АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој што се тврди дека технолошки е возможно во вакцината против ковид-19 да се стави чип, што е чиста дезинформација.
Ако се прашувате дали воопшто, технолошки е можно во вакцината да се стави некаков чип?
Одговорот е ДА, веќе постои таква технологија! И да, во САД веќе имале такви вакцини но тие биле опциони. Шо му значи ова опциони не знам, демек кој сака да му стават нека кажи?, се наведува во постот.
Во продолжение на постот, поставен е линк од видео прилог на CBN News, кое датира од 30 мај 2020 година. Во прилогот се зборува за тоа како вакцината да ѝ се даде на општата популација брзо, односно да стане достапна во масовни бројки. Соговорник на новинарката е директорот на американската фирма Api Ject, Џеј Волкер.
Тој зборува дека компанијата и администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп влегле во јавно приватно партнерство, чија цел е до крајот на 2020 година, да бидат подготвени барем 100 милиони дози од вакцината спремни за инјектирање (од 39 до 50 секунда на видеото).
Од првата минута и шестата секунда на ова видео, директорот на компанијата кажува дека секој од шприцовите имаат можност на нив да има уникатен чип со сериски број, кој е единствен за секоја аплицирана доза. Директорот на Апи Џект дополнува дека овој чип, кој е опционален, има намена да осигура дека дозата нема истечен рок и дека вакцината не е фалсификувана.
Во 1 минута и 20 секунда на видеото тој додава:
Чипот се однесува само на дозата, нема лични податоци за пациентот. Едноставно, делува како бар код од кој што знаеме кога и каде таа доза била искористена. Исто така, им помага на здравствените работници да знаат дали доволен број луѓе во одредена област се вакцинирани. Оваа технологија е опционална и САД нема уште одлучено дали ќе ја користи, завршува Валкер (1 минута 48 секунда од видеото).
Апи Џект е компанија која се занимава со полнење на медицински шприцеви однапред со веќе произведени вакцини. Причината поради која што некои побогати земји можат да си дозволат услуга некоја фирма претходно да им ги наполни шприцевите, е тоа што на таков начин полесно и побрзо може да се администрираат дозите.
Од разговорот со директорот на компанијата, очигледно е и дека таа нуди опција за чип, односно бар код кој може, но и не мора да биде ставен на самиот шприц, кој што ќе може да даде информација кога и каде дозата била администрирана и кога е наполнета без притоа тој чип да биде вбризган во телото на пациентот. Значи, не станува збор за чип кој што ќе биде инјектиран внатре, туку за бар код или чип што е на шприцот и има улога да потврди дека дозата е искористена, дека вакцината е оригинална и да даде информации колку луѓе во одредена област се веќе вакцинирани.
Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите, односно на вакцината, а не на човекот.
Затоа е невистинита инсинуацијата дека чипот може да се инјектира:
,,…што значи ова опциони не знам, демек кој сака да му стават чип нека каже…?” – се наведува во објавата што ја рецензираме.
Во Република Северна Македонија нема ваква опција, односно самите здравствени работници се тие што ги полнат шприцовите пред да го имунизираат пациентот, со исклучок на кинеските вакцини кои веќе доаѓаат наполнети.
Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Ова го потврдиле и проверувачи на факти од Австралија кои се занимавале со ова прашање:
Интерната димензија на иглата е 0.3 милимери. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадитинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.
Поради фактот што авторот на постот не го разбрал начинот на кој што фирмата Апи Џект функционира, односно не го пренел клучниот превод од видео интервјуто со директорот Валкер на веродостоен начин, тој, всушност, пренесува и дезинформација дека вакцината содржи чип кој може да се инјектира во телото. Чипови има, ама на самата површина на шприцот и тие се однесуваат на дозите, на нивниот квалитет и едноставно служат за да се води евиденција кога некоја доза е администрирана и каква покриеност со вакцинацијата има во одредена област. Технологијата на чипот, директорот на Апи Џект ја споредува со бар код и осигурува дека тој не може да биде носител на личните информации на тој што ја прима вакцината. Дефинитивно е дека чипот не се инјектира во телото на тој што ја прима вакцината.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар