АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Ана Анастасовка
Д-р Ентони Фаучи, водечки експерт за заразни болести во САД и директор на Националниот институт за алергија и заразни болести, минатата недела ја нарече делта-варијантата „најголемата закана“ за елиминирање на ковид-19 во САД.
На ова предупредија и од Светската здравствена организација (СЗО).
После 11 недели опаѓање на инфекциите во Европа, повторно го имаме нивниот раст како резултат на делта варијантата на вирусот, која ќе стане доминантна до крајот на август, но за разлика од минатата година имаме ефикасни вакцини и можност да избегнеме понатамошно влошување, изјави Ханс Клуге од СЗО по посетата на љубљанскиот центар за вакцинирање против ковид-19.
СЗО во мај го прогласи делта сојот за „загрижувачка варијанта“. Таа ознака се користи кога има силен доказ дека е попренослив, предизвикува потешка болест или ја намалува ефикасноста на вакцините или на лековите. Истражувањата сугерираат дека делта варијантата, официјално позната како Б.1.617.2, е најзаразна од сите познати варијанти досега, вклучувајќи ја и мошне преносливата алфа варијанта, која за првпат беше откриена во Велика Британија. Здравствените власти во Британија, каде што делта сојот сочинува повеќе од 95 проценти од новите случаи на ковид-19, рекоа дека овој сој може да биде 40 до 60 проценти попренослив од алфа сојот, иако студиите сѐ уште се во тек.
Да речеме дека имате 10 лица со 20 блиски контакти. Кај една варијанта, можеби гледате како се заразуваат пет од тие блиски контакти. Ако втората варијанта е 50% попренослива, тој број ќе биде поголем за 50%. Значи, во овој случај, вие би очекувале 7,5 од тие контакти да бидат заразени, откако ќе го пресметате статусот на вакцинација и дали имале претходна зараза, рече д-р Дејвид Дауди, вонреден професор по епидемиологија на Блумберг школата за јавно здравје на Џонс Хопкинс.
Потребно е повеќе истражување, но постојат знаци дека делта варијантата може да предизвика потешка болест. Една студија објавена на 14 јуни во списанието „Лансет“ го испита влијанието на делта варијантата во Шкотска, каде што таа стана доминантен вид. Истражувачите откриле дека ризикот од хоспитализација од ковид-19 е двојно зголемен за пациентите заразени со делта, во споредба со луѓето заразени со алфа-варијантата.
Британските истражувачи објавија промена на симптомите, што може да бидат поврзани со делта сојот. Податоците од апликацијата, која повеќе од 4 милиони луѓе во Велика Британија ја презеле за на дневна основа да пријавуваат симптоми, статус на вакцинација и други демографски информации, откриле дека најчестите симптоми на ковид-19 сега се главоболка, болки во грлото, растечен нос и покачена температура – слично на она низ што луѓето може да поминат со лоша настинка.
Вакцините што се користат се чини дека даваат добра заштита од делта сојот, а повеќето научници се согласуваат дека целосно вакцинираните лица веројатно се соочуваат со мал ризик.
„Модерна“ објави дека нејзината вакцина е ефикасна против делта сојот. Резултатите се засноваат на примероци од крв од целосно вакцинирани лица, кои покажале дека кај нив се произведени заштитни антитела против неколку од циркулирачките варијанти, вклучувајќи ја и делта варијантата.
Иако не се објавени детални резултати за сите достапни вакцини, слични надежни резултати се пронајдени и кај вакцините на „Фајзер-Бионтек“ и „Астра-Зенека“. Анализата објавена на 14 јуни од страна на „Јавно здравство Англија“ покажа дека две дози на вакцината „Фајзер-Бионтек“ се 96 проценти ефикасни против хоспитализација од делта сојот, а две дози од вакцината на „Астра-Зенека“ се ефикасни 92 проценти.
Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ и Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) објавија силни резултати од студијата за неутрализирање на активноста на серумите од лица, кои се вакцинирани со вакцината „Спутник В“ против нови варијанти на Сарс-Ков 2.
Вакцинацијата со Спутник В произведе заштитни титари за неутрализирање од нови варијанти, вклучувајќи ги алфа Б.1.1.7 (првпат идентификуван во Велика Британија), бета Б.1.351 (првпат идентификуван во Јужна Африка), гама П.1 (првпат идентификуван во Бразил), делта B.1.617.2 и B.1.617.3 (првпат идентификуван во Индија) и ендемски варијанти на Москва B.1.1.141 и B.1.1.317 со мутации во доменот на врзување на рецепторот (RBD), објави „Гамалеја“.
Што се однесува до заштитата која ја нудат кинеските вакцини, д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија вели дека тие се направени на традиционален начин и, според него, би требало да штитат од сите соеви на коронавирусот.
Теоретски, кинеските вакцини кои се базираат на инактивиран вирус, би требало да дадат поширока заштита од модерните вакцини кои се базираат на РНК или аденовирус технологија, бидејќи кај кинеските целиот вирус се користи како антиген или имунизирачка супстанца. Тоа значи дека кинеската вакцина ќе предизвика различни антитела. Факт е дека бројките, концентрацијата на антитела, кои ги мериме по вакцинирање со кинеска вакцина, е пониска од тие што ги предизвикуваат модерните вакцини. Но, кинеските вакцини создаваат поширока, поразлична заштита, што би требало да оди во прилог на поефикасно заштитување од различни соеви на вирусот. Бидејќи, ако модерната вакцина поттикнува создавање само на еден вид антитела, ако тој конкретен антиген биде променет кај некој од соевите, за очекување е дека ефикасноста на таа вакцина ќе биде помала. А овде, кај кинеските, каде очекуваме да се создадат повеќе различни антитела, реално би добиле подобра заштита, изјави Петличковски за Канал 5.
Министерството за здравство на Израел неодамна соопшти дека е помала ефикасноста на вакцината на „Фајзер“ во спречувањето на инфекција и симптоми на ковид-19, но забележа дека вакцината останува мошне ефикасна во спречувањето сериозни форми на болеста. Забележаниот пад на ефикасноста на вакцината „Фајзер“ се совпаѓа со ширењето на делта сојот и укинувањето на мерките за социјална дистанца во Израел.
Ефективноста на вакцината во спречувањето инфекција и симптоми на болест е намалена на 64 проценти од 6 јуни, соопшти израелското Министерство за здравство. Во исто време, вакцината била 93 проценти ефикасна во спречувањето хоспитализација и тешки форми на ковид-19.
Министерството не го наведе претходното ниво на заштита од вакцините, ниту даде други детали. Сепак, претставниците на Министерството во мај објавија извештај дека две дози од вакцината на „Фајзер“ обезбедуваат повеќе од 95 проценти заштита од инфекција, хоспитализација и тешки форми на болеста.
Ниту едно лице кое е вакцинирано во Хрватска не починало од последици од инфекција со коронавирусот, покажуваат податоците на хрватскиот Институт за јавно здравје, објави „Јутарњи лист“.
Анализата е направена врз основа на податоците за сите лица вакцинирани до 10 мај, вкупно 882.120, чиј статус е проверен три недели подоцна, односно на 1 јуни. Од сите вакцинирани лица, 8.423 се заразиле откако ја примиле првата доза, што е нешто помалку од еден процент од вкупно вакцинираните. По ревакцинација се разболе 1.146 лица. Од оние кои примиле две дози вакцина, хоспитализирани се 149 или 13 проценти од оние кои се разболеле и покрај вакцинацијата, а од оние кои примиле една доза и сепак се заразиле, околу девет проценти биле упатени на болничко лекување. Нема починати, што недвосмислено укажува на тоа дека вакцинацијата е најбезбедна заштита, пишува „Јутарњи лист“.
Од компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ соопштија дека е време да се разгледа можноста за дополнителна трета вакцина, поаѓајќи од тоа дека ќе биде намалено дејството на нивната вакцина против коронавирусот 6 месеци по вакцинирањето.
Како што веќе стана јасно од податоците за практичната примена, кои ги собра израелското Министерство за здравство, заштитното дејство на вакцината против инфекцијата и симптоматските болести се намалува 6 месеци по втората доза од вакцината, се наведува во заедничката изјава на двете компании.
Врз основа на досега достапните податоци, веројатно „ќе биде потребна трета доза во рок од 6 до 12 месеци по целосната вакцинација“. Истовремено, двете фармацевтски компании претпоставуваат дека со третата доза ќе се добие најголема заштита од сите досегашни соеви на коронавирусот, односно, и од делта сојот, се наведува во соопштението.
Сојузната агенција за храна и лекови на САД (ФДА) и здравствената служба на САД во заедничка изјава одговорија со соодветна доза на претпазливост на соопштението на „Фајзер“ и „Бионтек“:
Според досегашните информации, на целосно вакцинираните Американци не им се потребни дополнителни вакцинации, но, подготвени сме да администрираме дополнителни дози доколку научните докази покажат оти се потребни. Американските здравствени власти го разгледуваат ова прашање, но не се потпираат само на податоците од фармацевтските компании, беше наведено во соопштението.
Од Европската агенција за лекови (ЕМА) излегоа со став дека за заштита од делта варијантата на коронавирусот, потребни се две дози вакцини. Европскиот регулатор, исто така, ги повика земјите-членки на ЕУ да ги забрзаат програмите за вакцинација, додека многу заразната варијанта делта забрзано се шири низ целиот свет.
Според првичните податоци, потребни се две дози вакцина против ковид-19 за соодветна заштита од варијантата делта. Почитувањето на препорачаниот распоред за вакцинација е клучен за постигнување на највисоко ниво на заштита, се вели во соопштението на ЕМА.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар