2win800x200

Лицата со попреченост бараат повисоки додатоци, ќе добијат 15 отсто зголемување, но идната година

Ноември 22, 2021

Креирањето и измените на политиките за лицата и децата со попреченост, зголемувањето на нивните надоместоци и додатоци, редицата неопходни чекори за олеснување на нивната егзистенција, неретко завршуваат на средина меѓу потребите и реалноста, односно нивото на средства кои државата треба и може да ги одвои за нив. Како дополнителна потешкотија последниве година и пол и повеќе се појави и ковид пандемијата. Како резултат на сето ова, имаме ситуација во која се исполнуваат помалите нивни барања и потреби, но оние најважните (неретко најскапите), се оставаат за други времиња

Пишува: Мирослава Бурнс

Лицата со попреченост може да склучуваат бракови на 18 години, може да гласаат на избори со наполнети 18 години, но кога се работи за добивање паричен надомест, тогаш со ова право се манипулира, затоа што во Законот за заштита на децата, стои дека лице со пречки и во телесниот и менталниот развој до 26 годишна возраст е – дете! А децата со попреченост, земаат пониски парични додатоци од возрасните.

Прво треба да се промени посебниот детски додаток. Тој е 5.100 денари и го добиваат лицата со попреченост до 26 години. Тој бараме да биде 10 илјади денари. Додатокот за попреченост за лица над 26 години, кои примаат 7.100 денари, бараме да биде 12.000 денари со можност за две години да порасне на износот на минимална плата. Границите на години исто бараме да се симнат, не само од 26 на 18 години, туку има и друга работа. Луѓето што се по новиот закон и оствариле право на туѓа нега, или додаток за попреченост, имаат право да го земаат додатокот само до 65 години. Над 65 години што треба да прават? Како може таква мерка да е на сила? Во моментот имаме таква ситуација. Жена која што има 67 години не може да оствари право. Ѝ велат не може! Како може така? Бараме веднаш да се отстрани тоа ограничување. Не смее да има такво ограничување, бидејќи тоа е кршење на човековите права, вели за „Вистиномер“ Суарет Алишан од коалицијата Менуваме.

Тој тврди дека нискиот додаток од 7 илјади денари, возрасните го трошат за струја, вода и медикаменти и парите не стигнуваат за други потреби.

Тој додаток за попреченост мора да биде на ниво на минималната плата. Зошто го бараме тоа? Затоа што тогаш лицето со попреченост ќе биде кредитоспособно! Имаме проблем, се склучуваат бракови на 20 години, а тие лица во системот се водат како малолетни! А, тие веќе создаваат фамилија. Тоа е реалност. До 26 години ги водат како деца, а тие самите се во брак и имаат свои деца! Имаше девојче проблем да се породи на 20 години, затоа што ја водат под „детска заштита“. Живеат од посебен детски додаток за нив, а тие самите имаат деца и се родители! Возрасната граница под итно треба да се промени и да биде 18 години како и за сите други граѓани, објаснува Алишан.

ДОДТАОК ЗА ПОПРЕЧЕНОСТ

Според него, додатокот ќе се зголеми за 15 проценти, недоволно на барањата.

Ние бараме да биде 12 илјади денари, а за две години да е еднакво на минималната плата. Кога би ја достигнале минималната плата, ние би можеле лицата со попреченост да ги извлечеме од сиромаштијата и да ги направиме функционални и кредитно способни. Кога би биле кредитно способни, ќе имаат повеќе бенефиции во државата, кредит можат да земат. Тоа не го прифатија, па затоа коалицијата Менуваме мораше да поднесе претставка до Европскиот суд за човекови права. Не ја тужиме државата, туку се обраќаме и го информираме Европскиот суд за човекови права дека не се почитува имплементација на конвенции. Од Обединетите нации стигнат е указ до Македонија, каде се вели дека, поради немањето на сервисни услуги за лицата за попреченост, државата е должна тоа да го компензира со материјални средства. Утре-задутре од вакви пропусти Македонија може да има проблем да влезе во ЕУ. Статистиката на ОБСЕ покажува дека има 120 илјади лица со некаков хендикеп во земјава, па, така, време е државата да си ја земе работата во раце и здраво да работи. Ни ветуваа во Владата дека од 2022 година ќе има покачување на додатоците, зашто е потребен ребаланс на буџетот. Бидејќи државата функционира во кризна состојба, не ѝ треба закон во Собрание за лицата со хендикеп. Може владата да свика седница и да донесе одлука веднаш ако сака, смета Алишан.

Меѓу барањата на коалицијата Менуваме е и да се симне годишната граница за користење ортопедски помагала, лицата со оштетен вид да добиваат бесплатни мерачи за шеќер, да се формира регистар на лица со попреченост, дневни центри и центри за рехабилитација.

Северна Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации во 2011 година, по што е должна да ги оствари преземените обврски за гарантирање на правата на лицата со попреченост.

Комитетот при ОН за правата на лицата со хендикеп во член 28 став 45 посочува дека за да се гарантира соодветен животен стандард, на лицата со попреченост преку компензации во форма на паричен додаток треба да им се овозможи да ги покријат трошоците поврзани со попреченоста. Државата треба да ги покрие трошоците поврзани со попреченоста, да ги укине одредбите со кои им се ограничува на лицата со попреченост пристап до социјални бенефиции поради нивната возраст, да алоцира парични додатоци и надоместоци за децата со попреченост. Во член 19 став 32 се бара да се усвојат мерки со кои ќе се осигура дека лицата со попреченост имаат законско право на доволен личен буџет за независно живеење.

Затоа бараме зголемување на износот на сите додатоци по основ на попреченост, како и на посебниот детски додаток. Исто така, да се даде можност да ги покриеме сите трошоци поврзани со попреченоста како лекови, суплементи, физикална терапија, сензорни соби, помошни помагала, соодветно на состојбата и возраста на лицето, вели Алишан.

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија на патот кон ЕУ од 2020 година децидно е наведено дека годинава земјата особено треба да ги забрза напорите за примена на препораките на меѓународните тела за набљудување, особено во врска со правата на лицата со попреченост. Исто така, се препорачува земјава да ги подобри услугите на заедницата и да ги поддржи децата со попреченост.

„Ромите и лицата со попреченост остануваат да бидат со најголем ризик од сиромаштија“, пишува во Извештајот. Во него се вели и дека постигнат е одреден напредок при подобрувањето на правата на лицата со попреченост:

НОВАТА ЗАКОНСКА РЕГУЛАТИВА

Новиот Закон за социјална заштита и новиот Закон за заштита на правата на пациентите, донесени во 2019 година, ја препознаваат попреченоста како основа за дискриминација и бараат лична помош за таквите лица. Додатокот за попреченост се однесува на поширока група лица со попреченост. Лицата со попреченост и понатаму се соочуваат со значителна дискриминација, директна и индиректна, поради бариерите поврзани со инфраструктурата, недостаток на информации и услуги, дискриминаторски ставови и социјално исклучување. Во 2019 година, Канцеларијата на Народниот правобранител пријави 24 жалби поврзани со дискриминација на децата со попреченост, пишува во Извештајот на ЕК.

Паричните надоместоци не се единственото за кое семејствата и родителите на лицата со попреченост се борат.

Има повеќе проблеми кои постојано ги воочуваме и секојдневно живееме со нив. Има неколку приоритетни работи кои никако да се случат. Една од нив е отворање на рехабилитациони и дневни центри за лица со попреченост во општините каде има потреба. Одамна бараме такви центри во поголемите градови, кои би содржеле во себе рана интервенција, рехабилитација која подразбира работа од најрана возраст со децата со нетипичен развој, дефектологија, логопед, физиотерапија, солени соби, базени, сето она што го има во регионот. Да не одиме подалеку, во Србија и Бугарија тоа веќе постои со години. Потоа бараме имплементирање на напредни современи сервиси за работа со лица со попреченост, кои кај нас уште не се имплементирани и се на ниво на невладиниот сектор, како, на пример, терапевтско пливање. Ние како организација го правевме тоа 7-8 години, 400 деца учествуваа. Терапевтско јавање исто е терапија, која не е никаков луксуз. Тоа се терапии, кои се добри за овие лица и во регионот се применуваат. И во Бугарија и во Србија веќе наназад 20 години ги има, а ние уште ги немаме. Ние и оттаму земавме обучувачи, обучивме наш кадар и сите овие сервиси, кои ви ги спомнувам, одат преку државата во регионот и се системски имплементирани. Да речеме, терапевтското јавање и терапевтското пливање во Србија веќе 15 години се преку Министерството за здравство. За децата со физичка попреченост и аутизам тоа е голем бенефит и придонесува за целосната состојба, когнитивна и психофизичка, вели за „Вистиномер“ Ребека Јанковска Ристевски.

Во врска со додатокот за лицата со попреченост до 26 години, кој е околу 5 илјади денари, таа тврди дека оваа сума е недоволна за да се набави било што.

Голем дел од овие лица се во пелени до некоја поодмината возраст и тоа е само за пелени. Она што го бараме, јас како родител и оние кои јас ги претставувам, бидејќи сум претседател на неколку здруженија, всушност, бараме сервиси во Скопје и во поголемите градови. Бараме превоз. Ние немаме организиран превоз за овие лица. Може да замислите дека во град Скопје имаше 4 комбиња за превоз на лицата со попреченост, а сега има две за цел град, што е премалку. Секоја општина треба поединечно преку ЗЕЛС со наредба треба да има свои општински возила кои ќе бидат наменети за овие лица. Голем дел од најмала возраст користат терапии во градот и многу од родителите не можат да ги носат, но и да можат, станува збор за целодневна активност. Логопед во Центар, физиотерапевт во Козле, дефектолог на приватно и цел ден возиш. Маркијан имаше по 4 до 5 терапии на ден. Замислете да има еден центар за рана интервенција и рехабилитација ќе го оставев таму и ќе го земев на крајот на денот и сите терапии ќе си ги добиваше. Или да е така, или да има превоз да ги носи овие деца. Во 90 проценти од семејствата каде има дете со попреченост, еден од родителите не може да работи основното човеково право да работи, иако сака – му е ускратено. Бараме зголемување на додатокот за попреченост. Меѓутоа, во овој додаток, сега се опфатени само лицата со комбинирани пречки, слепите лица, лицата со телесен хендикеп и толку. Мислам дека треба таа листа да се прошири зашто и другите типови попреченост имаат потреба од овој тип додаток, додава Јанковска Ристовски.

Таа вели дека изминатите 12 години има остварено десетици средби со министри, премиери. На крајот, сите ветувале дека работите ќе се подобрат, по што се менувале ситни работи, но не драстичните и важни барања.

Сето тоа е една болна точка на државата и никој не сака да си преземе одговорност како да не сакаат да го сработат тоа едноставно. Ако почнам да редам за образование, дека лицата со попреченост немаат специјална државна матура, нема соодветна обука на наставници, нема практично обука. И асистентите 500 вработени, што се сега пуштени во училиштата, добија теоретска обука од 5 дена. Јас таков асистент добив за мојот син. Ми рече, немам искуство, само таа обука е теоретска. Властите ја користат нашата состојба и знаат дека не можеме константно да протестираме зашто сме ранлива категорија, зашто сме со проблеми, нема кој да ни ги чува децата и не можеме да сме масовни. Немаме капацитет. Не можеш секој ден да излегуваш по улици. Имаме лица со попреченост, кои живеат на петти шести спрат кај што нема лифт. Не можат да излезат од дома воопшто. Еве, доаѓаат избори, па тоа сакам да го потенцирам – да им најдат станови на тие лица, на приземје, апелира Јанковска Ристовска.

ИНКЛУЗИЈАТА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ – ВРВЕН ПРИОРИТЕТ

Министерството за труд и социјална политика вели дека инклузијата на лицата со попреченост е врвен приоритет.

За таа цел преку повеќе проекти работиме на унапредување на правата и положбата на лицата со попреченост. Речиси сите проекти се креирани врз основа на тесната соработка со невладиниот сектор, а во дел од нив граѓанските организации и здруженија се јавуваат и како даватели на услуги, со единствена цел социјалните услуги да бидат поблиску до граѓаните. Надоместокот за попреченост е предвидено да се покачи за најмалку 15 проценти, но поради пандемијата тоа се пролонгираше, велат од МТСП, додавајќи дека планирањето за овој надоместок се очекува во 2022 година.

Само во изминатите десет месеци Министерството за труд и социјална политика, преку законски измени, ја намали возрасната граница за стекнување на правото на личен асистент од 18 на 6-годишна возраст. Тоа значи дека секое дете со потешка и најтешка физичка попреченост или потполно слепо дете, ќе може да добие личен асистент, со што го поттикнуваме личниот и образованиот развој на децата и им помагаме на родителите во секојдневната грижа за нив, велат оттаму.

Неодамна е промовирана апликацијата за слепи лица – Аудио читач, која беше подготвена во тесна соработка со Националниот сојуз на слепи лица. Министерството за труд и социјална политика работи и на имплементација на Меѓународната класификација на функционалност, која ќе овозможи сеопфатен преглед на можностите и способностите на секое дете со попреченост, како и на потребната социјална, образовна или друг вид на поддршка за унапредување на целокупниот развој на личноста.

Врвен приоритет за вклучување на лицата со попреченост во општествените текови на животот МТСП е и инклузивноста уште од предучилишното образование, поради што, само во текот на 2021 година, отворени се вкупно 13 градинки, кои ги задоволуваат сите стандарди за физичка пристапност и престој на деца со попреченост.

Во 24 општини во земјава во завршна фаза се подготовките за воспоставување на услугите за помош и нега во домот, центри за дневен престој и услуга за рехабилитација и реинтеграција, наменети за 900 корисници.

Наскоро ќе биде отворен и Центарот за одмена на семејната грижа во Демир Капија со капацитет од 250 корисници годишно, во кој семејствата, кои се грижат за членови со попреченост, добиваат можност за одмор во времетраење од 15 денови годишно, најавуваат од МТСП.

Продолжува и процесот на деинституционализација, при што во текот на април беа формирани два дома за живеење со поддршка за девет поранешни корисници на Специјалниот завод Демир Капија, а во завршна фаза се подготовките за нови четири дома за живеење со поддршка за лица со интелектуална попреченост кои во моментов се сместени во институциите.

Во март оваа година го отворивме Дневниот центар за деца со попреченост од 14-26 години во Топанско поле, а уште два дневни центри во Делчево и Липково се во фаза на подготовка, посочуваат од МТСП.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани