2win800x200

Вакцините не предизвикуваат смрт, ниту пак, ќе ве направат зомби!

Септември 19, 2021

Смешно и апсурдно е тврдењето дека може да се стане зависен од вакцина, а уште поапсурдно е да се каже дека со вакцинација ќе станете зомби! Постот неосновано, без никакви докази и факти, шири страв и паника кај населението, тврдејќи дека вакцинираните ќе умрат. Штетно и нечовечки е да се изнесуваат вакви дезинформации, кога сите факти покажуваат дека вакцинираните помалку се заразуваат, а што е најважно не развиваат тешка клиничка слика на ковид-19 

Рецензираме објава на Фејсбук, во којшто се изнесува бројни невистини за вакцините. Постот е насловен „ДОЗИРАНА СЛОБОДА, ИЛИ ДОЗИРАНА СМРТ?“, тој првенствено ги поддржува теориите на заговор позврзани со пандемијата и без никакви факти и докази изнесува лаги со кои шири страв во јавноста.

Сега доаѓаме до моментот каде што пишувавме дека инекциите кои ви ги нудат со изговор дека се некакви вакцини, а се нешто сосема друго, ќе ви станат навика, ќе ве претворат во џанаци, зависни од игли, зомбирани, вие пак се смеевте. Арно ама смеењето како и стапот има два краеви, подебелиот очигледно ќе го извлечете вие, големите верници во науката. Ве излажаа за тестовите, ве излажаа за терапиите, ве излажаа за инекциите велејќи, само така може да се стекне имунитет, па после требало втора доза, па трета доза, како што најави нашиот аплаудиран од вас, министер за смрт. А пак само ден пред неговата изјава дека ќе треба трета доза за вас глувчиња лабараториски, Израел како највакцинирана нација во светот најави ЧЕТВРТА доза од магичните инекции, нели дека се Ептен ефикасни, првите три не беа доволни, ама вие си знаете. Сигурно ќе има уште, можете да се кладите, пишува во постот.

Смешно и апсурдно е тврдењето дека може да се стане зависен од вакцина, а уште поапсурдно е да се каже дека со вакцинација ќе станете зомби!

Според сите научни студии вакцината прорив коронавирусот докажано штити од тешки форми на болеста и смрт. За да бидат одобрени за употреба, вакцините против ковид-19 мора да ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и делотворност. Светската здравствена организација (СЗО) внимателно го следи воведувањето на сите вакцини за ковид-19. Иако тие беа развиени во рекордно време, сепак, самиот процес – системите за тестирање, проценката на резултатите и одобрувањето на вакцината, не беше помалку ригорозен.

Во однос на тоа колку дози на вакцина ќе бидат потребни се до крајот на пандемијата, засега никој не знае. Некои земји започнаа со аплицирање на трета доза, особено за имунокомпромитираните пациенти.

ВАКЦИНИТЕ НЕ СЕ ЕКСПЕРИМЕНТАЛНИ

Понатаму, во постот се вели:

За да биде иронијата уште поголема, самиот производител објаснува дека инекциите се во фаза на клиничко тестирање, на што укажува и фактот што вие лично се потпишувате дека на своја сопствена одговорност ја примате магичната инекција, за која можните последици меѓу другото се, срцеви проблеми, Згрутчување на крв, спонтани абортуси и слично, а исто така и смрт.

И ова тврдење е неточно. Вакцините против ковид-19 ги поминале клиничките тестирања и не се експериментални. Нивното производство минало низ неколку строги тестови за безбедност и ефикасност со што се докажа дека тие се ефикасни против коронавирусот. По одобрување од страна на Светската здравствена организација (СЗО), како и националните регулатори, сите вакцини мора да поминат три клинички фази на тестирање. Клиничките тестирања даваат сигурност дека вакцините се безбедни и за лицата со разни болести, но и за ефикасност против вирусот. Резултатите од клиничките фази потоа се ревидираат од страна на независни научници за да се осигура дека податоците се во ред.

Тестирањата во третата фаза и нивната примена во светот потврдија дека вакцините се многу ефикасни во превенција на тешките симптоми. Подолу можете да ја видите ефикасноста на сите вакцини што се аплицираат во РСМ, кон симптоматското заболување со ковид-19:

  • Фајзер – Бионтек – 95 проценти
  • Оксфорд – Астразенека – 63 проценти
  • Синовак – 51 процент
  • Спутник В – 92 проценти
  • Синофарм – 79 проценти

А, според научната фела лесните симптоми пријавени од вакцинирани лица (болка, црвенило на кожата на местото на инјектирање, главоболка и покачена температура) се само доказ дека се активирал имунолошкиот систем.

ВАКЦИНИТЕ ШТИТАТ

Исто така,  постот неосновано, без никакви докази и факти шири страв и паника кај населението, тврдејќи дека вакцинираните ќе умрат:

Насекаде од светот се слуша гласот на оние кои се боцнале. Пак се болни. Умираат наводно од болеста против која беа боцкани. Се претворија во подвижни зарази. Стравот остана кај вас, не ве напушти, иако се соблазнавте. НЕМА да биде лесно за нас невакцинираните, ама вие другите нема ни да сте тука за да знаете што ќе се случува.

И ова е неточно.  Штетно и нечовечки е да се изнесуваат вакви дезинформации, кога сите факти покажуваат дека вакцинираните помалку се заразуваат, а што е најважно не развиваат тешка клиничка слика на ковид-19. Според една анализа на Министерството за здравство во земјава, само 15% од вакцинираните со две дози се заразиле од корона вирусот и тие имаат многу полесни симптоми на болеста.

Во периодот од 6 до 19 август на територија на државата позитивни на ковид се 9.881 граѓани, од нив само 15% биле целосно вакцинирани, односно 1.507 лица, што значи дека најголем број од новозаразените се невакцинирани – според двонеделната статистика 8.374 граѓани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91%, додека само 9% се целосно вакцинирани, информираше Министерството за здравство.

Имајќи ги предвид горенаведените факти – засновани на стручни студии и анализи, овој пост го оценуваме како невистинит.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани