АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Порака за обединување на македонскиот народ упати Иван Џо Петрески, претседателот на Матицата на иселениците на Семакедонската средба во Трново. Но, потоа Тодор Петров, од Светскиот македонски конгрес порача дека денешните пратеници во иднина ќе се нашле во Идризово и ќе им се конфискувал имотот заради велепредавство со името. Иако Илинден е празник на сите Македонци, пораките за заедништво беа засенети од оние против власта и референдумот.
Архимандритот Никодим Царкњаз рече дека Македонија од античко време, па до денес е иста држава, нагласувајќи дека и Филип се родил тука во Битола.
„Каде е роден Филип? Филип во Битола е роден, на три-четири километри. Александар во Пела. Па, оваа Македонија зарем не била античка? Археолозите во Свети Николе при ископувања најдоа светилиште и сонце и други работи. Македонија од античко време до денес е една иста држава. За академиците, за професорите на Македонија што учат историја, за жал ќе се изразам и ќе кажам се неписмени по историја. Треба да застанат на првата линија и да викаат ние сме Македонци. За тие пратениците од СДСМ што се од Егејскиот дел на Македонија и ја прифатија оваа одлука, тоа е срамно за нивните дедовци што се закопани во Егејскиот дел на Македонија. Голем срам за градоначалникот на Скопје оти рече дека ние сме славјани, а дедо му што е закопан во Сараќиново, тој е антички Македонец. И на пратеничката со зелените да не го усрамува татко му, треба да биде против“, рече Царкњаз.
47 Семакедонска средба Трново 2018 и 38 Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија беше во организација на повеќе здруженија меѓу кои и Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Светскиот Македонски Конгрес и други. Годинава не беше голем ни бројот на гостите, дел од столчнињата за делегациите останаа празни. Дршките не одговараа на чадорите, па говорниците час и половина останаа изложени на сонце. Царкњаз рече дека нашиот народ бил учен на горење и со сонце и со пегли.