АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
.
Објавата на Фејсбук (во меѓувреме избришана од авторот) шири невистини дека новиот ковид бран е резултат на 5Г мрежата која со нејзиното зрачење ќе доведе до ,,убивање на матичните келии во човечкиот организам’’ кај вакцинираните, а медиумите ќе пренесат дека тоа е резултат на невакцинираните лица. Постот се повикува на наводно истражувања на доктори, новинари инженери, без за тоа да приложи каков било доказ или аргумент, а камоли научна студија.
Ве молам! Како се знае дека од 15-ти август започнува новиот бран ? Едноставно со засилување на 5Г антените на 50 милиони херца во целиот свет синхронизирано затоа што сите полтронски влади во скоро сите држави безусловно ги извршуваат наредбите на евреите во сенка. Сите вакцинирани имаат метален прав во себе која со заслувањето на зрачењето на 5Г антените ги убиваат матичните келии во човечкиот организам.Тоа распаѓање на мртвите келии ке предизвика гушење,срцеви и мозочни удари и престанок на доток на кислород во белите дробови.Медиумите сето тоа ке го прикажат како нов бран и ке ги обвинат (ке не обвинат ) невакцинираните. Кога вакцинираното стадо ке се пополни со нови вакцинирани овци сигналот повторно ке се засили и следува ново пржење на месото.Се додека не ја постигнат зацрттаната , саканата планирана бројка.Ова не е плод на мојата фантазија ова е истражување на доктори, новинари,инженери во светот јас само преведувам и се обидувам да освестам што повекје луѓе. затоа што ние сме БОЖЈИ ДЕЦА А НЕ ДРЖАВНИ !!!,, стои во објавата на Фејсбук.
Дека нема поврзаност и нема никакво влијание 5Г мрежата врз коронавирусот беше потврдено уште во почетокот на минатата година. Речиси сите релевантни институции излегоа со извештаи дека нема докази оти оваа мрежа има влијание на имунолошкиот систем и дека е штетна по човечкото здравје. Во февруари лани и Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека не е откриено влијание на оваа мрежа врз јавното здравје.
И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.
Но, и покрај официјалното известување на СЗО, по социјалните мрежи не престанаа лажните вести дека коронавирусот настанал од 5Г мрежата која сега го контролира за да се постигне одредена цел во човештвото!
„Вистиномер“ уште во април минатата година, пишуваше за петте најголеми дезинформации за поврзаноста на 5Г мрежата и коронавирусот кои се шират по социјалните мрежи во земјава, а кои најчесто се увезени од странски сајтови и се повикуваат на непроверени извори. Се отиде до таа мера да се тврди дека коронавирусот е измислен за да им се стават чипови на луѓето!
Овој пост што сега се споделува на Фејсбук, пак, тврди дека новиот ковид бран е резултат на вакцинираните лица кои со примените дози добиле метален прав и се контролираат од 5 Г мрежата!
Меѓутоа, во вакцините против ковид нема метали.
Од составот на Фајзеровата вакцина, се гледа дека одржи мРНА липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери, кои може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.
На македонската официјална страница за вакцинација го има целосниот состав и сите компоненти на вакцините. Информациите за сите антиковид вакцини од различни производители, коишто се администрираат во земјава, може да ги погледнете на следниот линк заедно упатства за употреба.
Но, наспроти тоа што го говрат фактите оваа објава на Фејсбук, преку целосно паушални тврдења ја дезинформира јавноста дека при вакцинацијата против ковид-19 се вбризгува метален прав и со помош на 5Г мрежата се потикнува нов ковид бран.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар