АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во којшто е даден линк до статија на „Ројтерс“. Авторот на постот вели:
Ројтерс тврди дека 60 проценти од хоспитализираните биле пелцовани со две дози. Нели штитеше од хоспитализација и тешки форми на болеста?
Текстот на „Ројтерс“, се однесува на состојбата во Велика Британија и во него, наспроти изнесеното во постот, се тврди дека 60 проценти од лицата во Британија кои се хоспитализирани се невакцинирани. Ваквата исправка на своето тврдење ја дал советникот за наука на Велика Британија, Патрик Валанс, откако претходно учествувал на прес-конференција со британскиот премиер Борис Џонсон.
Би сакал да направам исправка на една од статистиките што ја дадов на прес- конференцијата. Околу 60 проценти од хоспитализациите со ковид, не се од лица коишто примиле две дози од вакцината, туку од лица кои воопшто не се вакцинирани, напиша Валанс на Твитер.
Од коментарите на постот што го рецензираме, евидентно е дека и читателите му сугерираат на авторот на постот, дека 60 проценти од хоспитализациите во Британија се состојат од невакцинирани лица. Но, на ова тој одговара дека зад промената не стои човечка грешка во соопштувањето на статистиките, туку дека „некој се јавил од горе и оп, се случила промена“.
Меѓутоа, зборувајќи на брифингот заедно со Борис Џонсон, кој се појави накратко од домашната самоизолација, Патрик рече дека хоспитализациите може да пораснат над 1.000 на ден, но:
Стапките би требало да се пониски отколку претходно поради заштитните ефекти на вакцинацијата.
Тој, исто така, истакна дека вакцините не се 100 процентно ефективни, но се многу, многу ефективни.
Тие се многу многу ефективни, но не стопроцентно. Како што сè поголем дел од популацијата прима две дози од вакцината, неизбежно е дека 10 проценти од ова население ќе остане во ризик од хоспитализација и инфекција, додаде Патрик.
Во поглед на вакцинацијата во земјава, нашите имунолози и епидемиолози, се поборници за масовна вакцинација како единствено оружје против новите мутации на коронавирусот, неговите тешки форми и смртни последици.
Поради сето горенаведено и поради исправката на британскиот научник на неговата грешка во статистиките дадени на прес-конференција, оценуваме дека е невистинито тврдењето изнесено во постот, дека 60 проценти од хоспитализираните во Велика Британија се вакцинирани со 2 дози против ковид. Вистината е дека споментиот процент од хоспитализираните поради компликции од ковид-19 се невакцинирани.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар