Зборот е ХРАБРОСТ! (пишува Валентин Груевски)

Јули 16, 2021

 ПРИКЛУЧИ СЕ

                На македонската политичка сцена пред два дена никна едно ново движење, чие главно мото е „Приклучи се“, а носители на движењето се Либерално-демократската партија и ДОМ, значи една декларирано либерална, и една „заколната“ зелена партија, парламентарни партии и партии кои се дел од тенкото владино мнозинство, а  во општините каде имаат советници се дел од локалната власт, а на национално ниво, можеби не многу, но сепак имаат  одреден број на функционери.

                На промоцијата се рече дека се спремни и ја оставаат отворена вратата за соработка за сите невладини организации, за сите граѓански активисти, за сите кои не се членови на партија и за сите партиски членови кои сакаат да направат промена, подобар и поквалитетен живот, кои сакаат да го средат сообраќајниот хаос, да создадат урбани и зелени градови, да живеат овде убаво исто така што се живее надвор, да дадат идеи и заеднички да ги реализираат.

                ХРАБРОСТ

                Е зборот кој може да го опише ова движење. Некој ќе рече што е тука храбро? Храбра е самата идеја за настап на избори надвор од двата големи блока. Храброст е, иако сте власт да настапите самостојно и да ја барате довербата од граѓаните и да си ја потврдите на избори, а сте имале можност истото тоа да го добиете од поголемиот брат, многу полесно и многу порелаксирано, ама ако сте ја одбрале борбата за потврда на Вашите вредности, тогаш вистинскиот збор е храброст. Ако ризикувате дека со ова ќе  ги изгубите и она малку позиции кои ги имате, тогаш покрај храброста ја имате и вербата во своите можности и своите луѓе и влегувате во политичкиот ринг.

                Движењето е храбро бидејќи покрај на двата  големи партиски блока, ќе мора задолжително, да се спротивстави на појавата на едно опасно радикално фашистичко движење кое се појавува, и кое го користи секој момент, секој настап за фрлање опасни тези во кревкото македонско се уште незалечено ткиво, и истото  единствено што познава се блокади, малтретирање, навреди, понижување кон се она што е надвор од нивната матрица и нивното разбирање на државата. Ако воопшто и ја разбираат.

                БИТОЛА

                Се разбира, како претседател на Советот, и член на Либерално-демократската партија Битола е мој интерес. Приклучи се, во битолскиот Совет има три советници и мое мислење е дека тој резултат ќе биде во најмала рака  повторен. Повторен затоа што афери немаме, затоа што се работи чесно и одговорно, затоа што никого и нигде не посрамотивме. А секој кој знае барем малку политика знае дека три советници на посебна листа, вредат многу повеќе од три на заедничка листа.

                На крај уште едно прашање кое деновиве и мене лично, а и на моите сопартијци најчесто ни го поставуваат. Ќе му помогнете ли на ДПМНЕ да се врати на власт ? Ако тоа го сакавме немаше 12 (и со букви: дванаесет) години да бидеме во опозиција и жестоко да го критикуваме додека беше на власт. Многу порано ќе му помогневме. Ние на следните избори ќе се бориме за нашите гласови, за нашите политики, за Битола. И, за никој друг!  А политиките на чесност, на одлучност, на смелост и храброст ќе продолжат и во наредниот совет.

                Затоа што #Битолаеградот

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола, член на  Либерално-демократската партија  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани