АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Фејсбук објава ги измамува корисниците на социјалните мрежи дека споредбените бројки на новозаразени и починати од коронавирус во септември 2020 година и септември 2021 година значат дека смртните случаи ги предизвикува вакцнината.
Споредба на смртоносните случаеви, лани и оваа година. Минатата година немавме вакцина а сега имаме вакцина. Ке се осмелат ли да признаат дека вишокот на смртоносни случаеви е како резултат на вакцините?? За жал ова го има и во Британија, и во САД и во Австралија..
До кога ке дозволуваме ова да се случува?
Податоците кои се прикачени на објавата како фотографија, навистина се од Министерството за здравство, но сами по себе не значат многу без соодветен контекст, којшто не е даден во објавата. Заклучок не може да се извлече само со претставување на чисти податоци без притоа да се даде пошироко објаснување за ситуацијата од која се извлечени податоците.
Па, така, септември 2020 година и септември 2021 година по многу нешта беа различни, а тие разлики влијаат и на бројките коишто ги имаме.
Многу важно е да се каже дека во септември 2020 година, освен што немавме вакцини, го немавме ни делта сојот на коронавирусот, кој првично се појави во Индија на крајот на претходната година.
Американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), на крајот на јули излезе со истражување кое потврдува дека делта сојот е многу позаразен од останатите варијанти на коронавирусот:
Делта сојот е заразен колку и овчите сипаници (варичела) и може да се шири и кај вакцинирани и кај невакцинирани. Овчите сипаници можат да се пренесат преку воздухот на неколку метри оддалеченост.
ЦДЦ ја нагласува вакцинацијата како најдобра одбрана против варијантата која „е толку заразна што делува како различен, нов вирус, пренесувајќи се побрзо отколку еболата или настинката“. ОД ЦДЦ тогаш истакнаа дека „војната со коронавирусот е променета“.
На ова предупредија и од Светската здравствена организација (СЗО):
После 11 недели опаѓање на инфекциите во Европа, повторно го имаме нивниот раст како резултат на делта варијантата на вирусот, која ќе стане доминантна до крајот на август, но за разлика од минатата година имаме ефикасни вакцини и можност да избегнеме понатамошно влошување“, изјави Ханс Клуге од СЗО по посетата на љубљанскиот центар за вакцинирање против ковид-19.
Ситуацијата помеѓу септември 2020 година и септември 2021 година е различна и според мерките кои беа воведени од Владата како дел од протоколите за заштита на населението од заразување со коронавирусот.
Градинките не работеа до 9 септември 2020 година, а школската година започна во октомври. Со цел спречување на ширење на вирусот на сила беше забраната за организирање свечености со музика (свадби, матурски, крштевки и слично),
До 23 септември 2020 г. беа ослободени од работа и родителите на деца до шестгодишна возраст поради нефукнционирање на градинките, а до 23 септември траеше и продолженото породилно отсуство.
Речиси до крајот на септември 2020 г. (22 септември) не работеа кината, театрите, оперските претстави, балетските претстави, другите манифестации со филмски проекции, мултимедиумските проекти, фестивалите и други манифестации од дејноста на културата.
За разлика оттогаш ова лето беа дозволени секоков вид прослави и во внатрешен и во надворешен дел од угостителските објекти, што придонесе да се зголеми трансмисијата на вирусот и драстично да пораснат бројките. Мерките што се воведоа и што беа на сила овој септември, важеа само за невакцинираните лица. Па, така, за посета во угостителските објекти нема никакво ограничување на вакцинирани лица кои треба да покажат сертификат за барем примена една доза од вакцина против ковид-19. Истото важи и за организирање на друг вид на прослави, како и организирање на настани.
Од 1 септември 2021 се донесе и одлука за влез и излез од територијата на С. Македонија сите задолжително да приложат или сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19 или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или негативен ПЦР или брз антиген тест. Но, овие мерки започнаа да важат од септември, а бројките на заболени и починати што ги гледаме во септември се резултат на олабавените мерки, кои беа на сила цело лето, како и на летната туристичка сезона кога имаше зголемен број на влез и излез од државата.
Податоците врз кои се базира оваа, а и повеќе други антиваксерски објави во последните неколку денови произлегуваат од телевизиски прилог. Но, при објавите на Фесјбук е прикажан само мал дел од она што е главната поента на прилогот, а е контраргуемент на овие објави на социјалните мрежи.
Имено, прилогот се однесува на бројот на лица заболени од коронавирусот кои биле невакцинирани и оние кои биле вакцинирани. Па, оттука, многу важен податок од прилогот е дека 77% од новите случаи и 79% од хоспитализираните со ковид-19, се невакцинирани. Според овие податоци, кои ги дава Министерството за здравство, 85 отсто од починатите не биле имунизирани.
И во самиот прилог, од каде што во овој пост селективно се извлечени само одредени податоци, за да се објават на социјални мрежи, заклучокот е дека „единствено оружје против ковид-19 за сега е вакцинацијата“.
Со гледање на пошироката слика и земајќи го предвид контекстот на презентираните бројки, никако не може да се изведе заклучок дека вакцините се виновни за бројот на заболени или починати.
И покрај тоа што е можно вакцинирано лице да се зарази со коронавирусот, сепак, вакцината штити од тежок тек на болеста и во висок процент спречува развивање на тешка клиничка слика, хоспитализации и смртен исход. Оттука, не само што вакцината не е виновна за зголемениот број на починати, туку таа спасува животи.