АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека додека граѓаните ги трујат со вакцини, a фармацевтските компании печалат од тоа.
Додека вас ве трујат со вакцини тие печалат од тоа. Фајзер остварил 19 милијарди долари само во вториот квартал оваа година или 211 милиони долари дневно. Некои познати ризици од нивните вакцини против ковид се згрутчување на крвта и кардиомиопатија. За среќа тие го прават лекот Еликвис за лекување на згрутчување на крвта – продажбата се зголеми за 13 проценти. Тие, исто така го прават и Виндаквел за лекување на кардиомиопатија – продажбата е зголемена за 77 проценти!, се вели во постот.
Кардиомиопатија не е поврзана со ниедна вакцина против ковид како потенцијален ризик. Некои истражувања покажуваат дека вакцините може да доведат до благо зголемен ризик од згрутчување на крвт,а кое може да се третира со медикаменти на „Фајзер“, но експертите велат дека е неможно зголемениот профит од овој медикамент да е благодарение на реткиот несакан ефект.
Значи, згрутчувањето на крвта е многу ретко, во многу мал број случаи, така што дури и кога тие би се лекувале со лекови од „Фајзер“, повторно би станувало збор за многу мал број случаи и последично на тоа многу мал број лекови. Така што „Фајзер“ не би можел да се збогати од тоа и парите што би ги заработила компанијата од продажбата на тие лекови би биле минорен процент од вкупните приходи.
Лекот „Еликуис“, се користи за третирање на згрутчување на крвта, во нозете и белите дробови, според она што е наведено на веб-страницата на производителот.
Го намалува ризикот повторно да се случи згрутчувањето и го намалува ризикот од длабинска венска тромбоза по операција на колк или колено. Згрутчување на крвта или тромбови се ретки несакани ефекти на ковид вакцините, според Центарот за контрола и превенција на болести на САД.
Но, синдромот да се создава згрутчување на крвта, понекогаш поврзан со ковид вакцината, а кој може да се третира со „Еликуис“ е редок. До 20 септември, само два случаи на тромбоза со синдром на тромбоцитопенија или згрутчување на крвта, биле пријавени по примање на мРНК вакцина и двата случаи биле поврзани со вакцина на „Модерна“, според истиот центар.
После вакцинација со „Џонсон и Џонсон“ имало 47 такви пријавени случаи. Според Центарот за контрола и превенција на болести, нема пријавени случаи со синдром на тромбоцитопенија по примање на вакцина од „Фајзер“, според ЦДЦ.
Портпаролот на „Фајзер“, Стив Данехи, за „Ју Ес Еј Тудеј“ изјавил дека „Фајзер“ продолжува да спроведува месечни споредбени анализи за податоци за безбедноста на вакцината.
Нема докази за да се заклучи дека артериските или венските тромбоемболични настани со или без тромбоцитопенија се ризик поврзан со употребата на нашата ковид вакцина, изјавил тој.
Всушност, заразата со ковид може во многу поголем процент да доведе до состојбата што ја лекува лекот „Еликуис“.
Студија спроведена од Оксфорд Универзитетот на 540 илјади случаи со потврден ковид, пронајде дека 4 во еден милион луѓе, добиваат церебрална енска тромбоза (тромбови во мозокот) по примање на фајзерова вакцина. Но, ризикот од тромб за оние кои што се дијагностицирани со ковид-19 е ДЕСЕТ ПАТИ ПОВИСОК ОД ТОА и изнесува 39 на милион, се тврди во студијата.
Доктор Вилијам Мос, извршен директор на интернационалниот центар за пристапност до вакцини при Џонс Хопкинс Универзитетот, вели дека тврдењето е неточно. Според него, фактот што во системот за рана детекција на несакани ефекти ВАЕРС, нема извештаи за тромбоза со тромбоцитопенија синдром по вакцинација со „Фајзер“ е силна индикација за низок ризик.
Системот ВАЕРС има свои предизвици но служи како систем за рано предупредување. Ако мРНК вакцината предизвикуваше тромбоза, ќе имаше знаци за тоа на ВАЕРС, вели Мос.
Кардиомиопатија не е на списокот на несакани ефекти од вакцина против ковид-19, според Центарот за контрола и превенција на болести на САД.
Сепак, поинаква состојба на срцето, миокардитис, е на таа листа. Имало 890 потврдени случаи на миокардитис или перикардитис, срцеви воспаленија по примање на мРНК вакцина, според ЦДЦ. Но, лекот, посочен во постот што го рецензираме, е исклучиво за кардиомиопатија, а не за миокардитис или перикардитис. Кардиомиопатија е сосема поинаква состојба од миокардитис.
Поради ова, невозможно е ретките несакани ефекти од вакцината на „Фајзер“ да биле причината за растот на продажбата на лековите споменати во постот! Поради тоа, постот го оценуваме како невистинит.