АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во организација на Младинскиот културен центар од Битола се одржа панел дискусија на тема „Ефектите од економските мерки на Владата за справување со кризата од КОВИД-19 врз стопанството во Битола“.
Настанот се организира во соработка со Локалниот економско социјален – совет на Општина Битола којшто ја издвои оваа тема за дискусија поради наејзината актуелност а со цел да им се даде можност на битолските стопанственици да дискутираат на темата и да извлечат заклучоци и решенија кои заеднички би ги адресирале до донесувачите на одлуки на локално и национално ниво.
,,Фактите зборуваат дека пандемијата ќе донесе огромни предизвици во следниот период,па сите земји се обидуваат да најдат поефикасно решение за справување со таквите проблеми. Ние не можеме да се споредуваме со една Германија или Јапонија, но поддршката што ја нуди Владата секако дека е од огромна полза за справување со кризата и помало губење на работни места. Го искажувам своето цврсто убедување дека ваквата поддршка што државата ја нуди и ќе ја нуди до крајот на кризата ќе преставува спас за повеќе мали и средни компании полесно да ја пребродат кризата и подготвено да стартуваат напролет кон нови предизвици", рече Сашо Додовски од МКЦ Битола.
За време на настанот учество зедоа претставници на повеќе од 10 битолски компании од различни сектори: угостителство, осигурување, градежништво, комерција, дистрибуција, индустрија итн., како и преставници од образование, агенција за вработување, граѓански сектор, синдикати. Сите ја поздравија иницијативата и потребата од организирање на вакви настани со цел да се слушне гласот на локалните чинители со цел мерките на Владата да бидат во корелација со реалните потреби на терен.
,,До некаде се справуваме со кризата, секако дека трпиме загуби како бизнис сектор. Ситуацијата е непредвидлива, не знаеме што во иднина ќе се случува. Дојдовме да слушниме и да размениме мислења што понатаму, а и компетентните луѓе од државата да го чујат нашето размислување на стопанствениците. Треба да се почитуваат превентивните мерки, но и да предлагаме нови економски мерки и да очекуваме поддршка од надлежните институции. Ние и покрај кризата одлучивме да не испуштиме никој од работа, знаеме дека земјава се соочува и со недостиг на стручен кадар. Мора да се носат клучни мерки за да се надмине овој ужас", рече Александар Талевски од Премиум пиво ДОЕЛ Битола.
Некои од главните препораки извлечени од дискусијата беа дека се потребни мерки кои ќе се однесуваат на подолг рок со цел самите компании да можат да се изборат за опстанок, застанување на државата како гарант пред банките, реструктуирање на кредитите со рокови на отплата над 12 години како и поголема внимателност со цел наменско доделување на помошта онаму каде навистина е потребна.