Потценување со епски димензии (пишува Валентин Груевски)

Март 12, 2021

 

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола

 

Свесен сум за фактот дека социјалните мрежи, се многу силен медиум кој допира до голем број на луѓе, голем процент од населението има свој профил на некоја мрежа, и главниот извор на информации се токму тие, полека ама сигурно ги истиснуваат традиционалните медиуми, најмногу поради тоа што генерираат брзи и кратки вести, со многу малку информации и овој начин на информирање е многу лесен, многу евтин и лесно достапен.

Сите кои имаат профили, а особено оние кои почесто пишуваат се еден вид на медиум, кој допира од одреден број на луѓе и креираат мислење, пишуваат и имаат свои ставови за одредени теми, и во зависност од бројот на своите пријатели имаат поголемо или помало влијание. Она што го забележав во овие неколку дена е огромниот потценувачки однос кон  одреден број на работи кои се случуваат во градот, што зачудува дури и степенот на потценување, па би рекол  дури и количината на омраза во коментарите која можете да ја прочитате.

ДЕТСКА ГРАДИНКА

Детската градинка е најголемата инвестиција која се започна во овие десетина дена во градот. Градинка со капацитет од 260 деца, во оваа фаза со заедничка инвестиција со „Кромберг и Шуберт“ во износ од 50:50, ама кога се ќе се заврши односот на парите ќе биде 80:20 во корист на Општина Битола. И не го разбирам коментарот дека никој од локалната власт не смеел да каже дека се прави градинка, бидејќи некој друг дал пари. Така е, секоја чест и благодарност за донацијата, ама зошто се потценуваат општинските пари и општинското учество.

Не требало да се гордееме со успехот на спортските клубови. Ракометот бил проект и успех на еден човек. По стоти пат ќе повторам дека во Еурофарм Пелистер има 25 % од капиталот, има по два членови во управните одбори на двата клуба, годишно инвестира  по 250.000 евра, ја одржува, сервисира и во овој момент ја реконструира спортската сала, училишните сали му се на располагање на клубот. Ама, тоа не бил општински успех!?

Не, почитувани пријатели, тоа е  општински успех, успех на сите оние кои ја имаа првичната идеја, ја договараа, ја преговараа и ја реализираа. Сите што мислат поинаку или не ги познаваат фактите или не сакаат да ги признаат. Трето нема.

РУЗВЕЛТОВА

Рузвелтова е улица во централното градско подрачје, на  која дневно поминуваат илјадници луѓе, и која е главна пешачка артерија за поврзување на Широк Сокак со Старата Чаршија. Во исто време и огромен број на автомобили се паркираат на улицата, а во врнежливи денови е  многу тешко истата да се помине, а и на станарите им е исклучително тешко да си одат по домовите. Сега истата се реконструира, ќе добие нова канализација и водовод, истата ќе биде пешачка зона, со ново осветлување, со по некоја клупа, онаква како што заслужува битолско централно подрачје. И кога ќе го прочитате коментарот: Зошто ова или мораше сега? Разбирате дека потценувачкиот однос заминал многу далеку.

Кога во едно училиште, секоја вечер имате меѓу 50-80 деца и возрасни на најразлична возраст, кога имате подлога непроменета над 30 години, кога сте гледале, локални жители како  со лопата пополнуваат дупки на асфалтот само да одиграат една партија фудбал, и кога конечно некој ќе го санира тоа, ќе прочитате коментар од типот- А кога ќе се заврши? или пак- Зарем се радувате на асфалт?, е тогаш разбирате дека потценувањето е веќе со епски димензии и непоправливо.

И нека се потценува, важно е да се направат што е можно повеќе работи, ќе останат за многу генерации.  

    

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани