2win800x200

Александар Адамовски-Дополнителната и додатната настава треба да биде задоволство и потреба, а не одбивност

Ноември 22, 2021

Во рамките на редовната настава, согласно Законот за Основно образование, наставниците организираат дополнителна и додатна настава за учениците, или во договор со учениците, или по распоред кој се истакнува во самото училиште со точно определен ден и термин за одржување на наставата.

Дополнителната настава, се организира за ученици кои доволно не разбрале и совладале на часот, или недоволно покажале интерес за тоа што се изучува, односно за ученици кои послабо напредуваат во учењето. Додека пак, додатната настава, има за цел да им помогне на учениците да напредуваат и да надоградуваат знаења и вештини на тие, кои што ги имаат. Во двата видови на настава, потребата е корисна и позитивна, затоа што суштината е учениците да не заостануваат, ами да го следат материјалот и секако, да напредуваат. Оттука, потребата од оваа настава е оправдана и треба да се одржува.

Дополнителната и додатната настава, не е терет, ниту измачување, ами, напротив, потреба да се помогне?

Кога се организира дополнителна и додатна настава, не значи дека треба да се остане 1 или 2 часа од редовните часови, или пред час, па на учениците да им дојде да имаат 8 или 9 час. Не е таа целта на овој вид настава. Точно дека, треба да се води сметка да не се поклопат плус часови доколку ученикот во денот има 7 часа, или плус други активности надвор од училиштето, тренинг, спремање и сл. Токму затоа, не треба да се сфати оваа настава како терет, или како одбивност, напротив, во договор со предметниот наставник може да се реализира на успешен начин. Има ученици (ретки се), кои самите бараат и сакаат организирање на дополнителен час, и секој наставник треба со задоволство да излегува во пресрет со цел да се реализира час од дополнителна, или од додатна настава. Само така, материјалот се надополнува, се стигнува со останатите ученици и не се заостанува, односно не се стои во место. Истото важи и за учениците кои се подготвуваат за на натпревари, или за учество на Олимпијади, итн... има безброј потреби кога постои искрена желба и волја. Не треба ученикот да се почувствува како „измачен“ ако дојде еден час, предчас, или ако имал помалку часови, па остане половина час, да се доразјаснат некои недоречености. Доволен е само интерес, а понатаму предметниот наставник ќе најде начин и ќе се договори за да се реализира тој час. Колку е паметно и чесно, кога ќе чујам ученикот да праша: „наставниче, мене ова и ова не ми е јасно, дали ќе може да ми објасните/помогнете“? Секако, тоа не значи, дека веднаш треба да се оди на дополнителен час, но доколку на редовниот час, тоа не се совлада, постои можност да се расчисти дилемата и да биде јасно. Сфаќањата кај сите ученици, не се исти, исто како кај возрасните. Најдобро е, кога наставникот ќе процени, или кога ученикот навистина има потреба, да се организира ваков вид на настава, чија придобивка е да дообјасни, да помогне, да додефинира, односно да се излезе во пресрет на потребите на ученикот.

Правилната организација на дополнителната и додатната настава, бележи резултат

Без сомнение, секој еден родител, дава морална поддршка и согласност во организацијата на оваа настава кога навистина неговото дете треба да донаучи и надомести изгубен материјал, или кога сака и треба да знае повеќе од тоа што го учи. Не постои пречка во добрата организација на дополнителната и додатната настава. Но, доколку нејзиното организирање, доаѓа до одбивност од страна на ученикот (макар, што не треба), тогаш веќе не се оди против желбата. Има граница до каде може да се дејствува, и толку е доволно. Никој не сноси вина и одговорност, ако ученикот не сака да учи. Таа желба се носи од мали нозе. Како еднаш ќе се стекне навиката за учење, така се носи целиот живот. Искрено посакувам, и еве, еден повик до сите ученици кои имаат потреба од овие два вида на настава, слободно, да им се обратат на наставниците, да поразговараат со нив и да се договорат кога ќе имаат дополнителен или додатен час. Нема наставник, што нема да ги разбере, или пак ќе ги одбие. Верувам дека така ќе биде. За месец дена, треба да заврши првото наставно полугодие, а потребата од поправање на оценка, исто така се наметнува... Така што, воопшто не треба да се размислува дали денес ќе ми дојдат да имам 6 или 7 часа. Сигурно, тоа е за мое, твое, нивно добро. И се разбира, дека се издржува. Ученици, кои имаат зацртана цел на училиште, се одговорни ученици. И тие ученици, не сакаат ни час да изгубат, а камоли да бидат отсутни од училиште. Понекогаш, се случува и најдобрите ученици да посетат дополнителна настава, но тоа е многу, многу ретко. Се знае, и веднаш се проценува: ученик кој си учи и ученик на кој книга не му се фаќа. Мислам дека работите можат да бидат многу подобри, од тоа како изгледаат и дека навистина со волја и желба, може да се постигне завиден резултат. Ете тоа е, успех (за почеток минимален, а со текот на времето и максимален)!

Поздрав до сите мои ученици (поранешни и сегашни)! Живи, здрави и успешни да бидете!

Срдечен поздрав и до сите мои колешки и колеги, просветари, со желба за добро здравје и успешна наставна работа!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани