2win800x200

Не е точно дека никој од „Фајзер“ и „Бионтек“ не се вакцинирал против ковид

Ноември 17, 2021

Изјава на доктор Угур Сахин, еден од основачите на компанијата „Бионтек“, дадена на крајот на 2020 година,  е злоупотребена во постот за лажно да се тврди дека вработените, сопствениците и директорите на „Фајзер“ и „Бионтек“ не се вакцинирани. Тоа не е точно. Угур Сахин и неговата сопруга Озлем Туречи, исто така, основач на „Бионтек“, во интервјуто дадено  во септември 2021 година изјавија дека се вакцинирани уште во јануари 2021 година, како и вработените на „Бионтек“. Генералниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, е целосно вакциниран во март 2021 година. Сите вработени во „Фајзер“ мора да се вакцинираат до 15 ноември, освен ако немаат медицинска причина да не го сторат тоа

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека основачот на „Бионтек“, (компанијата која заеднички со „Фајзер“ ја создаде мРНК вакцината), Угур Сахин, наводно, изјавил дека никој од вработените во компанијата не ја примил вакцината.

Во постот уште се вели дека „никој во „Фајзер“ не го примил сопствениот производ“ (вакцината н.з.), притоа се наведува и дека:

Сите луѓе што се запознаени со содржината на боцките, односно наводните вакцини против наводниот коронавирус ковид-19, а особено вработените кои ги произведуваат истите боцки, како и сите политичари, лекари, новинари… кои агитираат за вакцинирањето и гарантираат за наводната безбедност и ефикасност на истите, нормално нема да се вакцинираат или пак лажно ќе се вакцинираат.

Компанијата „Бионтек“ е основана во Германија во 2008 година од турско-германските научници Озлем Туречи и Угур Сахин. „Бионтек“ развива активни лекови со специфичен пристап за пациентот за третман на разни болести. Во 2018 година, Бионтек во соработка со „Фајзер“ развива мРНК вакцина за спречување свински грип. Подоцна, вакцината на база на мРНК технологија произведена од „Фајзер“ и „Бионтек“, стана првата вакцина против ковид-19, што доби одобрение за итна употреба од СЗО на 31 декември 2020 година.

На 22 декември 2020 година доктор Угур Сахин во интервју за „Дојче Веле“ запрашан зошто нема примено вакцина против ковид, изјави:

Не ни е законски дозволено да се вакцинираме во овој момент. Се разбира, сметаме (дека треба да се вакцинираат н.з.). Поважно ни е колегите и партнерите да бидат вакцинирани. Нашата цел е да произведеме над 1.3 милијарди дози до крајот на 2021 година, а тоа може да се направи само ако продолжиме со работа секој ден без никакви прекини. Треба да се погрижиме да ги заштитиме колегите и членовите на тимот од инфекција со ковид-19, бидејќи тоа би значело прекини, одложувања. Планираме да произведеме вакцини и за вработените и корпорациските партнери и членови на тимот.

Запрашан зошто законски не му е дозволено да се вакцинира, тој одговара дека има приоритетна листа.

Има приоритетна листа. Не е дозволено да се зема вакцината надвор од таа приоритетна листа. Исто е важно да напоменеме дека нам и на вработените не ни беше ниту дозволено да учествуваме во клиничките тестирања, зашто, според законот, не смее да се вклучуваат луѓе од компанијата во такви клинички тестирања, што е во ред. Но, сега се соочуваме со предизвикот да се осигураме дека и нашата компанија може да функционира и верувам дека ќе најдеме легално и фер решение за тоа, посочи тој.

Напоменуваме дека интервјуто за „Дојче Веле“ е од крајот на 2020 година, а постот што го рецензираме е една година подоцна!

Таа изјава од крајот на 2020 година, е злоупотребена во постот за лажно да се тврди дека вработените, сопствениците и директорите на „Фајзер“ и „Бионтек“ не се вакцинирани. Тоа не е точно.

Конкретно, Угур Сахин, основачот на Бионтек, во интервју дадено подоцна, во септември 2021 година, потврдува дека се вакцинирал меѓу првите.

Не само тој, туку и неговата сопруга Озлем Туречи е вакцинирана заедно со вработените на „Бионтек“. Тие двајцата, како основачи на „Бионтек“ изјавија во интервјуто дека се вакцинирани уште во јануари 2021 година, како и вработените на „Бионтек“.

И јавно достапни написи од „Ројтерс“ потврдуваат дека на сите вработени на „Бионтек“ им било понудено доброволно да се вакцинираат уште на почетокот на јануари 2021 година, кога поголемиот дел од светот не ни имаше достап до вакцините!

И генералниот директор на „Фајзер“,  Алберт Бурла е целосно вакциниран, со втора примена доза во март 2021 година.

Сите вработени во „Фајзер“ мора да се вакцинираат до 15 ноември, освен ако немаат медицинска причина да не го сторат тоа.

Што се однесува пак до политичарите и новинарите, тие јавно се вакцинираа во Република Северна Македонија, а дел од нив и во Србија.

Оттука, оценуваме дека не се вистинити тврдењата изнесени во постот што го рецензираме дека никој од „Фајзер“ и „Бионтек“ не ја примил вакцината, како ни дека тоа не го сториле политичари и новинари.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани