2win800x200

МАРСОВЦИТЕ ДОАЃААТ

Септември 27, 2017
  1. Во „Ноќта не вештерките“ во 1938 година, радио-драмата „Марсовците доаѓаат“ емитувана на една американска радиомрежа, предизвика паника, сообраќаен хаос, луѓето се дадоа во бегство, телефоните рикнаа, избија немири. Сите мислеа дека малите-зелени навистина слетале на Земјата!

„Марс напаѓа“ е име и на филм (1996), црна комедија и научна фантастика. Демек, марсовци доаѓаат на Земјата, претседателот на САД сака мир со нив, но тие напаѓаат, уништуваат се`: Статуата на слободата, Ајфеловата кула (Скопје 2014 тогаш не беше измислено)... од Земјата прават партал. Еден од главните личности оди да ја спаси баба му, а при тоа открива дека од свирењето песна („Indian Love Call“), на марсовците им експлодира мозокот. Планетата е спасена!

  1. Референдумите на кои ДПМНЕ-то бара да се изјасни народот дали прифаќаат или не мигранти, не е научна фантастика. Само комедија. Црна! Но, како и во претходните два случаи, народот си верува во приказни, иако сите знаат дека во Македонија вечна, пес да врзиш -ќе избега!

Знаат и тоа дека и Битола умира. Градот на клавирите и конзулите... ај сеа да не претерувам, ама сепак, градот кој беше центар на регионот со развиена индустрија, земјоделие, градот на спортот, културата, образованието, театарот, скијањето, едриличарството и падобранството, алпинизмот... сега кога одбележува 26 години државна независност и сувереност  е град на кафичи. И на кладилници. (Слушам дека некојси Курто од новата власт почнал да се занимава со тоа, зашто, нормално, Мурто полека отпаѓа од игра).

Ако пред 15-16 години во Битола имало 10.100 ученици во основните училишта, лани таа бројка била 7.759. Пелагонискиот регион во 2001 имал 25.767 основци, лани бројот паднал на 19.871! Логична последица на состојбите: Никаков стандард; Корумпирани институции; А правда, работа, кариера  се` со партиска книшка!

  1. Кој мигрант ќе сака да остане овде? Ситуацијата најдобро ја отсликува еден твит, кој вели вака: „Праеф муабет со еден мигрант од Сирија и ко му кажаф колку ни е платата овде, почна да ме жали и вели, брат, ај со мене Холандија!“

Настрана што, сега-засега, мигранти нема. Ни Марсовци. Сега-засега.

  1. На сите ни е јасно дека референдумите се во функција на локалните избори.Таа ДПМНЕ-овска финта не е за потценување, зашто ксенофобијата и национализмот секогаш давале резултат. Од друга страна имаме килава власт која место во апс, на клучни позиции остави многумина од претходната гарнитура. Кочан и натаму си фаќа тендери во РЕК. Анѓушев се правда дека и неговите фирми имаат право да добиваат бизниси, исто ко вмровските функционери кои велеа дека и нивните деца имаат право да се вработат. Особено во јавен сектор, се разбира.

Меѓу новопоставените пак, има едно чудо проблематични кадровски решенија. СДСМ оддолговлекуваше и со избор на кандидати за градоначалници, па остави простор за внатрепартиски кавги до степен „мајчешајче“. СЈО го нема. Како Катица, Ленче и Фатиме, марсовки да биле.

Истовремено, ДПМНЕ-то ја зачува  партиската структура со војнички дисциплинирано членство. Полно е со пари ко брод! И мотивирани се, зашто би изгубиле многу: едни работното место (затоа што го добиле по партиска линија), други слободата. И нормално дека  ќе трчаат на овие избори како никогаш до сега! И референдуми ќе бараат, ќе гласаат, ќе врбуваат луѓе демек против мигрантите. Инаку се демохристијани, кои ако (случајно!) имаат две кошули, едната ќе му ја дадат на ближниот. (Тоа не важи за становите).

  1. Заев пак, новото милениче на Западот, ко волшебникот од Оз почна да ги решава проблемите со Бугарија, грција... а со Србија пак, за само 24 саати! Надвор офанзивно, ама дома дефанзивно. Случајно?

Не ќе да е така. Експертите и аналитичарите често зборуваат за „големата слика“. Во неа ние треба да сме дел од НАТО и западните структури. А за тоа, треба договор со грција. Името демек. Менување е можно само со внатрешен консензус, што значи дека и ДПМНЕто ќе треба да стави параф. Нешто слично како со Рамковниот. Што конкретно му е ветено на Грујо за таков консензус, дали некаков договор од типот Холбрук-Караџиќ, не знам. Но знам дека на локалниве избори резултатот ќе биде ни мој ни твој, како дел од тој договор. Оние што веруваа во шарени револуции ќе се разочараат, исто како патриотите во моментот кога нивниот лидер ќе се согласи за промена на името.

  1. Сите ќе бидеме подразорачарани, исто како и оние кои ептен веруваа во марсовци, а потоа испадна дека ги нема. Туку, нека дојдат барем мигрантите, што побрзо, па да не свлечкаат со нив Холандија.

(„Его“, С. Алушевски, 8.9.2017)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани