2win800x200

мРНК вакцините не се интегрираат во човечката ДНК како што невистинито се тврди во објава на Фејсбук

Март 12, 2022

мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите, потврдува Центарот за контрола и превенција на болести на САД, како и многу други научници, медицински професионалци и здравствени и научни институции, кои тврдат дека мРНКвакцините не ја менуваат човечката ДНК на кој било начин

Пост на Фејсбук изнесува информации за вакцините против ковид-19 кои не се поткрепени со никакви докази и кои се во спротивност со фактите поддржани од научни докази. Според постот што го анализираме, мРНК вакцините против ковид-19 се генска терапија и ја менуваат човечката ДНК. Ова е невистина.

Во објавата, поткрепена од непознати студии, пишува:

ДАЛИ ПО ПРИМЕНАТА мРНА ??? ЗНАЧИ ДЕКА, НЕМА ДА ГИ ЧУВСТВУВАМЕ ЗА СВОИ НИТУ НАЈБЛИСКИТЕ???
Реализирани се најлошите стравови: Pfizer mRNA се интегрира во вашата ДНК.
мРНК вак*цините всушност се „генетска терапија“, покажуваат студиите.
Лабораториските студии покажуваат дека вак*цината mRNA се интегрира во човечката клеточна ДНК.
Ова значи, дека еднаш земена Pfizer, трајно ја менува ДНК на засегнатите клетки
И МОДИФИЦИРАНА ОД ФАЈЗЕР!
Вакцината Pfizer mRNA го менува вашиот генетски код кој одредува како ќе функционираат вашите организми, што сте ги наследиле од вашата мајка и татко. Вашата променета ДНК не е она што ви го дадоа мама и тато, со додаденото малку мистериозно „уредување“ од Pfizer, вашиот организам не дејствува во согласност со вашата програма на ДНК.
ПРОГРАМАТА Е ХАКИРАНА И МОДИФИЦИРАНА ОД ФАЈЗЕР!

Вистиномер досега многупати има пишувано дека мРНК вакцините не претставуваат генетска терапија, односно не влијаат врз човечката ДНК и не ја менуваат. Сето ова е поткрепено со факти и со докази.

мРНК вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната веб-страница на Министерството за здравство.

И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид-19 не влегува во интеракција со нашата ДНК на било каков начин.

мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите.

И УНИЦЕФ тврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат човечката ДНК.

Вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту како било содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНК, пишува на веб-страницата на УНИЦЕФ.

Во огромниот број светски извори, кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ.

ДНК и РНК не е исто

Американската национална библиотека за медицина терминот „генетска терапија“ го дефинира како „техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција“.

Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. мРНК, пак, е различен од ДНК.

РНК значи рибонуклеидна киселина. ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од мРНК. ДНК се наоѓа во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, мРНК од ковид вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку едноставно ќе оди во рибозомите кои ќе го продуцираат спајк протеинот.

Значи, влезот на мРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човековата клетка и доколку овие клетки се множат, тогаш мРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.

Понатаму, генската терапија вклучува создавање намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија.

Со генетската модификација би се вршело намерно вметнување на туѓа ДНК во јадрото на човечката клетка, а тоа не се прави со вакцините. Вакцините функционираат така што го тренираат имунолошкиот систем да препознае еден патоген кога се обидува да го зарази телото – ова најчесто се прави со инјектирање на вирусни антигени или слаби живи вируси кои стимулираат имунолошки одговор преку производството на антитела.

ДНК [во ДНК вакцините] не се интегрира во клеточното јадро, така што ова не е генетска модификација, изјавил Марк Линас од групата Алијанса за наука на Универзитетот Корнел.

Генетските терапии можат да имаат долгорочни ефекти бидејќи перманентно ја менуваат ДНК на клетката. Наспроти ова, мРНК клетките се секогаш транзиторни и не се наследени од ќерките-клетки, што ги прави идеални за користење во вакцините, нешто што всушност и се прави.

Имајќи го предвид огромниот број официјални извори, медицински тела, експерти и медицински професионалци, научници и претставници на компаниите кои ги произведуваат вакцините против ковид-19, кои тврдат дека со мРНА вакцината не може да се промени генетскиот код, го оценуваме како невистинито тврдењето изнесено во постот што го рецензираме.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани