2win800x200

За традицијата и современото - модерното (Пишува Зоран Николовски)

Март 09, 2021

Кога го запрашале сиромавиот човек: - Што сакаш да ти дадеме за јадење, леб или млеко ? Сиромавиот одговорил: - Попара !

Сакал сиромавиот да креира, имал потреба од креација и (несвесно) користејќи традиционална храна, леб и млеко, искреирал модерно јадење – Попара. Модата и модерното се чудни појави, никогаш не знаеш од каде ќе те “нападнат”.

Дилемата што од секогаш и за секогаш ќе го мачи современиот - модерниот човек, е дали треба да се “робува” на традицијата и слепо да и се верува, и како да се создава и креира на модерен начин, под влијание на традицијата ? Како одговор, (од прва рака), се наметнува или потврдна или одречна форма. Да или не. Треба или не треба. Про или контра. Но, како и за многу други работи во животот, (така и во овој случај), не секогаш е црно или бело. Тадицијата не е контраст. Обоена е таа со сите бои на светот. Колоритот на традицијата не треба да го чувствуваме како терет, како неподнослива обврска, како некое страно тело. Таа, традицијата, мора да ни биде наш драг сопатник, наш добронамерен соговорник – нашето огледало. Веќе ги слушам (од далеку, како низ магла) зборувањата, несогласувањата и воздишките на современите - модерни уметници: - “Лесно е да се каже, лесно е со зборови”. Не, драги мои современици, не сте во право ! Оној што не знае да наслика, да изгради, да напише, да компонира, ТОЈ не знае ни да каже. Илузија е ако мислите дека односот кон традицијата е привилегија само на нашето модерно време ! Зарем мислите дека во минатите епохи им било полесно ? Зарем мислите дека на Ле Корбизие, Никола Тесла, Чајковски, Хомер, Да Винчи, Сервантес или Шекспир, им било полесно од Вас ? Не ! Ним, им било уште потешко. Многу, многу потешко од Вас, бидејќи тие врз себе го имале неподносливиот товар на нивниот талент.

   Единствениот збор, еквивалент на зборот традиција е - УЧИТЕЛ ! Зарем има некој што може да живее и егзистира без учител, без Апостол ? Учител е нашиот родител, учители се нашите предци. Или конечно, учител ни е и најголемиот меѓу сите - Природата. А знаете ли зошто ни се потребни тие учители ? За да не го губиме времето за работи, кои тие пред нас ги научиле. Да го искористиме нивното за да го направиме нашето. Да ги надополниме и надминеме предходните генерации, за да им покажеме како треба на идните генерации. Оти минатото е библиографија на иднината. Минатото е пасош за иднината. Ете затоа.

Единствено, СОЗДАТЕЛОТ наш, не ја познавал традицијата. После тие “Седум дена”, се наваму е – Традиција ! Еве, повторно ги слушам истите гласови од далеку и како низ магла: - “ Како да бидеме модерни, ако и се поклонуваме на традицијата ? Па, таа само не трга надолу, не враќа назад !” Јас, да бидам искрен, не знам што да Ви одговорам. Не знам ! Знам само дека никој не може да Ви одговори. Не постои одговор – рецепт. Традицијата е нераскинлив дел од нашиот код, дел од нашата ДНК. Единствено што можам, (ако Ви е од помош) е да Ве потсетам на “Шестиот ден”, денот кога Господ Бог го создавал човекот......

”Го создал Бог човекот, според обличјето негово. Но, човекот не се движел, бил мртов. И тогаш Господ Бог му хукнал воздух во устата човекова – ХУ, и човекот почнал да се движи - оживеал.” Е токму во тоа “ХУ”, лежи одговорот. Тоа “ХУ”, или го имате во Вас или го немате. Ако го имате, ќе проектирате модерни куќи, ќе пишувате модерна поезија, ќе сликате модерни мотиви, ќе компонирате модерна музика, потпирајќи се на традицијата. Ако го немате – цел живот само ќе препишувате од други.

Еве, и сега, како по традиција, и овој текст треба да го завршам со некоја поента. Не знам, можеби поентирав малку порано од колку што дозволува традицијата. Можеби и јас несвесно (како сиромавиот) сум искреирал модерен текст. Традицијата секогаш мора да биде во служба на креацијата ! Само така, секогаш ќе бидете модерни

Пишува: Дипл. Инг. Арх. Зоран Николовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани