АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пост на Фејсбук шири дезинфомации и теории на заговор за постоење на глобалсатанисти, по чии инструкции, наводно, се врши вакцинацијата против ковид-19 на децата и брмените жени. Во оваа манипулативна објава која може да нанесе огромна штета на процесот на имунизација се вели:
Глобал – Сатанистите ќе почнат вакцинација на 1М. деца од 12-15 г.
Глобал Сатанистите почнаа со вакцинација и на БРЕМЕНИ жени иако до пред 2 месеци не се препорачуваше вакцинација.
Од следната година ГЛОБАЛ – САТАНИСТИТЕ ќе ги вакцинираат децата од 6 месеци до 11год.
Но, не постојат глобалсатанисти, ниту нивни инструкции во поглед на вакцинацијата. Имунизацијата се одвива врз база на научни студии и анализи, нужни за справување со пандемијата, а кои секојдневно потврдуваат дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и ефективни, спречуваат тешки форми на болеста и превенираат од смрт.
По направените студии, СЗО и ЕМА годинава ги одобрија вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ за употреба и кај деца од 12 до 17 години. Испитувањето покажа дека ниту едно од 2.163 деца кои ја примија вакцината не разви ковид-19, наспроти 4 од 1.073 кои добија пласибо.
„Фајзер“ ги објави резултатите од студијата направена на 2.000 адолесценти, која покажа дека вакцината кај деца е 100% ефикасна и безбедна. Повеќето вакцини против коронавирус одобрени од властите ширум светот се наменети за возрасни, но здравствените власти веруваат дека вакцинирањето деца од сите возрасти ќе биде клучно за запирање на пандемијата.
Многу земји во светот одобрија вакцинација кај децата – Франција, Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Швајцарија, Израел, Кина, Филипини, САД, Канада…
Во Франција 2 милиони деца од 12 до 17 години примија вакцина со официјална согласност и од детето и од родителите. Во САД од мај годинава речиси 11 милиони деца на возраст од 12 до 17 години имаат примено барем по една доза, што е 14% од оваа старосна група. Според анализата на податоци на „Њујорк Тајмс“, вакцинацијата на младите одигра значајна улога во повторното рестартирање на претходно запрената кампања за вакцинација.
Во исклучителни случаи Израел дозволува и вакцинација на деца над 5 годишна возраст – ако се посебно загрозени во случај на зараза да развијат тешка форма или да починат зашто на пр.имаат срцева маана или болести на белите дробови. Тие добиваат 0,1 милилитар од Бионтек/Фајзер вакцината, односно третина од дозата за возрасни.
Сите научни студии докажаа дека вакцината е безбедна и ефикасна во заштитата и на младата популација. Во средината на јули годинава започна вакцинација на деца и во земјава. Во Тетово беа пријавени 103 деца, во Битола 99, Куманово 86, Охрид 76, Велес 70, Кавадарци 53, Гостивар 49, Струмица 43, Гевгелија 40, Штип 38, Струга 25, Неготино 15, Кочани 14.
Во однос на вакцинацијата на бремените жени, тие се во поголем ризик од тешки симптоми на ковид-19 во споредба со жените на репродуктивна возраст кои не се бремени. А, исто така, ковид-19 се поврзува и со поголем ризик од предвремено породување. САД и други земји, меѓу кои, Велика Британија, Израел, и Белгија, се изјаснија за општа, дури и приоритетна вакцинација на трудници.
Во врска со вакцинацијата на бремените жени, министетрот за здравство, Венко Филипче при пристигнувањето на вакцините од „Синовак“ во јуни годинава изјави:
Оваа вакцина е одобрена од СЗО, ефикасна и целосно безбедна за користење. Високо ефикасна е за превенција на тешка болест. Препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици, како и кај доилки.
Па имајќи ги предвид горенаведените факти овој пост го оценуваме како неточен.