2win800x200

Мирсат Мухединов -јунакот од обиколницата

Август 21, 2019

Мирсат Мухединов  е  битолчанец,  вработен во ЈКП Комуналец –Битола,  ангажиран да ја одржува чиста обиколницата над  Битола.

Мухединов  со мака и голем труд, после акцијата  на Општина Битола и јавните претпријатија за темелно чистење на обиколницата на почетокот на ова лето, во периодот после тоа се до денес се обидува да ја сочува чиста и да не се претвори повторно во депонија.

Не крие дека има големи проблеми со локалните жители од населбата Баир и други граѓани, но го води една мисла, обиколницата над Битола да биде чиста и безбедна за минувачите и автомобилите.

-Моментално сум сам, односно единствено јас сум задолжен да ја одржувам чистотата на обиколницата. Секојдневно работам  и  желба ми  е да ги научам  моите сограѓани на чистота. Благодарен сум на ЈКП Комуналец што ми  даде шанса  да се грижам  за овој  дел од градот. Не ги оставам да палат ѓубре, ниту да горат бакар, вели Мухединов за Апла.мк.

Нашиот јунак од обиколницата има 39 години, семеен човек и татко на три деца. Своите соседи, и воопшто  жителите на битолскиот  Баир во секој прилика ги советува да не фрлаат ѓубре на патот и да не палат оган, им укажува на опасностите како и тоа како треба да чуваат  животната средина.

Иако во целост не успева во својата намера, сепак факт е дека обиколницата над Битола веќе има друг лик, купиштата ѓубре, расфрлан мебел и градежен шут ги нема, а се поретки се и огновите каде несовесните жители од оваа населба палат отпад или автомобилски гуми.

-И секој ден собирам ѓубре и ја метам и чистам обиколницата од запалени гуми и пепел од огновите, но очигледно е дека сликата се менува. Не е исто како порано. Мора да се менуваат работите заради сите нас, да не се повторат сликите од минатото, порачува  Мухединов.

Сликата за Магистралниот пат А3 во делот на обиколницата над Битола се менува на многу подобро. При темелното чистење беа  отстранети вкупно 2000 м³отпад. Покрај координираното делување на терен и спроведените активности со соодветна механизација од страна на јавните претпријатија, за дорасчистување рачно интервенираа и 10 вработени од ЈКП Комуналец, а Мухединов, остана да се грижи за обиколницата и до ден денес.

Обиколницата за жал во изминатите години беше претворена во големата депонија, која претставуваше опасност за возачите, лоша слика на влезот во градот, а од еколошки аспект со себе повлекуваше низа штетни последици. Одржувањето на сегашната состојба, потребно е да биде приоритет и на однесувањето на граѓаните, кои нема да дозволат појава на нова депонија.

m2

m3

m4

m5


 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани