Европскиот бродолом, бугарскиот фашизам и македонското самоукинување  

Јули 04, 2021

Пишува: Александар Литовски

 
Што се случува со Европа денес? 
Европа тоне. Денес, Европа се навалила како Титаник пред потонување во дното на империјалистичката геополитика и фашистичката кал. Целата е закосена и ја преплавуваат опасни бранови од валкани националистички идеи и идеали. Едниот дел од нејзе е веќе потонат во плимата од фашизација, бирократизацијата, нетолерантност, популизам, нефункционалност и ситни парцијални интереси, а другиот дел се издигна над површината, па јарболите на кои се закачени знамињата со големите ветувања за „подобро утре“ и „просперитет“, сè уште, иако подискинати, извалкани и истуткани, стрчат на хоризонтот. Всушност, ништо не стои исправено во Европа. Таму ништо не е стабилно, добро и чесно. 
 
Постои, сега за сега, само желба да се создаде една Европа која ќе биде брод на стабилноста и перспективноста. Но, сè уште, се чека главниот морнарички капетан, кој ќе биде истовремено непогрешливиот кормилар, што ќе успее да го одведе бродот Европа подалеку од хаосот на нестабилноста и од сервилноста кон големиот брат отаде Атлантикот. Кормилар кој ќе се запати со бродот Европа спротивно од сцилите и харибдите на фашизмот и империјализмот. Кормилар кој ќе плови кон мирните води од огромниот океан на прогресот, праведноста, умноста и хуманоста. 
 
Наспроти, таквите желби, стварноста на бродот Европа, денес, сведочи дека тој брод се движи од кормилари, кои  се идеолошки инвалиди и политички слепци. Таму, дури, и историјата ја пишуваат, од позиција на политичка сила, идеолошки заслепени лица. Тоа се потомците на истите оние психопати и дегенерици кои го овозможија успехот на фашизмот. Оној „успех“ кој само во Европа, и кој само во текот на Втората светска војна, однесе над педесет милиони жртви. Тоа се слични идеолошки фундаменталисти на оние германски есесовци кои сметаа дека се некаква виша раса која воспоставува Нов светски поредок. Психопати кои немаа никакви етички „кочници“, кои ладнокрвно убиваа и газеа, кои не почитуваа ничие право на живот, самоопределување и суверенитет. 
Денес дел од тие потомци на фашизмот закотвени во власта во Бугарија и низ бриселското бирократско потпалубје, се безмилосните нови „есесовци“ кои атакуваат на македонската историја, нација и држава. Поинаку кажано, денешнава предаторска и фашизоидна природа на Европа, најјасно се гледа со поттикот и поддршката на националшовинистичката политика на Бугарија кон малата Македонија и кон Македонците. Политика која, фактички, е само продолжение на онаа бугаро-окупаторска политика од четириесет и првата!
 
Затоа, како поинаку од расизам, националшовинизам и шизофренија би се нарекла европската поддршка на бугарското барање сегашната македонска држава да потврди „дека не постојат историски, етнички и други основи (!!!) за барање статус на малцинство за која било група на луѓе кои не се нејзини државјани на територијата на Република Бугарија“? Оваа фашизоидност е слична на онаа од бугарските власти кои во средината на минатиот век им ги одземаа граѓанските права на Евреите, за која издржано, со научна акрибија пишува Здравка Крстева во своето дело „Правни аспекти на државната антиеврејска политика во Царството Бугарија“. И, кој тоа во Македонија со „пенкало“ ќе избрише живи луѓе, кои во Бугарија сосема самосвесно се декларираат како Македонци? Со кое право македонски политичар би го направил тоа? А, зошто во оваа точка македонската страна не би го барала истото од Бугарија: да потврди „дека не постојат историски, етнички и други основи“ за постоење на Бугари во Македонија? Реципроцитет! Или, можеби, ќе имаме право да бараме, на пример и ние од Албанија, да признае дека „не постојат историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство“ на Албанците во Македонија? Кои небулози испорачува бугарскиот антимакедонизам и кои сè небулози е спремна да прифати „мудрата“, „демократска“ и „цивилизирана“ Европа? 
 
Како поинаку од расизам, националшовинизам и шизофренија би се нарекла европската поддршка на бугарското барање сегашната македонска држава „да започне процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани на нејзината територија поради нивната бугарска самосвест“? Зарем „демократска“ Европа, особено онаа која даваше бројни жртви во борбата со фашизмот, не знае дека такви „бугарски жртви“ не постојат? Зарем се толку необразовани денешните Европејци, па да не знаат дека ваквото барање е кукавичко јајце за да се рехабилитираат соработниците и директните спроведувачи на германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашизам? Или знаат, ама сакаат да го рехабилитираат фашизмот? 
 
Како поинаку од расизам, националшовинизам и шизофренија би се нарекла европската поддршка да се исполни барањето за „идентификување заедно со Бугарија и отстранување на знаци и натписи на територијата на Република Северна Македонија, што предизвикуваат омраза кон Бугарија и Бугарите“. Кој идиотизам, кое кршење на македонскиот државен суверенитет и интегритет е евентуалното „идентификување  заедно со Бугарија“ (!!!) на натписите на спомениците? Европа би поддржала, слични такви пракси на „идентификација“ во други Европски земји? И, кој во Македонија ќе дозволи на македонска територија да дојдат некакви идеолошки цензори од Бугарија за „знаци и натписи“, за спроведување на некаква „бугароманска чистота“ кај историските споменици? Зарем има некој толку многу луд и одроден македонски политичар кој би прифатил некаков ограничен суверенитет за сметка на големобугарската шизофрена фикција?
 
Како поразлично од расизам, националшовинизам и шизофренија би се нарекла европската поддршка на бугарското барање содржината на македонските учебници да се „прилагоди со Бугарија со цел објективно да ја рефлектира нашата заедничка историја“. Европа треба да знае, и знае, дека не постојат „образовните содржини што поттикнуваат омраза кон Бугарија“, исто како што не постои „заедничка историја“ на Македонија и Бугарија. Секако, освен во краткотрајните несреќни периоди на окупација на македонската територија од страна на бугарската држава. И, зарем некој во Европа се сомнева дека чист фашизам е барањето да се пишуваат учебници во туѓа држава? И, навистина, има ли некој од европската бирократија, при здрава памет, да ја принудува Македонија да го исполни ова фашизоидно и антицивилизациско барање? 
 
На крајот, прашањето на кое Европа ќе треба да одговори пред самата себе, но и пред Македонците, е: навистина ли смета дека е возможно на барање од Бугарија, Македонците и Македонија инационално и државно да се самоукинат? За жал, се чини дека на „случајот Македонија“, повторно, Европа преживува бродолом на правдата и паметта!
 
 
 
 
 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани