2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Лажните ослободители и лажната слобода

Јули 18, 2021

Пишува: Александар Литовски


Нашите денешни ослободители, нè ослободија од слободата. И од правдата! Нè ослободија и од рамноправноста и еднаквоста. Нè ослободија, денешниве наши ослободители, од „напорното“ мислење со сопствена глава. Тоа „перење на мозокот“ го направија и го прават со помош на модерното образование, неолибералната културна хегемонија и сеприсутната пропаганда, па сега тие мислат наместо нас и ни сервираат што е добро, а што лошо. Нашите современи ослободители нè ослободија дури и од љубовта, а како замена ни ја понудија проституцијата. Нè ослободија од чесноста и ни ја заменија со криминал. Се чини на пат се да нè ослободат, за наше добро, секако, и од сите останати доблесни чувства и карактеристики како што се достоинството, благодушието, пристојноста, гордоста, добрината и лојалноста. Денес, всушност, чувствителноста, од нашите ослободители, е сведена на лажна хуманистика и „народни кујни“, на лигава квазиљубовна патетика преку површна поетика, на прости твитер-статуси во кои агитаторски се изразува љубов, смеа, среќа, незадоволство, болка...

Нашиве ослободители, еве веќе цели триесеттина години, нè ослободуваат, катадневно, од еретичките мисли и грижи за Човекот и нè прават „среќни“, со единствена грижа за здравјето и проблемите на малкумина богати тајкуни, спортисти и филмски ѕвезди. Секако, нè ослободија и од грижата за некои „непознати“ мажи и жени кои немаат питка вода и храна, па страдаат и умираат насекаде по планетата Земја. Сега треба да се грижиме само за квалитетот на кокаинот, шампањот и кавијарот кои ги конзумираат разните „благородници“, принцови и принцези, лордови и шеици... Нè ослободија од храброста, заради која луѓето „страдаат“ и ни ги „подарија“ страшливоста и дефетизмот. Направија луѓето да треперат и се плашат од „семоќноста“ на Господ и од онаа славна „непобедливост“ на евроатланските воено-политички структури, заради што скоро никој не сака да знае за неправдите и масовното страдање, а уште помалку некој сака да се бори против против потчинетоста, експлоатацијата и нееднаквоста. Луѓето, дури, се плашат да го кренат својот глас на протест заради непотребните страдања и умирања во разните војни за моќ и пари.

Денешни наши ослободители, нè ослободија и од парите. Во нивна полза, се разбира. Не ослободија од социјализмот кој практикуваше „некаква општествена сопственост“, која беше „непродуктивна“ и инволутивно нè вртија во „продуктивниот“ капитализам, со неговите „благодети“ како што се експлоатацијата, корупцијата и организираниот криминал. Ни создадоа тајкуни и „бизнисмени“ кои си ги присвоија фабриките, машините, банките и плодородната земја, кои се збогатија, а ние станавме „среќни“ заради нивното богатство. Нè ослободија од социјалистичката демократија и нè втурнаа во „прогресивната“ чичолина демократијата. Не ослободија од лошото „социјалистичко здравство“ кое беше бесплатно и квалитетно за сите, за денес огромното мнозинство да сме мртовци кои се движат и да сме „среќни“ што само малкумина пациенти луксузно и квалитетно се лечат во приватни клиники. Нашите ослободувачи нè ослободија и од бесплатното неквалитетно „идеолошко“ образование и нè „облагородија“ со денешново „европско“ образование, кое не само што чини пари, туку е „демократско“ – секој што ќе плати завршува факултет, или се стекнува со магистерска и докторска титула!  Едноставно кажано, го збришаа и нè ослободија од знаењето кое „обременува“ и ни го заменија со идеолошки предрасуди, интелектуална затуцаност и библиско „блажено“ незнаење.

Веќе триесеттина години, и во светот и кај нас, „ослободителите“ сосема очигледно, нè ослободуваат од наводно „идеологизираната“ историја и меморија. Наспроти тоа, тие сега се во „демократски“ процес на „научна“ десничарска митологизација, тотална политизација и интензивна функционализација за олеснување на светското господство на капиталот и неговите политички и државни институции. Дури и во забрзан процес на комерцијализација, во кој се преработуваат и прилагодуваат за употребата во туристички цели и создавање профит. Со сите тие процеси претставите за минатото ја губат својата научна димензија и објективна суштина и, сè повеќе, се претвораат во произволни измислици. Следствено на тоа, историчарите, археолозите и останатите специјалисти го изгубија монополот за ексклузивно толкување на минатото од позиција на научници. Ситуацијата, пак, во која научните експерти изгубиле контрола над знаењата за проблемите од минатото, кога не го поседуваат утврдувањето на фактите, кога немаат можност сериозно да влијаат врз пронаоѓањето на доказите и изнесувањето на крајната „вистина“ за тоа што всушност се случило во минатото, фактички го раствори познанието за минатото во безграничниот океан на аматеризмот и идеолошко-политичката арбитрарност.

Нашиве денешни ослободители на пат се да нè ослободат од македонството и Македонија, оти, нè воведоа во маѓепсаниот круг на себенегирањето и себеуништувањето. Може да се забележи дека локалните ослободители и евроатлански клисари, нè ослободуваат од колективна македонска историја и индивидуалната македонска меморија. Од македонскиот национален идентитет. Нашата стварност во која историјата и меморијата беа образовно, социјално и национално еманципаторски, ни беше столчена во парампарчиња. Антикомунистичкото и антимакедонско „препрочитување на историјата“, големобугарските националшовинистички атаци преземани во координација со домашните неоврховисти, или современите делби на „патриоти и предавници“, не само што извршија релативизација на профашистичкото зло на наше локално ниво, туку нè втурнаа во вителот на идентитетското преиспитување, што се заканува да ни ја одземе одамна обезбедената национална и државна опстојба.

Од сето досега констатирано, јасно произлегува дека мора да се спротиставиме на „ослободителите“ и да ги отстраниме наводниците од „слободата“, дека треба да си ја побараме и вратиме вистинската Слобода и со неа да го замениме ова лажно и грдо „ослободување“ кое ни го наметнале современите робовладетели и нивните силеџии и неолиберални интелектуални питропи.

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани