2win800x200

Директорката Елена Спасеновска ѝ се заканува со тужба на новинарката Анета Блажевска, која пишуваше за нејзините службени патувања

Февруари 12, 2024

 

Директорката на Средношколскиот дом од Битола Елена Патче Спасеновска и се заканува со тужба на новинарката Анета Блажевска од Битола, која објави неколку текстови поврзани со работата на директорката и нејзиното раководење со државната институција. Спасеновска испрати „барање за извинување“.

НЕ ВИ СЕ ИЗВИНУВАМ!  

 

На мeјл, Спасеновска преку нејзиниот адвокат Олег Ѓоргиев, кој патем, години наназад е и правен застапник на средношколскиот дом „Мирка Гинова“- Битола, до новинарката Анета Блажевска испрати барање за извинување за текстот -„Директорка на државна институција и пензионер од Битола, наводно, оделе со службен автомобил во Албанија и Србија“.

Спасеновска, бара извинување само за еден од трите објавени текста, односно за пишувањето во кое новинарката наведува дека директорката и пензионерот, поранешен секретар во домот Менде Петровски, реализирале повеќе службени патувања во 2023 година, со службеното возило, сами и со други лица, дел невработени во домот, чии идентитети се исто така познати на новинарот.  

Спасеновска се жали дека ѝ е сторена наводна „клевета“, штетна за нејзините „чест и углед“.

-Како новинар, не клеветам и во ни еден момент не помислувам да сокријам нешто што се од јавен интерес!

Спасеновска, бара извинување оти ќе поднесла „тужба за утврдување на граѓанска одговорност и надомест на штета.“

Наместо да бара извинување, Спасеновска да објасни и со факти да ја докаже оправданоста пред јавноста за службените патувања со службениот „голф“ во 2023 година. Кои патем, случајно или не, се случуваат за викенди, од петок до недела, во ден недела, од сабота до понеделник, и во петоци.

 

Спасеновска да одговори за оправданоста од службените патувања:

Почнувајќи од јануари 2023, за патувањето во Србија на Спасеновска со уште две лица, од кое едното исто така не било вработено во Домот.

За патувањето во април 2023, на Спасеновска и пензионерот со уште две лица.

За патувањето во јули 2023, на Спасеновска со пензионерот во Албанија.

За патувањето во септември во Албанија, на Спасеновска, пензионерот и трето лице.

За двете патувања во ноември 2023 на Спасеновска и пензионерот, и второто патување надвор од државата каде било присутно и трето лице.

 

На нашите прашања Спасеновски возврати дека ѝ е потребно повеќе време да одговори, наводно, поради „обемот“ на бараните информации. Спасеновска, наместо час поскоро да одговори на новинарските прашања и да даде објаснување пред јавноста заради јавниот интерес, се занимавала со  пишување жалби за новинарката Блажевска до Совет за етика во медиумите и до Совет на честа на ЗНМ.

Јавноста очекува Спасеновска да ги покаже сите налози за службените патувања во странство со службената кола и придобивките од присуството на поранешниот секретар, пензионер и на другите лица кои биле на патувањата, а исто така дел не се вработени во домот? Да каже, која била задачата на овие патувања, дали имала одлука за користење на службеното возило, дали земале дневници, дали за сите службени патувања по враќањето и доаѓањето на работа поднела писмен извештај за извршената службена работа, не сега, тогаш? Сметка за патните трошоци во рок од три дена, тогаш, веднаш по патувањата? Колку средства од дневници наплатила директорката, оти дневниците за странство се повисоки, па да ги провериме на „Отворени финансии“, да ги пресметаме до евро?

Дали има уредно архивирани документи од тогаш, за сите патни трошоци, уредно потврдени и потпишани од благајник и ликвидатор?

Спасеновска да наведе во кои хотели престојувале во странство, или можеби во ученички домови? Да покаже документи колку чинел престојот во хотелите, да објавиме колку чинело еден ден во пансионот, и да покаже агенда на организаторите, за кои организации станува збор, која била оправданоста од тие настани. Семинари, обуки, спортски игри...што и да било? Кој друг учествувал на тие настани, да провериме?

Пензионерот Менде Петровски, заклучно со 2022 година примал хонорари како советник на ученичкиот дом, но на порталот „Отворени финансии“ нема податоци дека сте го плаќале од државната институција и во 2023 година кога биле службените патувања во Албанија и Србија. Како сте ги плаќале неговите дневници за патувањата во странство, по кој договор, сместувањето во пансионите, трошоците за храна? Ако евентуално работел за „општо добро“ на Домот  и трошоците сам си ги подмирувал, дали за тоа имате одлуки и покритие како државна институција?  

На официјалниот Фејсбук профил на ДУД „Мирка Гинова“ Битола, прелистувајќи, не може да се забележи објава со текст и фотографии од патувањата во странство. Само објави од настани во нашата држава. Ова дотолку повеќе што и  претседателот на УО, во телефонски разговор со новинарката Блажевска се најде затекнат за „службените патувања“, тврдејќи дека службеното возило е „скапана кола“, а плус нема ни зелен картон за да се вози во странство. Објавете во јавност, во каква состојба е службеното возило, дали „крепи“ патувања до Албанија и Србија? Дали имате зелен картон, кој го платил?  

Додека ги чекаме одговорите на Спасеновска, во меѓувреме ѝ советуваме да не ги бара „кодошите“ во редовите на вработените или во поединци од политичките партии на локално ниво. Такви нема! Има само совесни граѓани кои алармираат на проверка на фактите за службените патувања на службеното возило од ученичкиот дом во странство и на компетентноста на патниците.

Новинарката Блажевска претходно пишуваше текстови за злоупотреба на службени возила за приватни цели во случајот со директорот на ЈКП „Водовод“ Битола, кој со службената кола патувал во Грција и во Косово. Тоа го потврди ревизијата и полицијата по спроведената истрага и поднесе кривични пријави до раководното лице. Случајот е во рацете на ОЈО Битола.

Како новинар ги повикувам истражните органи да постапат по допрен глас и да ги испитаат наводите во мојот текст, ако тоа не го сториле досега ќе ги доставам моите сознанија на проверка до надлежните.

Како новинар верувам во професионалноста и неселективноста во работењето на истражните органи, во владеењето на правото.

За тоа е потврда и случајот од 2018 година кога за злоупотреба на службено возило во приватни цели за Грција, беше разрешен Лазе Велковски, поранешен директор на Бирото за јавна безбедноста на Македонија.   

 

Анета Блажевска- новинар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани