АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во овие тешки моменти кога епидемијата галопирачки се движи во нагорна линија и кога бројот на заболени од ден на ден руши црни рекорди достигнувајќи ја бројката од 1085 заболени денес, со скоро 1000 смртни случаи за изминативе седум месеци, би сакал уште еднаш со Вас да споделам некои мои размислувања, совети, неспорни факти и препораки.
1. Заштитната маска, физичката и социјална дистанцата, дезинфекцијата и зголемената лична хигиена во недостиг на адекватна вакцина, се ЕДИНСТВЕНИТЕ засега потврдени мерки и начини да се спречи ширењето на вирусот.
2. Веќе сме длабоко навлезени во“КОВИД времето” кога и “Најневерните Томи” треба да сфатат дека “вирусот е тука меѓу нас” со широко распространета трансмисија од човек на човек и дека НЕОДГОВОРНОТО однесување на секој поединец може да биде причина за болест со фатални последици кај некој од најблиските (особено нашите постари родители, баби или дедовци).
3. Со нашето неодговорно однесување (групирање,“журкање”,седенки, забави и сл.) и не непочитување на мерките (неносење маска пред се), за скоро време ќе го колабираме здравствениот систем, пред се поради нагло зголемување на болни со симптоми кои бараат хоспитална нега и недостигот на капацитети и лекари кои ќе пружат помош.
4. Доколку имате некои од добро познатите карактеристичните симптоми (температура, треска, истоштеност, болки во грлото, мускулите или зглобовите, затнат нос со изгубен осет за мирис или променет вкус, дијареа, гадење и сл), или сте имале контакт со позитивно лице, останете дома, не одете на работа или училиште и известете ги Вашите предпоставени. Контактирајте со Вашиот матичен лекар и епидемиолог и побарајте совет и помош.
5. Ако по препорака на матичниот лекар или епидемиологот се тестирате, останете дома до добивањето на резултатот.
6. Ако сте позитивни не паничете, изолирајте се од Вашата околина (фамилија, соработниците или најблиските) и следете ги препораките на епидемиологот кој ќе ве контактира и Вашиот матичен лекар.
7. Ако имате позитивен случај во семејството, а Вие или некој од најблиските пројавите слични симптоми, голема е веројатноста и Вие да ги имате вирусот па не притискајте и не инсистирајте по секоја цена на тестирање на сите од фамилијата. Со тоа непотребно ја оптоваруваме лабораторијата и оневозможуваме тестирање на некој на кој тестот му е неопходен.
8. Информирајте ги Вашите “контакти” (претпоставени, пријатели, колеги, фамилија) со кои сте биле во непосреден, незаштитен и близок контакт (без маски на растојание помало од метар и пол) и подолго од 15 минути. Битно е да ги нотирате сите контакти со кои сте биле во контакт најмалку два-три дена пред појавата на Вашите симптоми па се до добиениот позитивен трст. Ова е од особена важност како тие луѓе благовремено би се изолирале со што би се спречило понатамошно ширење на вирусот.
9. Доколку сте контакт на позитивно лице останете дома, изолирајте се од околината и најблиските и контактирајте епидемиолог.
Ве уверувам и апелирам, само со Вашето одговорно однесување во овие тешки времиња ќе ни помогнете и придонесете во заедничкото справување со предизвикот со кој се соочуваме.