За храбрите и кашата! (пишува Валентин Груевски)

Април 08, 2021

 

     Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола        

                Невидливиот непријател како што многумина го нарекуваат КОВИД -19, е најголемото зло што му се случило на човештвото, а кое ќе го паметат сегашните генерации. По бројот на изгубени човечки животи  кои ќе ги предизвика, по бројот на здравствени нарушувања и по штетата која ќе ја предизвика на економијата, мислам дека далеку ќе ги надмине последиците од двете светски војни. Факт е дека ова не бира ни вера, ни нација, ни возраст, ни општествен статус, а во овој бран не ги бира ниту годините.

                Во војната има и од каде да се пазите, знаете отприлика и каде се наоѓа непријателот, некогаш можеби и ќе го гледате, ама овде, знаете дека постои, знаете дека немилосрдно убива, познавате многу луѓе кои ги оштетил, а и многу кои ја изгубиле  битката со него, сакате да внимавате и да пазите, ама ниту знаете од каде, ниту колку, се Ви е непознато, ама Вашите познаници и блиски заминуваат

                ,,ХРАБРИТЕ“

                „Храбрите“ кои на почетокот на оваа здравствена криза говореа за обична настинка, говореа за лага на корумпираните лекари, не сакаа да носат маски, зборуваа против вакцинирањето, зборуваа за наместени слики од болниците и голема светска лага, морам да признам дека се малку стишени и заќутени. Сега  се во многу помал број, и сеуште глумат дека не се исплашени, и уште тврдат дека се ова ќе помине за десетина дена, како и многу други работи, ама ногавиците силно им се тресат при  самото спомнување на вирусот.

                На почетокот и сите ние анализиравме и кој од каде се заразил, кој со кој бил во контакт, а лицата за кои ќе се дознаеше дека се позитивни, безмалку јавно беа жигосувани и ,,осудувани“ за нивната мака. Не дека таа нализа нешто помагаше, ама сите ја бараа причина заради  која некој се заразил, и си бараа поткрепа дека тоа нема да им  се случи ним. Не беа ретки ни повиците за јавно осудување, па дури и палење  на една болница и безмалку демолирање на Епинал. Не знам какво им е чувството сега, ама барем да се срамат од тогашните постапки, а сигурен сум дека нема да се извинат за тоа што тогаш го пишуваа.

                „КАШАТА“

                „Кашата“ во која се наоѓаме  сите заедно, а од која сите заедно ќе излеземе, не зависи од поединци и од лекарите, сестрите, министерот, владата. Брзината со која ќе излеземе, цената која ќе ја платиме за тоа излегување, може да биди и поспора и поскапа. Може да биди и побрза и поевтина. Ама зависи од нас, зависи од нашето однесување, од почитувањето на она што  ќе го препорачаат  здравствените работници, а не квази докторите и квази експертите од социјалните мрежи.

                Битола во моментот ги живее најтешките денови од почетокот на здравствената криза. Голем број на заразени, голем број на хоспитализирани, голем број на починати. Болничките креветите се преполни, а брзо се полни и новата модуларна болница. Страшно звучат апелите на медицинскиот персонал, на луѓето кои секојдневно се борат со болеста, и кои директно ја гледаат нејзината подлост и убиственост.

                Да завршам со една реченица, која се употребува во различни ситуации во последните години- Ако не се држиме сите заедно, ќе висиме сите одделно!

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани