АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Објава на профил на Фејсбук на македонски јазик невистинито прикажува дека изјава на познат и признат експерт од РСМ за вируси и бактерии е всушност „психопандемија“ или ширење страв од моменталната пандемија во светот и кај нас со ширењето на корона вирусот.
Во објавата под наслов Психопандемија е напишано следното тврдење:
ПСИХОПАНДЕМИЈА
Запаметете му ја оваа изјава, еден ден ќе треба да одговара за неа. Се обидуваат уште сега да создадат пропагандна атмосфера на страв и паника, репетирана психопандемија за наесен, за кога планираат да ги нападнат и децата. И други нешта планираат. И тие ќе им пропаднат, како што насекаде им пропаѓаат планираните бројки за “вакцинирање”. Повеќе деновиве.
Под ваквата објава е закачен принтскрин од вест објавена на еден од порталите, во која се гледа професор д-р Никола Пановски. Во принтскринот се гледа насловот на веста „Д-р Пановски предупредува: Индискиот сој ќе удри наесен, мора да се вакцинирате“, а под тоа е пренесен и само поднасловот: Микробиологот д-р Никола Пановски вели дека се надева оти стабилизацијата на епидемиолошката состојба не е затишје пред бура.
Без да овозможи линк до целиот текст од изјавата на д-р Пановски до медиумот од каде е преземена веста, ваквиот наслов и поднаслов биле доволни за авторот на постот да тврди дека професорот шири страв и паника, дека станувало збор за „репетирана психопандемија“ како подготовка за наесен кога, веројатно, ваквите типови на лица што даваат вакви изјави и политичарите што ја водат земјава, „планирале да ги нападнат и децата“(со вакцини-н.з.).
А, медиумот од каде е земен принтскринот, без оглед на претераноста во насловот, бил коректен, па ставил линк од порталот Фактор, од каде е земена оригиналната вест и изјавата на д-р Пановски. Ако се проанализираат двете содржини на споменатите портали, прво што може да се заклучи е дека професорот не дава никакви лажни податоци или нешто што отстапува од изјавите на другите експерти во земјава и во светот, за моменталната состојба со пандемијата.
Само еден краток преглед на десетина вести објавени на агрегаторот Тајм.мк на денот кога ја правиме оваа рецензија ја потврдува оценката за стравување на експертите и за состојбата околу пандемијата кога станува збор за индискaта варијанта од вирусот, а особено за нејзиното ширење низ светот, при што покарактеристични се неколку земји како Велика Британија, Израел, Австралија, итн, земји каде до скоро епидемиолошката состојба беше стабилна и мерките за борба против вирусот беа олабавени, а сега повторно се засилуваат. Впрочем, само ако се земе пребројувањето на Светската здравствена организација, каде бил проширен индискиот сој во првиот дел од мај годинава (55 земји) и пребројувањето каде е проширен еден месец подоцна, т.е. сега во јуни (најмалку во 85 земји од светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија), јасно ја покажува сериозноста на состојбата со пандемијата обременета од ширењето на т.н. Делта варијанта на висрусот.
Второ, д-р Пановски во изјавата кажува две ноторни вистини. Дека, колку е поголем бројот на вакцинирани или прележани лица просторот за ширење на вирусот е помала:
Од вакцините ќе имаме многу поголема придобивка отколку без нив, а многу важен факт е тоа што голем број од македонското население го прележа вирусот, па тоа значи дека и индискиот сој кај нас нема да се шири многу брзо. Секако, тој ќе се шири, но нема да има случаи со тешки симптоми и тешка форма на болеста. Најважно е сега да се вакцинираме во што поголем број. Без 15.000 нововакцинрани дневно ништо не правиме.
И дека се очекува овој сој на вирусот да се шири на есен, кога луѓето се враќаат со своите активности повеќе во затворен простор:
Таков е вирусот, респираторен, активен во постудените месеци кога се собираат луѓето внатре и кога почнуваат со работа училиштата. Можно е да се засили, но да се надеваме дека состојбата нема да биде како што беше пролетта.
Овие две изјави на д-р Пановски се потврдени од науката уште пред појавата на корона вирусот, а таквата состојба е потврдена и од досегашното искуство со корона вирусот и кај нас и во светот, бидејќи најжестоките бранови на заразени, заболени и починати се случуваа во постудените месеци од годината.
Но, дискусијата под објавата што ја рецензираме, ниту ги коментира ставовите на д-р Пановски, ниту се занимава со фактите, туку се занимава со тврдењето на авторот на објавата дека станува збор за ширење страв и паника и дека станувало збор за „психопандемија“.
Бидејќи ваквото тврдење не е засновано на никакви факти (кои патем авторот на постот ги најавува и со реченицата „повеќе деновиве“), тврдењето во објавата, кое содржи елементи од теориите на заговор (демек претерани се стравовите, децата ќе биле следна жртва што ќе ги вакцинирале намерно, а немало потреба од тоа, итн, итн), може да се оцени како дезинформација, односно невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар