АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА
Голем број се областите во кои оваа власт постигнува многу подобри резултати отколку тоа што го правеше минатата власт и сето тоа само во четири години, во споредба со претходните дванаесет. Претходните недели пишував за образованието и за детските градинки, денес ќе се обидам да објаснам некои случувања во јавните претпријатија во градот и резултатите кои се случуваат во нив.
Не смее да се заборави дека скоро една и пол година, работат во неекономски услови, под притисок на здравствената, а во исто време и на економската криза, со затворени граници, со ограничени економски ресурси, со редуциран човечки кадар, под постојан притисок и со неизвесна пазарна иднина, со скратено работно време и со ограничено движење. Дел од јавните претпријатија особено ја почувствуваа кризата, а најмногу ги погоди „Пазари“ и „Паркинзи“.
„ВОДОВОД“
Е најголемото јавно претпријатие во градот. Стабилни финансии, намалени трошоци по сите основи, нова механизација и зголемени плати. Најголемата инвестиција, новата управна зграда, сместена во Стопанскиот двор на претпријатието, ќе го ослободи Водовод од киријата, од големите сметки за затоплување и ќе го направи целото претпријатие поефективно и поефикасно, а бидејќи се ќе биде на едно место, контролата ќе биде поголема и порационална. Обвинувањата за несоодветноста на локацијата и дека не треба да се гради е само обид за барање на „влакно во јајцето“ и желба за некакво па макар и небитно медиумско внимание.
„Комуналец“ е претпријатието кое во овој период беше цел на многу критики од страна на опозиционите советници. Критиката некогаш може да биде и мотивирачка, а мислам дека кај „Комуналец“ беше токму таква. Претпријатието успеа да ги зголеми платите за скоро 20 проценти, набави солидна механизација, факт е дека градот ни е многу разубавен и разеленет, за прв пат добивме и подземни контејнери, а сосема успешно и брзо го спроведе и проектот за ново ЛЕД осветлување на градот. Битола доби и голем број на нови уредени паркови за деца, меѓу кои и еден природен и полигон за кучиња.
„ПАЗАРИ“
Е претпријатието со најмал број на вработени. За него можеби и може и да сум пристрасен, бидејќи дваесетина години работам таму, ама фактите се следни. „Пазари“ инвестираше од сопствени средства над пет милиони денари и стана првото претпријатие кое произведува електрична енергија за сопствени потреби, ама и продава вишоци, доби нова енергетска фасада, комплетно го промени осветлувањето и во пазарот и во управната зграда, а со помош од Општината и Владата гради скоро нов современ и модерен пазар.
„Нискоградба“ ги остави загубите далеку зад себе во минатото и земањето на кредити за плаќање на редовните обврски е само лошо сеќавање. Зголемени плати, исто така нова механизација, брза реакција на проблемите, стабилна финансиска состојба, намалување на трошоците се дел од она што го карактеризира претпријатието. Учеството во сите поголеми општински проекти и квалитетно извршување на работите станаа карактеристика на претпријатието.
Иако најмладо, „Паркинзи“ е претпријатие кое ги надмина сите породилни маки и успешно плови, а и неговите резултати се веќе видливи за сите.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на Либерално-демократската партија