АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Објава на Фејсбук неточно го поврзува карантинот во Сиднеј со вакцинцијата, манипулира со бројки, тврдејќи дека се официјални, негира дека постои пандемијата со ковид-19 и невистинито трврди дека вирусот е наметнат заради присилна имунизација на населението. За поубедлива антиваксерска кампања се користи и фотографија од Skynews.com.au, на којашто е прикажан Сиднеј потполно празен, а на неа е напишано: „5 милиони жители на Сиднеј под клуч“.
Сиднеј денес.
НАЈ прометното место во градот е пустелија.
Двонеделниот карантин е продолжен за уште една недела.
5 мил. жители затворени за вирус од кој никој не починал оваа година во Австралија, и со процент на заразени од 0.018% од популацијата. (Официјални податоци), се вели во првиот дел на постот.
Вистината е дека Сиднеј воведе карантин поради брзото ширење на делта сојот на коронавирусот. Заклучувањето започна на 26 јуни и требаше да заврши на 9 јули, но се појавија нови случаи – вкупно 370, затоа е продолжен карантинот до 17 јули. Според „Би-би-си“, бројот на инфицирани со делта сојот на коронавирус во Сиднеј порасна и ова е првпат во неколку месеци жаришта да се откриени на повеќе локации ширум земјата. Австралискиот град Сиднеј вчера (08.07.2021) регистрираше највисок број нови случаи на ковид-19 во последните неколку месеци, иако е во состојба на строг карантин веќе две недели. Регионалната влада соопшти дека се регистрирани 38 случаи во Сиднеј, со што бројот на заразени со делта сојот порасна на над 370.
Неточно е тврдењето дека таму нема починати од корона вирусот. Да, Австралија беше многу поуспешна од другите развиени земји во спречувањето на ширењето на коронавирусот и досега забележа само 30.905 случаи на ковид-19, но регистрани се и 910 смртни случаи.
Постот манипулира и со бројките, односно процентот на заразени со коронавирусот, тврдејќи дека се официјални податоци. Австралија има речиси 26 милиони жители и кога ќе се земе бројот на заболени со ковид-19, кој изнесува околу 31.000, излегува дека процентот на заразени е 0,12 (по еден заразен на 838 жители), а не 0,018, како што се тврди во постот.
Во вториот дел од постот се вели:
Вакцинацијата е единствена опција за враќање на слободата, изјави премиерката на Нов Јужен Велс..
Ниту по една дефиниција, ова не е ПАНДЕМИЈА.
Уште еден доказ дека вирусот е наметнат за присилната вакцинација.
Ваквото тврдење, дека воведувањето на мерки е со цел присилна вакцинација, е неточно.
Факт е дека вирусот се проширил од хотелски карантин, при што предизвикал брз „локдаун“ на најголемите градови во Австралија, вклучувајќи ги Бризбејн, Дарвин и Перт. Причината за „локдаунот“ е немањето доволно вакцини, односно помалку од 10 проценти австралиските граѓани се вакцинирани.
Исто така, факт е дека вакцинирањето во Австралија е на доброволна основа и граѓаните може да изберат дали сакаат да се вакцинираат против ковид-19 или не. Ако изберат да не се вакцинираат против ковид-19, тоа не влијае на правото на нивното семејство да добие помош поврзана со трошоците за детска нега (Family Tax Benefit Part A), на пример, како и други бенефиции. Што значи, нема рестрикции, а уште помалку присилна вакцинација.
На крајот на постот се вели дека пандемијата не постои, а вирусот е измислен заради вакцинација на населението.
Факт е дека пандемијата постои, СЗО ја прогласи на 11 март 2020 година, а причината беше брзото ширење на коронавирусот надвор од Кина во повеќе земји во светот. За тоа дека коронавирусот постои секојдневно има нови докази, научни студии и анализи кои потврдуваат за ефикансоста и безбедноста на вакцините. Според официјалните податоци од СЗО, заклучно со 9 јули 2021 г., од корона вирусот се заразиле 185.038.806 лица, а од последиците на вирусот починати се вкупно 4.006.882 лица.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар