АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола доби ребаланс по мерка на граѓаните, соопштија од советничката група на СДСМ откако денеска кончено се изгласа ребалансот на Буџетот, а сите амандмани на опозицијата се прифатени од страна на советниците.
-Поразена е политиката на градоначалникот Тони Коњановски! Победи Битола и потребите и желбите на граѓаните! Битола доби ребаланс по мерка на граѓаните! Сите наши амандмани се прифатени и обезбедени се средства за изградба на капитални објекти: кружен тек кај Довлеџик, тартан патека, урбанистички планови за Широк Сокак и Стара Чаршија, фекална канализација за Дихово и Нижеполе, поддршка на спортски клубови...Наши заложби и во иднина остануваат контрола на трошењето на парите на граѓаните и будно следење на реализацијата на проектите, рече Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Битола.
Советниците од СДСМ велат дека нивните амандмани се распоредени во развојната и годишната програма. Таму каде што има намалување на износите тоа е направено поради добра волја и и кооперативност
-Ние со наште амандмани покажавме дека интерес ни се капиталните инвестиции. Тие се вметнаа во Буџетот и до крај ќе инсистираме тие да се реализираат. Денес покажавме дека може да се направат отстапки, но заеднички мора да одиме за напредок на Битола. Најсилната порака што ќе ја пратиме денес е - ова тука не завршува. Завршува постапката за ребалансот, но почнува постапка со која јавноста ќе биде информирана за сите состојби. Граѓаните ќе ги знаат сите детали. Не е потребно политиканство, не се потребни притисоци , а администрацијата ќе мора да си ја работи својата работа. Од денес до крајот на овој мандат сите советници ќе бидат вклучени во креирање на општинската политика, рече Борче Корлевски од СДСМ