе навивам, алудирајќи на промената на уставното име што тогаш се случуваше во парламентот. Одговорот и тогаш и сега е ист. За истата Македонија која вечер ги почнува натпреварите во Египет.      

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани