2win800x200

Вакцината не е поврзана со демонски сили

Јули 31, 2021

Вакцината не претставува смртна опсност, ниту пак, докторите ги трујат граѓаните, како што дезнформира постот. Досега во Северна Македонија нема пријави за смртни случаи од ковид вакцина. Од Агенцијата за лекови и медицински средства во земјава (МАЛМЕД) објаснуваат дека досега пријавените несакани реакции од вакцините не отстапуваат од опишаните во упатствата за употреба и дека не е пристигната ниту една пријава за смртен исход како несакана реакција од вакцина. Најчесто се работи за лесна симтомалогија, како болка, оток и црвенило на местото на апликацијата на вакцината, покачена температура, малаканост, главоболка, болка во мускулите. Досегашните студии покажуваат дека вакцините се ефикасни во спречувањето на ковид болеста, особено штитат од посериозни заболувања и смртни исходи, а колективниот имунитет е многу значаен за да се сопре појавата на нови соеви и мутации

Рецензираме објава на Фејсбук во која се тврди дека вакцините се поврзани со демонски сили, дека тие не се лек,туку болест и предизвикуваат смрт, повикувајќи  ги луѓето да не напрват грешка и да се вакцинираат.

Авторката на објавата објаснува што ѝ се случило по првата доза на „Фајзер“:

…Знам дека демони сакаат да не цркнат, ова не е лек, ова е болест…денес како полу-човек, полу-демон со една доза, не можам да си простам зашто отидов сама пред пиштол на глава…

Ова нема никаква логика и ниту една религиозна тематика не може да се поврзе со вакцините. И самата авторка подолу во постот вели  „денес сум добро, одлично…“, што значи дека и по вакцинацијата и евентуалните несакани ефекти е здрава и нормална личност.

Ваквите постови претставуваат опасност за ширењето на дезинформациите за вакцината поврзани со религијата. Вашингтон пост предупредува дека вакви мелодраматични постови и видеа се многу вирални на социјалните мрежи и најпотентни за фанатичните верници, кои вакцинирањето го поврзуваат со крајот на библиското време.

Овие целосно искривени и неточни тврдења ги негира и папата Франциск со најавата дека ќе се вакцинира, нарекувајќи го тоа етичка обврска. Никакви демони и мрачни сили не признаваат и верските заедници во државата. Напротив, Синодот на МПЦ, ИВЗ и Католичката црква, уште во април по средбата со премиерот Зоран Заев, упатија порака до граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките на здравствените власти  и да се вакцинираат за да го заштитат личното и јавно здравје.

Не е докажна поврзаност меѓу ковид-вакцината и невролошки нарушувања

После 30 часа, значи 2 ден од вакцината…тресење, тонење, парализа на нервниот систем, алергија на око и 4 дена кома, пишува во постот. 

И ова тврдење не е поткрепено со ниту еден доказ. Вакцините обично даваат реакција од неколку минути до еден час по примањето,а научните студии негираат поврзаност на  вакцината „Фајзер“ со невролошки нарушувања.

Во студија објавена од Европската агенција за лекови (ЕМА) во која се испитува поврзаноста на синдромот  Гијлен Баре-ГБС (ретко невролошко нарушување) со вакцината „Џонсон“, јасно е посочено дека не е идентификувана  никаква поврзаност на овој синдром со вакцините „Фајзер“ (Komirnaty) и „Модерна“ (Spikevax).  Комитетот за безбедност на ЕМА (PRAC) ги проценил достапните докази, вклучувајќи случаи пријавени во Европската база на податоци за сомневање за несакани ефекти (EudraVigilance).  Разгледани се  108 случаи на пријавени ГБС ширум светот, заклучно со 30 јуни, кога над 21 милиони луѓе примиле вакцина и меѓу нив имало еден пријавен смртен случај. PRAC смета дека е можна каузална врска помеѓу вакцината „Џонсон“ и ГБС , но како многу редок несакан ефект, а ЕМА потврдува дека придобивките од оваа вакцина продолжуваат да ги надминуваат ризиците од вакцината. Од овој синдром, пак, најголем дел од заболените закрепнуваат целосно.

Авторката на постот, пак, се вакцинирала со „Фајзер“, што значи дека наводите за „парализа на нервниот систем“, се непоткрепени со научни студии.

Во студија за контрола на случаи во Израел, објавена во реномираното медицинското списание JAMA Network Open, во која се испитувала поврзаноста на вакцината „Фајзер-Бионтек“  со зголемениот ризик од парализа на фацијалниот нерв на лицето, не е пронајдена никaква причинско-последична врска. И покрај брзата и обемна вакцинација на населението во Израел, забележан  е сличен обем на приеми за парализа на фацијалниот нерв ,во споредба со истиот период од претходните години.

Сода бикарбона, лимон и ковид-19

Понатаму во постот стои:

Се чистам со сода бикарбона…Се доктори околу мене ме чистат…Ме отруја, па ме чистат…

Неточните тврдења за сода бикарбоната беа разјаснети уште лани и оценети како измислици од Сервисот за проверка на факти Критинк, како и црногорскиот сервис за проверка на факти Raskrinkavanje.me.

Објавата за  лимон и сода бикарбона како лек за КОВИД-19 ја оценуваме како лажна вест, стои во текстот во кој е анализирана оваа лажна вест.

„Ако лекот е смрт, нека умрам од болест“, стои на крајот од постот кој е прилично вирален и во моментот на нашата рецензија има 110 споделувња.

Вакцината не претставува смртна опсност, ниту пак, докторите ги трујат граѓаните. Досега во Северна Македонија нема пријави за смртни случаи од ковид вакцина. Од Агенцијата за лекови и медицински средства во земјава (МАЛМЕД) објаснуваат дека досега пријавените несакани реакции од вакцините не отстапуваат од опишаните во упатствата за употреба и дека досега не е пристигната ниту една пријава за смртен исход како несакана реакција од вакцина. Најчесто се работи за лесна симтомалогија, како болка, оток и црвенило на местото на апликацијата на вакцината, покачена температура, малаканост, главоболка, болка во мускулите.

Вакцините кои добија дозвола од ЕМА, американската агенција за лекови (ФДА) и СЗО се безбедни, зашто во спротивно немаше да добијат дозвола за употреба. Досегашните студии покажуваат дека вакцините се ефикасни во спречувањето на ковид-19, особено штитат од посериозни заболувања и смртни исходи, а колективниот имунитет е многу значаен за да се сопре појавата на нови соеви и мутации.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани