2win800x200

Бил Гејтс никогаш не кажал дека 700.000 луѓе можат да бидат жртви на вакцините

Август 23, 2021

Фејсбук објава, којашто деновиве е вирална на социјалните мрежи, шири лажни информации за соосновачот на „Мајкрософт,“ Бил Гејтс, инсинуирајќи дека тој „очекува 700.000 жртви како последица на вакцинацијата“. Мултимилијардерот, кој инвестира во развојот и производството на вакцини против коронавирусот, никогаш не го изјавил ова. Во интервју за CNBC од 9 април минатата година, тој ги потврдува напорите за изнаоѓање на безбедна  вакцина, која ќе биде ефикасна и за постарите лица, без нуспојави и само хипотетички наведува дека ако има несакани реакции кај еден на 10.000, а тоа потенцијално може да погоди 700.000 луѓе. Никогаш не кажал дека нусефектите ќе бидат фатални, како што се наведува во објавата, која ја подгрева антиваксерската кампања и може да има негативно влијание врз процесот на вакцинација

Рецензираме објава на Фејсбук, која манипулира со стара и неточна информација за Бил Гејтс и негова „наводна изјава“ дека  очекува како последица на вакцинацијата да има 700.000 жртви. Објавата е вирална и веќе имаа 221 споделување, оди во прилог на антиваксерската кампања и предизвикува страв и паника во јавноста дека вакцините се штетни, а несаканите ефекти можат да имаат смртни последици. Постот се става во сегашен контекст, иако вакви слични наслови беа актуелни во јули минатата година, по  интервјуто на Бил Гејт за CNBC, а кои веќе се оценети како лажни и неточни од повеќе независни проверувачи на факти.

ЕКСПЛОЗИЈА НА БИЛ ГЕЈТС: Очекувам 700.000 жртви како последица на вакцинацијата против Ковид, стои во објавениот пост.

Објавата е придружена со слика на американскиот мултимилијардер и наликува на преземена вест од медиум, со датум од 16 март 2021 година, иако авторот не поставил линк до оригиналниот текст, ниту, пак, информација со ист наслов може да се најде на некој од македонските медиуми.

Но, без разлика на временскиот контекст, ваквите тврдења се лажни. Бил Гејтс ниту во март годинава, ниту на 9 април минатата година, во интервјуто за CNBC, после кое ваквите написи беа вирални, не рекол дека вакцините ќе бидат фатални за 700.000 лица.

Интервјуто e дадено во период кога вакцините сè уште не беа целосно развиени и одобрени, а во него тој зборува за пандемијата на коронавирус и неговите напори да помогне во производството на вакцина против ковид-19.  Гејтс дискутира за важноста на развојот на вакцини, кои не би имале штетни последици и би биле делотворни за сите, вклучувајќи ја и постарата популација. Одговарајќи на прашањето за времето потребно за развој и производство на вакцините и потенцијаните нуспојави, тој само илустративно и хипотетички дава бројка на луѓе во светот кај кои евентуално би можеле да се појават несакани ефекти.

Не треба да имаме нереални очекувања. Ефикасноста на вакцините кај постарите е вистински предизвик. Сега е јасно дека ни треба вакцина која делува и кај постарите, кои се во најголем ризик од ковид, и тоа засилена вакцина која ќе делува и кај нив, а да  нема нус појави. Ако имаме нус појави кај еден на 10.000 илјади, тоа ќе погоди 700.000 луѓе, објаснува Гејтс во интервјуто за CNBC.

Тој го користи бројот 700.000 само теоретски за да укаже колку е важно да се создаде вакцина, која ќе биде ефикасна и за постарите лица и тоа без несакани ефекти. Гејтс единствено посочува дека тие потенцијално можат да влијаат на 700.000 луѓе, но, во ниту еден момент не вели дека овие нуспојави ќе бидат фатални и ќе предизвикаат трајна штета.

Значи, навистина разбирање на безбедноста во гигантски размери помеѓу сите возрасти –  бремени, машки, женски, неисхранети, постојни коморбидитети – тоа е многу, многу тешко…, наведува коосновачот на „Мајкрософт“ во интервјуто.

Бил Гејтс, како поборник за вакцинација против ковид, кој преку Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ инвестира преку 300 милиони долари за соодветен одговор на коронавирусот, често е поврзуван со разни теории на заговор коишто тој ги нарекува „бизарни“. Гејтс смета дека овие дезинформации се опасни и можат да обесхрабрат голем број луѓе да се вакцинираат.

Тврдењата дека тој признава оти вакцините ќе убијат 700.000 луѓе се оценети како лажни уште минатата година од страна на AP newsAFP и повеќе други проверувачи на факти низ светот.

Заради сите аргументи и факти посочени погоре, објавата ја оценуваме како лажна и неточна, која има за цел да ја подгрева антиваксерската кампања и да внесува страв и несигурност меѓу луѓето, особено во овој сензитивен период на рапидно зголемување на новозаразени, но и на протести против најновите ограничувачки мерки за невакцинираните.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани