2win800x200

Вакцинирањето нема да ви го магнетизира телото

Јули 29, 2021

Со вакцинирањето телото нема да ви се претвори во магнет, затоа што во составот на вакцините нема никакви метали. Од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) потенцираат дека не е точно оти вакцинирањето ќе ве направи магнетни, вклучително и на местото на вакцинацијата, односно раката. Вакцините против ковид-19 не содржат состојки што можат да создадат електромагнетно поле на местото на инјектирање. Без оглед на тоа колку онлајн видеа и фотографии сте виделе на луѓе кои лепат лажици, клучеви и останати метални производи на нивните лица, магнетите не функционираат така. Лепењето на тие предмети може да биде од неколку причини што немаат никаква врска со вакцините, како, на пример, човечката пот

Објава којашто со само една реченица и без никаков доказ тврди дека вакцинацијата предизвикува магнетизам, станува вирална на социјалната мрежа Фејсбук.

Зголемен магнетизам на телата после вакцинација, ширум светот…, се вели во постот

Оваа една реченица „засилена“ со неколку фотографии ги убедува корисниците на социјалните мрежи дека по вакцинацијата телото ќе реагира како магнет.

Притоа, како доказ дека ова тврдење е вистинито не е понудено апсолутно ништо. Нема никаков податок што може да потврди дека вакцините навистина имаат магнетизирачко дејство. За да можат корисниците на социјалните мрежи да се уверат дека ова е вистина, не е прикажан ниту еден доказ од некое релевантно истражување направено од официјална институција или лабораторија. Станува збор за личен заклучок којшто не се базира на научни докази, туку на теории на заговор, кои сè почесто се шират на социјалните мрежи.

Како единствен „доказ“ се нуди фотографија која е компилација од пет фотографии, од кои три се од една иста личност, а две други се од друга личност и на нив се гледа залепен клуч на чело или на рака. Тоа е целиот „доказен материјал“. Само поради овие фотографии да се тврди дека вакцината предизвикува магнетизам е надвор од секоја логика!

Со вакцинирањето телото нема да ви се претвори во магнет затоа што во составот на вакцините нема никакви метали. Од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) потенцираат дека не е точно оти вакцинирањето ќе ве направи магнетни, вклучително и на местото на вакцинацијата, односно раката. Вакцините против ковид-19 не содржат состојки што можат да создадат електромагнетно поле на местото на инјектирање.

Но, дури и ако вакцините содржеа метали, тие не би предизвикале магнетна реакција. Количеството на метал што треба да се најде во вакцината за да привлече магнет е многу поголема од количествата што би можеле да бидат присутни во малата доза на вакцината.

Без оглед на тоа колку онлајн видеа и фотографии сте виделе на луѓе кои лепат лажици, клучеви и останати метални производи на нивните лица, магнетите не функционираат така. Лепењето на тие предмети може да биде од неколку причини што немаат никаква врска со вакцините, како на пример, човечката пот. Одреден предмет, метален или не – може да се залепи на човечка кожа само затоа што потта нè прави лепливи. Предмет со голема, рамна површина, што има поголема површина за контакт со кожата, ќе има поголема веројатност да остане залепен.

За сите недоумици околу вакцините треба да се информирате од релевантни и проверени извори на информации. Составот на сите вакцини кои се даваат кај нас, како и нивните упатства за употреба може да ги погледнете тука.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани