АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во постот кој го рецензираме, претставен е видео материјал каде метален детектор доближен до рамо на човек, почнува да бипка, а во описот на видеото се тврди дека причината за ваквата реакција на метал детекторот е тоа што човекот примил вакцина во рамото.
Метал детектор за вакцини? Видовме дека магнетите се лепат за кожа, на местото каде што е примена вакцината, а сега и ова: метал детектор, кој се активира кога се доближува до вакцинираната рака. И некој наивен се уште мисли дека ова се само обични вакцини?, вели авторот на постот.
Меѓутоа, во вакцините против ковид нема метали.
Кога ќе се погледне составот на Фајзеровата вакцина, се гледа дека таа содржи мРНА липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери. Липиди, протеини, соли и шеќери може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.
Информациите за сите анти ковид вакцини од различни производители, кои што се администрираат во земјава, може да ги погледнете на следниот линк заедно со нивниот состав и упатства за употреба.
Освен тоа што во вакцините нема метали, исто така и конспирациската теорија дека на рамото на вакцинираните се лепат метални предмети, не покажува дека во вакцината постои чип, туку покажува дека овие луѓе ги лепат металните предмети на рамото со селотејп или друг леплив материјал, со цел да предизвикаат реакции на социјалните мрежи, да изманипулираат луѓе да не се вакцинираат или едноставно да се шегуваат. Овде на овој линк можете да погледнете и јавно извинување од корисничка на социјалната мрежа Тик Ток која признава дека снимила таков манипулативен видео материјал, па го избришала за да се пошегува. Меѓутоа, кога сфатила дека на таков начин може да ги предизвика помалку едуцираните да поверуваат дека во вакцината навистина има чип или метали, го избришала постот.
Ерик Палм, директор на лабораторија за магнетски полиња на Универзитетот Флорида, вели дека иглите кои се користат во вакцинацијата, се толку мали во дијаметар, помали од 1 милиметар, што кога ќе се инјектира дозата, количеството вакцина е толку мало, што не дозволува магнетно дејство да се создаде, дури и кога екстремно магнентна состојка би била инјектирана (фиктивно и хипотетички).
Целата фама околу наводните чипови во вакцините потекна од фактот што американската компанија Апи Џект, нуди опционално да стави бар код на пакувањето од шприцот, преку кој би се следело дали дозата е фалсификат, кога и каде била употребена, без притоа да се следи кај кој човек била аплицирана, односно без да навлегува во личните податоци на пациентот.
Кога ќе се погледне видеото, се гледа дека детекторот свири постојано, дури и кога човекот ќе го помрдне накај дланката (на која има златна бурма). Ова може да биде едно од објаснувањата зошто детекторот се активира дури и кога ќе биде повлечен нагоре, накај мускулот во рамото, каде што се прима вакцината. Освен тоа, можна причина поради која детекторот се активира, се и други метали во просторијата. Не можеме со сигурност да знаеме дека лицето на видеото е вакцинирано, но можеме со сигурност да знаеме дека дури и кога би било вакцинирано, во ниедна вакцина против ковид нема метали, особено не во толкави количества да активираат метален детектор. Ова видео е дезинформирачко.
Освен тоа, кога говориме за ова видео, многу лесно е можно овој човек да има некој метален предмет под мишка кој прави метал детекторот да почне да бипка. Како што може да се види, во текот на целото видео горниот дел од неговата рака е „залепен“ за неговото тело, што, пак, претставува сомневање дека металниот предмет кој му е под мишка, меѓу раката и телото на тој начин го држи за да не падне. Тој во ниеден момент не ја крева раката и не ја оттргнува од телото.
И во Латвија се појавија слични дезинформации кои беа разобличени од тамошните проверувачи на факти. Во нивниот случај, тие што шират лажни информации отишле дотаму што тврделе дека на аеродромите ќе може да се види кој примил вакцина, а кој не, на тамошните скенери за метал. Ова, исто така, е невистина.
Државната агенција за лекови на Латвија во писмен одговор вели:
Вакцините не содржат тешки метали и не можат да бидат откриени од надворешна опрема за скенирање како на аеродромите. Исто така, не е можно да се утврди дали некое лице е вакцинирано со скенирање со надворешна опрема.
Во Австралија владата на својата официјална страница за вакцинација, дури и официјално демантира дека во вакцините има метален микрочип или било каков уред за следење.
Согласно горенаведените факти, оценуваме дека е дезинформација оти со детектор за метал може да се утврди дека во вакцинирано рамо има микрочип или било каков метал. Причината е во тоа што во вакцините нема метали, а количеството на дозата е толку мало, што дури и кога би имало метали (фиктивно и хипотетички), тогаш тие не би можеле да активираат метален детектор. Повеќе информации зошто металните детектори може лажно да сигнализираат, прочитајте на следниот линк. Во некои земји нивната употреба е строго регулирана.
Освен тоа, металните детектори понекогаш даваат лажни или фантомски сигнали. Тие се појавуваат кога детекторот реагира како да има метал, а всушност во околината нема метал. Лажните сигнали најчесто се предизвикани од природно присутни железни оксиди, како хематит и магнетит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар