2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Прометеи на слободата

Април 11, 2021

Пишува: Александар Литовски

 

Големите мајстори на најпрепредните и најгрозните масовни злосторства низ морбидната историја на човештвото, денес лажно се претставуваат како борци за слобода и правда, а како такви жнеат и најмногу медиумско внимание. Секако, тоа го можат, затоа што ги поседуваат скоро сите електронски и пишани медиуми на глобално ниво. Оттука, сите секојдневно сведочиме како пред наши очи се дроби човечкот разум и се претвора во безлична каша во современите медиумски компресори на умот и совеста, додека низ светот масовните гробници се прелеваат со вар, реките црвенеат од човечка крв, а амазонските шуми се палат за да се размножува капиталот. Сè уште, маса од прости и глупави клирици го пропагираат учењето за „боженското потекло“ на човекот, игнорирајќи и негирајќи го Дарвин и сета наука, а заедно со своите уште поглупави верници и следбеници, дури и во време на долготрајна пандемија, преку идиотските верски обреди го загрозуваат општото здравје и човечките животи. И, ако некој, случајно или намерно, ги доведе под прашање нивните блесави догми и уште поблесави религиозни пракси, жестоко се нафрлаат врз него и го дискредитираат преку инвекти и клетви.

Човечкото достоинство се изобличило под притисокот на модерното робовладетелство и луѓето, сè повеќе, во еден инволутивен процес, се претвораат, или во крвожедни горила, или во безмозочни магариња, а оние, помалкубројни, кои останале при здрав разум, па уште и собрале храброст да се спротистават на таквата состојба, веднаш од страна на илјадоглавите кербери на неправедниот општествено-економски систем, се прогласуваат за деструктивци, анархисти, еретици, комунисти, нихилисти, терористи... И се бара нивно тотално уништување. Затоа, во рамките на денешниве мејнстрим неолиберални псевдонаучни и христијански погледи на светот и животот, вистината и правдата – молчат. 
 
Во сеопшта атмосфера на хистерична паника и масовен егзистенцијален страв, во сенките на глобалната неолиберална пропаганда, во ќелиите на тајните американски затвори низ цел свет и тамошните пискотници на измачуваните, во загушливите капиталистички фабрички и рударски погони каде се врши безмилосна експлоатација, значи, скоро, насекаде низ светот, на вистиноговорот и правдоговорот, се разбира, им се одземени сите можности да се материјализираат и чујат. Тие умираат во „најдобриот од сите можни светови“ кои денес ни го гради и обезбедува „демократот“ Вујко Сем и неговите, многубројни, сателитски држави, заедно со нивните безбројни „демократски ориентирани“ интелектуални инквизитори. Затоа, во ваквите самопрокламирани „најдемократски општества во историјата“, владее страв и самоцензура, а човекот е обезглавен и оглупавен до степен на немо говедо, та се плаши не само да зборува, туку и да мисли поинаку од неолибералните догми.
 
А сепак, наспроти сè: на крстопатот од вековите секогаш имало Прометеи кои се свеста и совеста на човештвото. Тие како блесок на грандиозен факел го осветлуваат правиот пат низ времето и ѕвездените мориња. Тоа се оние, познати од историјата, нескротливи слободарски личности, нурнати во чистотата на своите мисли и мотиви. Тоа се луѓе кои не сакаат да им веруваат на глобалните пропагадни и религиозни лаги, не сакаат да се покорат на „законите“ на сеопштата ропска условеност, луѓе кои дејствуваат со јуначка сила на својата волја и ум, против стварноста на своите животни околности во кои владее мракобесие. Низ нив прозборува нескротливата сила на човечката убавина, на човечкиот морал и човечката вистина, на сите оние нешта кои човекот го одвојуваат и разликуваат од човекојадецот. 
 
Овие Луѓе-прометеи се зафатиле со титантската задача да пристапат кон измена на животните услови, кон надвладување на наметнатите стравови, кон отстранување на гладтта и колежите, и се обидувале и ќе се обидуваат да го преобразат сегашниот кучешки живот на апсолутно огромниот број од луѓето, во живот достоен за живеење. Тие се водат од мислата дека сегашниот неолиберален свет е криминална негација на хуманизмот, а дека, наспроти тоа, потребен е свет во кој човечкиот живот нема да биде експлоатиран, искористуван и жртвуван за туѓа среќа и задоволство, туку сите ќе живеат како рамноправни и слободни луѓе. Затоа, овие Прометеи на слободата и на возвишената правдољубива свест и совест не само што ја заслужувале и ја заслужуваат почитта од сето човештво, туку треба да ја имаат и сета можна поддршка во нивната праведна и хуманистичка борба.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани