АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Стојан: “Учи ме мајко, карај ме,
како да ја земам Лиљана,... ”
Мајката: “Направи чешма шарена,
сите другарки ќе дојдат,
белки и Лиљана ќе дојде”
Епилог: Стојан повикал триста мајстори,
и чешма шарена направил,
и вода дотекла студена,
сите девојки се собрале,
ама, кучка Лиљана, не дошла,...
Џабе чешмата. Лоша проценка за инвестиција, џабе пари фрлени...
Ова е сижето на една голема љубовна приказна од пред неколку векови. Гледате и сами дека некои работи и после толку многу години – не се менуваат. Исти се. А денес, содржината на песната звучи толку современо и модерно, како сега да е напишана. С`е е исто. Нема разлика. Единствена разлика е амбиентот (опкружувањето) т.е. сценографијата и костимографијата. Денешниот “Стојан” е ист како оној од минатото, веднаш ќе го препознаете. Човек што трча по лажни вредности и човек што не знае како да ја оствари својата цел.
Ќе се обидам љубовните јадови и страдања на тогашниот Стојан, да ги “преведам”, на денешен современ јазик, со современа сценографија и костими, и со денешниот “Стојан” во главната улога.
Стојан: “Учи ме мајко, карај ме, како да ја земам Лиљана,... ”
Мајката: - Земи ја синко вечер “Мечката” на тато, сврти два круга и паркирај ја пред “Расчекор”. Сите девојки ќе те видат, белки и Лиљана ќе те примети,…
Стојан: - Браво мамо, една си ! Многу те бива. Така ќе направам,...
И Стојан “мечката” ја зел, и два круга свртил и паркирал,... ама,.....ама, кучка Лиљана, “од ремен не го удрила”. Различни табиети.
Токму така. Во животот (дали бил пред многу векови или денес) постојат само ДВА изборa; Или ќе го “билдате” паричникот, или ќе го “билдате” умот. Трето – нема. Изборот е Ваш, и САМО Ваш.
И христијанството, како религија се темели на овие ДВА избора. Во КРСТОТ Исусов, се содржат и умот и паричникот. Вертикалниот дел на крстот, духовноста и образованието (умот), и хоризонталниот дел, алузија на земниот живот, т.е. материјалните богатства, - паричникот.
Како Моцарт и Салиери, како Тесла и Едисон, како Лиљана и Стојан. Првиот од двајцата “вертикален”, вториот “хоризонтален”.
Не знам, но можеби Стојан ќе имал поголем успех кај Лиљана, ако наместо трошење пари – напишел песна или љубовно писмо. Или, ако наместо губење време и безделничење, изучел за Инжињер, и сам ја изградел чешмата.
Можеби неговата “чешма”, немало да е толку скапа и шарена како во песната, но, сигурно би била единствена и уникатна – неповторлива ! Оти, ВИСТИНСКИТЕ “ракотворби” (на денешен јазик: проекти) не се прават со радост и забава, туку со чемер и болка. Со љубов и чувства осмислени, со солзи и тага изградени.
А, има ли нешто поубаво, има ли нешто подрагоцено и повозвишено од тоа, кога сами ќе направите нешто и на тоа ќе се потпишете ?
Само по тоа ќе не запаметат генерациите после нас.
По сработеното и по своерачниот потпис !
Дипл.инг.арх. Зоран Николовски