Пишува:Александар Литовски
За време на враќањето на нашите простори во варварство, што трае, ете веќе повеќе од триесет години, со антикомунистичките баења од племенските шамани, попови и оџи, и со паганските ритуали на жртвување на луѓето и држава на олтарот на профитот и капиталот, дојде со фундаментална реформа на некои научни и уметнички дисциплини, пред сè, на историјата, која претрпе голем број на ревизии, како што велеа – „препрочитувања“, така што таа повеќе не личи на себеси. Таа, всушност, се претвори во предмет на политикантско изживување од страна на разни националистички и клерикални лудаци, финансиски помогнати од партиите, тајкуните, црквите и џамиите. Или поинаку кажано од – мафијата!
Политичката граѓанска каста и за неа прикачените „бизнисмени“ и „интелектуалци“, главно, се занимаваа и се занимаваат со одземање на парите од граѓаните, со (до)приватизација на имотот и земјата од државата, но и со одземање на достоинството, честа, чесноста, иднината и надежта на жителите на ова наше убаво парче земја. Во време на оваа наша „првобитна акумулација на криминалот“, со помош на политичката „елита“, религиозните заедници, исламската и православната, но и со асистенција на граѓанската и националшовинистичката „интелигенција“, се изврши универзална релативизација на вредностите по која лагата стана вистина, ропството стана слобода, а злосторниците станаа – херои. Вистината, во аристотеловска смисла, е убиена, вистинската хуманистичка еднаквост, политичка и социјална, исчезна од етичкиот кодекс, а македонизмот се најде на секојдневен удар како „комунистичка измислица“ на Тито и Колишевски. Бугарскиот шовинизам, од последниве години, само дополнително го потенцира, она што нашите врховисти и десничари го работеа и блебетеа од раните деведесетти наваму.
Граѓанските владеачки структури се обидуваа да најдат механизми за „демократско лоботомирање“ на младите од „марксистичката пропаганда “ и „канцерогената“ идеја за некаков самоуправен социјализам, а сè со цел да ги придобијат, или за глобализмот, или за национализмот по големоалбански или големобугарски маштап, како основа за иднината. Најголем дел од самонаречените либерални „левичари“, поврзани со западните политички, бизнис и невладини кругови, иако ја влечеја својата економска и политичка моќ од социјалистичкиот период на развој на државата, сепак како своја основна идеолошка детерминанта го прифатија антикомунизмот, а не антифашизмот. Ова беше во согласност со нивната одвратна конвертитска, политичка и интелектуална, мимикрија која требаше да ги „квалификува“ пред нивните газди во евроатланските институции, кои имаат „скриено“ профашистичко и нескриено, изразито, антикомунистичко дејствување. Впрочем, како и пред Втората светска војна, насекаде низ Европа во граѓанските „леви“ и десни политички кругови беше силно присутен антикомунизмот, а тој никогаш не беше придружуван од антифашизам. Со други зборови, пронаоѓањето во марксизмот и комунизмот за „најголеми зла“ во нашето време, по правило се произведува помирувачки однос кон неофашизмот и го овозможува неговото јакнење како идеологија и практика. И, тоа, кога-тогаш, на сите ќе ни се скрши од главата.
Згора на сето тоа, преку антикомунистичкиот ревизионизам од наследниците на некогашните големобугарски фашисти и големоалбански балисти, а кој го поддржаа, толерираа и спроведуваа скоро сите политичко-криминални кланови што во изминатите триесеттина години владееја со македонската држава, се започна со постепено уништување на македонизмот, како идеологија и пракса на борбата за афирмација на чистиот македонски национален идентитет. И за тоа „убиство на рати“, неофашистите и мафијашките политичко-финансиски кланови, составени од дилери на дрога и оружје, разузнавачки платеници во ликот на наши универзитетски професори, економисти, писатели, историчари, академици, православни епископи и муслимански оџи, правници, разни функционери низ поголемите политички партии и друг општествено-политички отпад, ги користеа сите расположиви ресурси, сите финансиски и интелектуалните потенцијали.
Овие мафијаши и национални одроденици знаеја и знаат дека за да ловат во матно, прво мора да ја заматат бистрата македонска национална свест, негувана претходните четириесет и пет години. Затоа, „интелектуалните ревизионистички единици“ на македонскиот политичко-мафијашки картел работеше, деноноќно, на создавање на националшовинистички програми и на спроведување интензивна антикомунистичка и анти-антифашистичка пропаганда. Целта беше да се создаде целосна забуна во главите на луѓето, да се искриват сите концепти и идеи за еднаквост и правда, да се создаде ментална збунетост кои сме и што сме, да се посее дефетизам во државотворниот капацитет, да се соборат основните етички норми и да се атрофира способноста на нашите луѓе грдите и антимакедонски нешта, како фашизмот и антимакедонизмот, да ги наречат со вистинското име. Како резултат на овој триесетгодишен малоумен атак од економско-политичката мафија, дојде млаката реакција на неофашистичките и шовинистичките глупости од „официјална“ Бугарија, а македонската држава се наоѓа пред целосно неизвесна иднина.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)