АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ПР ВОЈНА
Во денешниот модерен информациски свет, во кој брзината на информацијата е многу ,,побитна“ од нејзината точност и прецизност, често пати, ако не и секогаш, победник во таканаречената ,,војна на информации“ е оној кој побрзо ќе ја пласира својата вистина, оној кој прв ќе ги соопшти своите аргументи и тези, оној кој својата вистина ќе ја ,,поткрепи“ со свои полувистини, полутврдења, полупроверени факти, а не оној кој ја зборува вистината, оној зад кој се аргументите и фактите.
Познатата изрека која вели дека „дури вистината ги облече чевлите, лагата три пати ќе го обиколи светот“, во денешниот информациски свет се надоградила и го зголемила своето влијание. Денес дури и вистината, неретко, и не стига да ги облече чевлите, затоа што се откажува, бидејќи лагата не три, туку неколку пати го обиколува светот, а веќе втората лага наголемо е пратена и почнува да кружи.
ДЕНЕС
Денешното време е многу побрзо и се храни со информации во минута, ако не и во секунда. Во денешната политика, победник е оној кој прв ќе ја пласира информацијата. Ако истата, најмногу за два до три саати не ја демантирате или ја разобличите, тогаш таа влегува во ушите на гласачите и станува вистина. Немате време за чекање, за одмор, за демант утре или по три-четири дена. Ако не реагирате одма, Вие сте ја изгубиле битката, а не сте ја ни почнале.
Пред триесетина година, со една информативна емисија во текот на денот во 19.30 часот, со една политичка емисија после завршувањето на главниот дневник, со влијание на дневните и неделните весници за што се имало и цели денови за реакција, денес тој луксуз никој го нема, а особено тоа го нема власта. Кога секоја секунда се измислуваат афери, лажни вести, кои и самите измислители ги забораваат, брзината на реакцијата е најбитната работа за ширењето на вистината.
СВЕДОЦИ
Сведоци сме деновиве на безброј измислени афери, на правење случаи секаде, и онаму каде што ги нема, и онаму каде што реално ги има, ама секогаш сето тоа придружено со уште илјадници дополнителни елементи, како искривувања, етикетирања, потценувања, пропратено со некое заканче и некоја скриена желба. Мојот впечаток, што не мора и да е точно, е дека власта и државната и локалната ја губи ПР војната. Ама, не затоа што нема „оружје“ и аргументи, туку затоа што споро се делува и се остава премногу слободен информациски простор за ширење на лажни вести, паники и заговори.
Ако во овој момент, не во овие или во идните четири години, туку точно сега во Битола со општински пари се гради Стадион, Офицерски, се реконструира спортската сала, се завршува кугланата, улиците Илинденска, Крушевска република(покрај стадионот), Рузвелтова, Смилевски конгрес, Борис Кидриќ, нова градинка во Касарната, нова фасада во Коца Василева, патот до Барешани и до Острец, патот до Буково, училиштето Тодор Ангелевски, нови павилјони во Градскиот пазар, во Економското училиште се менуваат прозорци, врати, паркет, подземни контејнери на Васко Карангелевски, кошаркарите играат дерби за прво место со Работнички, фудбалерите и ракометарите се одлични, не смее, не можи, не е дозволиво ,,војната“ со информации да биде изгубена.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија