2win800x200

Вакцината на Фајзер е испитана, а доби и потврда за целосна употреба од ФДА

Септември 04, 2021

За жал на тие што го споделуваат и гледаат видеото, од август 2021 година, вакцината на Фајзер повеќе нема дозвола за употреба во итна состојба, како што имаше дотогаш, туку стана првата вакцина во светот, која доби целосна дозвола за употреба од Американската агенција за храна и лекови.

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека биологот Фернандо Лопес Миронес, објаснува на кратко што прочитал во документите на компанијата Фајзер. Во рамките на постот споделено е видео од обраќањето на Лопез Миронес. во кое што тој изнесува низа сомневања и наративи дека вакцината против ковид на Фајзер не е испитана, не може за неа да се каже какви несакани ефекти ќе предизвика на подолг рок и дека има непознати ризици.

„Вистиномер“ го пронајде документот за кој дискутира Лопес Миронес и ги разобличува невистините кои што се изнесени во неговото видео обраќање.

Од 4.00-4.30 мин. во видеото, тој вели:

Триото лекари, политичари и новинари ја креираат инфодемијата. Сите лекари кои излегуваат на телевизија работат со фармацевтските лаборатории и лажат.

Од 5.13-5.38 мин. во видеото тој продолжува:

Ова не се вакцини, не се одобрени и тоа го кажува Фајзер. Несаканите ефекти не се благи како мала настинка. Ќе останат до крајот на животот, наредните 10 години ако фатите рак, ќе ви речат дека така требало да биде.

 

Стара видео снимка се пласира како нова

Видеото на кое што зборува Лопес Миронес, е дефинитивно старо, но на Фејсбук се споделува во август 2021 година со голема виралност. Постот што го рецензираме е споделен повеќе од 1.500 пати и има 450 допаѓања. Но, Лопес Миронес зборува за една многу рана фаза во дозволата, односно одобрението за употреба на вакцината на Фајзер. За жал на тие што го споделуваат и гледаат, од август 2021 година, вакцината на Фајзер повеќе нема дозвола за употреба во итна состојба, како што имаше дотогаш, туку стана првата вакцина во светот, која доби целосна дозвола за употреба од Американската агенција за храна и лекови.

Вакцината на Фајзер е целосно одобрена за користење кај повозрасни од 16 години. Американската агенција за храна и лекови во својот извештај за трајното одобрение што го доби Фајзер, вклучи податоци од испитувања врз 44 илјади луѓе. Според овој извештај, вакцината наречена „комирнати“ е 91 процент ефективна во превенција на болеста ковид-19.

Комесарот на Американската агенција за храна и лекови, Џенет Вудкок, рече дека јавноста може да е исклучително сигурна дека вакцината ги исполнува највисоките стандарди на безбедност, ефективност и високи стандарди во начинот на нејзиното производство.

После оваа информација дека Фајзеровата вакцина доби целосно одобрение од ФДА, оружените сили на САД најавија дека официјално ќе се бара сите 1.3 милиони активни припадници да се вакцинираат.

Позадина на одобрувањето на вакцината

Американската агенција на почетокот ѝ даде на Фајзер привремена дозвола, што претставува одобрение во кое што ФДА утврди дека бенефитите од вакцината ги надминуваат потенцијалните ризици во услови на пандемија. Ова најново, целосно одобрение, е перманентно, односно засекогаш.

Тоа е околу дозволата за употреба на Фајзер. Досегашната дозвола на Фајзер за употреба во итна состојба беше оружје во рацете на антиваксерите, кои велеа дека е експериментална, дека не е вакцина и дека има многу ризици да се прими. Сега, откако е добиена целосна дозвола, се очекува помасовна вакцинација. И кога имаше дозвола само за итна употреба, вакцината на Фајзер не беше неиспитана! Напротив, дозволата за итна употреба беше издадена врз основа на клинички тестирања, кои покажаа дека е 94 проценти ефикасна кај повозрасните од 56 години, 95 проценти ефективна кај луѓето со барем еден коморбидитет, кој ги прави поподложни да развијат тешка клиничка слика од ковид и е 96 проценти ефективна кај лица со висока телесна тежина, состојба што прави да се поподложни на последиците од ковид-19. А, документот кој го покажува тоа погледнете го на овој линк.

Во првата фаза, вакцината на Фајзер беше дадена кај мал број здрави луѓе и постепено се зголемуваше дозата за да се осигура дека е добро толерирана. Првата фаза определи колкава треба да е идеалната доза. Втората фаза од клиничките студии на Фајзеровата вакцина вклучи повеќе волонтери со различни здравствени состојби, не само тие што се целосно здрави. Во оваа фаза резултатите од вакцината беа споредени со резултатите од плацебото.

Не се појавија проблеми, па клиничкото тестирање премина на фаза три. Илјадници волонтери, случајно избрани, во оваа фаза примија или вакцина или плацебо. Оваа фаза им помогна на истражувачите на Фајзер да го измерат ефектот на вакцината.

Во третата фаза на клиничкото испитување за Фајзер, 8 од 17.411 луѓе, кои ја примија вакцината се инфицирале со ковид, споредено со 162-ца од 17.511 кои примиле плацебо, односно не ја примиле вакцината.

Токму од овие информации, истражувачите утврдија дека вакцината е 95 проценти ефективна да превенира инфекција од ковид.

Дополнително, за да добие дозвола за употреба во итна состојба, вакцината мора да биде тестирана кај над 3 илјади испитаници и барем половината од нив да се следат повеќе од 2 месеци после втората доза. 

Вакцината е безбедна и повеќе од 40 илјади индивидуи беа вклучени во клиничките тестирања, според македонското Министерство за здравство.

 

Канцер е исклучен како последица на вакцината

Спротивно на изнесеното во постот, не е точно дека од вакцините се добива рак.

Најчести несакани ефекти по Фајзеровата вакцина се болка на местото на апликација, црвенило и чешање, покачена телесна температура, треска, главоболка, болки во мускули. Несаканите ефекти се почести по примање на втората доза. Оваа вакцина може да даде и алергиска реакција и не треба да се администрира на лица алергични на полиетилен гликол (PEG) или сродни молекули, бидејќи PEG е една од состојките. Несаканите ефекти се благи и краткотрајни и траат до два дена по примање на вакцината.

 

Миронес со историјат во дезинформациите

Во врска со Лопез Миронес, човекот кој се претставува за биолог и кој го спори првичното одобрение за употреба на вакцината на Фајзер, веќе има информации дека магистрирал вирусологија на брза патека за 8 месеци, по што учествувал како говорник во документарец со 30 дезинформации околу ковид-19. Документарецот е финансиран со 370 илјади евра, француски е и се вика Hold Up.

Поради сите горенаведени факти, како невистинито го оценуваме тврдењето во постот дека вакцината на Фајзер е неиспитана.

 
 
 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани