2win800x200

Ин мемориам: Радован П. Цветковски ЗА ЗБОРОТ НАШ, И СОНЦЕТО, И ЗЕМЈАТА НАША, НАШИ ДА БИДАТ!

Јануари 24, 2022

Пишува: Александар Литовски

 На деведесет и двегодишна возраст, по кратко боледување, вчера почина мојот драг пријател и интелектуален, книжевен и идеолошки сомисленик и собеседник, големиот, особено за писателот Радован П. Цветковски, поет, раскажувач, литературен критичар, есеист, писател за деца и млади и фолклорист. Роден на во далечната 1931 година во селото Сопотница, Демирхисарско, доживеа длабока старост. Ама, како ретко кој негов сограѓанин, тој имаше плодороден живот. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонското научно друштво Битола, Друштвото на фолклористи на Македонија... Соработувал со повеќе македонски и странски списанија и весници: Современост, Нова Македонија, Литературен збор, Раст, Стожер, Современи дијалози, Огледало, Наш свет, Просветен работник, Белези, Млад борец, Književna Rijeka, Književno pero, Битолски весник. Книжевне новине, Спектар, Стремеж...

А каква, поправо, смисла има нашето траење во времето и просторот? Таа „премногу“ човечка мисла која се јавува кај човека, најчесто, кога е исправен пред туѓи гробови, нужно мораше да се јави и кај мене веднаш откако ја прочитав веста за смртта на мојот драг Радован П. Цветковски. И сакам веднаш да кажам: таа слика за јаловата минливост на субјектот во протокот на времето, слика во кој се испреплетуваат страдањата и радостите, е една од главните инспирации на творештвото воопшто и непресушен вруток на креативноста со векови. Тие, најчесто тешко забележливи и навидум малкузначајни, секојдневни детали, тие „јазли на душата“, растат кај Радован преку еден писателски зафат во сериозно животно творечко дело, кое го покажува не само убавото и доблесното, туку и искривоколченото и загубено човечко лице во секојдневната сурова капиталистичко-профитерска минливост. Всушност, тоа покажување и брилијантно опишување како на убавините, така и на на негативните и грди вистини, од страна на митопоетичниот Радован П. Цветковски, е надарено набљудување на животниот интензитет, на историјата, на бележење на самиот живот.

Делата на Цветковски се застапени во повеќе антологии. Добитник е на неколку значајни награди и признанија, меѓу кои и на „Книжевен жезол“ на ДПМ за 2019 година. Сета негова поезија, проза, драма, есеистика, огледи, творби за деца, раскази, научни статии и прилози, се чист доказ и показ, „отаде и одавде времето“, не само за значењето на ликот на самиот Радован П. Цветковски, туку и за виталноста на македонската традиција, на македонскиот збор, на Македонецот, на македонизмот...  

Ме погоди, страшно ме погоди смртта на Радован. Отсекогаш, ми беше писателска величина! Ама, како нема да биде величина, човек со над четиристотини библиографски единици?! Добро е да се знае дека четиристотини сериозни дела и студии, се секако достојна бројка за било кој академик во светски рамки. А, нашиве градски самозамислени литературни величини, со политичка поддршка, стануваат „славни“ и жнеат награди и признанија само со една-две тенки поетско-патетични збирки. Си разменувавме книги, и си делевме комплименти за напишаното! Без лажно претерување и сувопарна патетика, секако. Во секој случај и неговите текстови и сето негово волуменозно творештво поттикнуваше на размислување и, сосема извесно, ги поттикнуваше оние кои пишуваат, сериозно, да се трудат да станат подобри. Во мојот случај, со свои „анегдотски кажувања“, инсистираше што повеќе да истражувам и пишувам. А, многу најавени и недоискажани муабети за градски, македонски и животни феномени останаа незавршени. За моја, огромна жал и ненадоместлива загуба, секако.

Радован, од она што можев да го разберам при меѓусебните разговори беше свесен дека пишува работи кои ќe останат како патоказ за поколенијата, дека највредното од него, како „аманет“, ќе остане во неговиот запишан Збор, во неговите книги кои се наоѓаат по рафтовите на битолските и македонските библиотеки. А, сепак, како човек, кому ништо човечко никогаш не му беше туѓо, беше збунет од еден цел мал систем од предрасуди на своето време, од откажувањето на луѓето околу него од највредното што го имаат - сопственото достоинство, само заради ситни пари. Нурнат во своето сопствено писателско соѕвездие, немаше разбирање за многу нешта од матното и умноболно време во кое живееше последните години, немаше разбирање за малограѓанската пајакова мрежа од фиктивни и настрани озборувања и измислици, но сепак, преку својата трудољубивост и посветеност на учителскиот и писателскиот позив, тој храбро се бореше секојдневно со овие мизерни појави.

Радован П. Цветковски, во согласност со својата примарна учителска вокација, беше уверен дека задачата на „уметноста како таква“ е да нè образува, описменува и да не прави подобри! Само неколку дена пред неговата смрт, на последната заедничка дружба, ми раскажуваше за своите творечки напори да подготви и објави повеќетомни свои спомени. Да се надеваме дека градските, политички и финансиски фактори, ќе преминат од зборови на дела, па ќе изнајдат начин ова негово последно литературно дело да биде отпечатено. Впрочем, тој тоа го заслужува, сосем сигурно, оти интелектуално, повеќе од шеесет години, што само по себе е ретко виден подвиг, го „потпираше небото“ над овој наш неблагодарен Град! Впрочем, научникот, книжевниот историчар и писателот кој пишуваше за „битолскиот градски говор и неговата лексика“ кој во многу дела го зачува минатото на градот, кој пишуваше „За зборот наш/ и сонцето/ и земјата наша/ наши да бидат“, што е за вечни времиња изрежано во гранитот на „Споменикот на Револуцијата“ во центарот на Битола, кој пишуваше за Гоце и Јане, за Стив, Мите и Ацо Караманов, тој наш Радован, тој наш ислучително плоден и значаен битолчанец, непорекливо ги заслужува сите постхумни почести и пофалби, а не само печатење на неговото последно дело.

Вечна слава за Радован П. Цветковски!

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани