АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со поставување на пристапни патеки, посебен лифт- платформа за инвалидски колички и тоалет приспособен за лицата со физичка попреченост по најнови светски стандарди, во Општина Битола целосно им е овозможена достапност на услугите на лицата од оваа категорија, како и можноста да работат во установата.
„Оваа платформа и адаптациите во општинската зграда се од огромна корист не само за мене, туку и за сите лица кои во иднина ќе ги користат. Иако нивната главна намена е овозможување на физичка пристапност на лицата со физичка попреченост, сега секој еден од нас може да дојде, да ги заврши своите потреби. Ова е момент кога можеме да го видиме производот од континуираните напори на општината, пред се на градоначалничката, за уривање на бариерите, создавање на едно општество еднакво за сите. Општество каде што секој ќе биде прифатен и почитуван и има можност да работи, да придонесува и да биде најдобра верзија од себеси“, рече Симона Јовеска, лице со физичка попреченост, вработена во Општина Битола на проекти за социјални услуги за ранливи групи.
Една од целите на оваа локална самоуправа е севкупно подобрување на условите за сите граѓани, а со ваквата адаптација во општинската зграда е овозможена подобра мобилност за лицата со потешкотии во движењето, посочи градоначалничката Наташа Петровска.
„Со средства од над 1.500.000 денари, општината обезбеди лифт за влез во зградата и изврши целосна санација и адаптација на тоалет наменет за лицата со потешкотии во мобилноста. Во годината која што помина, направивме 17 локации со спуштање на тротоарите по должината на ул. „Партизанска“, со што во рамките на нашата општина овозможивме полесна мобилност на граѓаните. За прв пат годинава општината преку програмата за социјална заштита обезбеди 1.000.000 денари за поддршка на лицата со потешкотии во движењето, за адаптирање на пристапот до нивните домови. Општина Битола може да послужи како пример за тоа како треба да се однесуваат институциите и на локално и на централно ниво“, посочи Петровска.
На настанот присуствуваа и претставници на здружението „Мобилност“. Претседателот Нико Јанков ја поздрави активноста на општината за воспоставување на еден систем во кој што лицата со оневозможена мобилност ќе можат да ги извршуваат задачите, како што тоа го прави нивната членка, вработена во Општина Битола, Симона Јовеска.