2win800x200

Вакцините против ковид не се експериментални

Ноември 29, 2021

Вакцината на „Фајзер“ од август оваа година има трајно одобрение за употреба, кое што важи засекогаш. Европска агенција за лекови ги има одобрено вакцините на „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џенсен“, што може да се види на официјалната страница на ЕМА. Светската здравствена организација ја има одобрено вакцината на „Синофарм“ на 7 мај 2021 и досега таа се дава во 65 земји. И „Синовак“ има дозвола за употреба од СЗО која ја доби на 1 јуни 2021 година и се дава во 40 земји. Нашата држава ги следи препораките на СЗО, ФДА и на ЕМА, односно, тука се прифаќаат вакцините коишто се одобрени од светските релевантни медицински организации

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека вакцината против ковид е експериментална до 2023 година.

Да те уценува со експериментална вакцина за која и самиот производител се изјаснил дека до декември 2023 е експериментална е чист фашизам, се вели во постот.

Од Министерството за здравство за „Вистиномер“ велат дека вакцините против ковид не се експериментални.

Клиничките испитувања на сите вакцини мора прво да покажат дека се безбедни и ефикасни пред која било вакцина да биде одобрена за употреба. Истото важи и за вакцините против ковид-19. Секоја вакцина пред да биде пуштена во употреба е одобрена од ЕМА, ФДА и националните агенции за лекови, велат од МЗ.

„Вистиномер“ веќе пишуваше дека вакцината на „Фајзер“ има трајно одобрение за употреба, кое што важи неограничено време, односно засекогаш. Добивањето на таквото одобрение за употреба не ги поколеба антивакциналните кругови да продолжат да се расфрлаат со термините ,,експериментална” вакцина за да му наштетат на процесот на имунизација.

Од август 2021 година, вакцината на „Фајзер“ повеќе нема дозвола за употреба во итна состојба, како што имаше дотогаш, туку стана првата вакцина во светот, која доби целосна дозвола за употреба од Американската агенција за храна и лекови.

Вакцината на „Фајзер“ е целосно одобрена за користење кај повозрасни од 16 години. Американската агенција за храна и лекови во својот извештај за трајното одобрение што го доби Фајзер, вклучи податоци од испитувања врз 44 илјади луѓе. Според овој извештај, вакцината наречена „комирнати“ е 91 процент ефективна во превенција на болеста ковид-19.

Комесарот на Американската агенција за храна и лекови, Џенет Вудкок, рече дека јавноста може да е исклучително сигурна дека вакцината ги исполнува највисоките стандарди на безбедност, ефективност и високи стандарди во начинот на нејзиното производство.

После оваа информација дека Фајзеровата вакцина доби целосно одобрение од ФДА, оружените сили на САД најавија дека официјално ќе се бара сите 1.3 милиони активни припадници да се вакцинираат.

И кога имаше дозвола само за итна употреба, вакцината на „Фајзер“ не беше неиспитана! Напротив, дозволата за итна употреба беше издадена врз основа на клинички тестирања, кои покажаа дека е 94 проценти ефикасна кај повозрасните од 56 години, 95 проценти ефективна кај луѓето со барем еден коморбидитет, кој ги прави поподложни да развијат тешка клиничка слика од ковид и е 96 проценти ефективна кај лица со висока телесна тежина, состојба што прави да се поподложни на последиците од ковид-19. А, документот кој го покажува тоа погледнете го на овој линк.

Во првата фаза, вакцината на „Фајзер“ беше дадена кај мал број здрави луѓе и постепено се зголемуваше дозата за да се осигура дека е добро толерирана. Првата фаза определи колкава треба да е идеалната доза. Втората фаза од клиничките студии на Фајзеровата вакцина вклучи повеќе волонтери со различни здравствени состојби, не само тие што се целосно здрави. Во оваа фаза резултатите од вакцината беа споредени со резултатите од плацебото.

Не се појавија проблеми, па клиничкото тестирање премина на фаза три. Илјадници волонтери, случајно избрани, во оваа фаза примија или вакцина или плацебо. Оваа фаза им помогна на истражувачите на Фајзер да го измерат ефектот на вакцината.

Во третата фаза на клиничкото испитување за „Фајзер“, 8 од 17.411 луѓе, кои ја примија вакцината се инфицирале со ковид, споредено со 162-ца од 17.511 кои примиле плацебо, односно не ја примиле вакцината.

Токму од овие информации, истражувачите утврдија дека вакцината е 95 проценти ефективна да превенира инфекција од ковид.

Дополнително, за да добие дозвола за употреба во итна состојба, вакцината мора да биде тестирана кај над 3 илјади испитаници и барем половината од нив да се следат повеќе од 2 месеци после втората доза. 

Владата на Австралија на својата официјална страница за разбивање на митовите и лагите за вакцините, објаснува дека секоја група примени вакцини, секоја пратка, се проверува за да се види дали ги исполнува стандардите за квалитет.

Австралија целосно ги испита вакцините на Фајзер и на Астра Зенека. Агенцијата за лекови (The Therapeutic Goods Administration) ги одобри овие вакцини после разгледување на сите достапни информации. Процесот е ист како за одобрување на било која вакцина во Австралија. Агенцијата за лекови на Австралија одобрува вакцина против ковид само ако е безбедна и ефективна. Ниеден дел од  овој процес не е избрзан и немаше одобрение за итна употреба. Агенцијата за лекови на Австралија нема одобрение за итна употреба (Emergency Use Authorisation) за ковид вакцините. Некои земји како САД, Обединетото Кралство и Канада ги одобрија вакцините за итна употреба. Ова е поради големиот број на ковид позитивни и ризиците во тие земји.  Итноста на глобалната пандемија значи дека истражувачите го приоритизираат прогресот на ковид вакцината. Ова им дозволува на земјите да развијат безбедни и ефективни вакцини побрзо отколку што било случај во минатото. Агенцијата за лекови на Австралија рано стапи во контакт со фармацевтските компании за нивните вакцини и ги прифати податоците од истражувањата. Ова значи дека Агенцијата за лекови на Австралија може да ги добие податоците од клиничките тестирања веднаш штом станат достапни, наместо на крајот од трите клинички студии. Ова го забрза процесот на одобрување. Во фабриките за производство имаше сериозни инвестиции и досега невидени нивоа на финансирање за борба против пандемијата. Нови технологии им помогнаа на научниците да го разберат коронавирусот рано и детално. Ова дозволи да се почне да се работи на пронаоѓањето вакцина побрзо, пишува на веб-страницата.

Сите информации за вакцините кои се администрираат во Република Северна Македонија погледнете ги овде.

ЕМА (Европска агенција за лекови) ги има одобрено вакцините на „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џенсен“, како што може да се види од официјалната страница на ЕМА.

Ова одобрение за употреба на ЕМА трае една година. Од официјалната страница на ЕМА, може да се види дека за „Фајзер“ ова одобрение е продолжено на 3.11.2021 година, за „Џенсен“ е доставено и се разгледува (но оваа вакцина во Северна Македонија не се администрира), а за вакцината на Астра Зенека е продолжено на 9.11.2021 година.

Значи, вакцините на „АстраЗенека“ и на „Фајзер“ кои се користат во земјава, имаат одобрение за употреба од ЕМА. Оваа дозвола значи дека вакцините се во склоп со стандардите на ЕУ за безбедност, ефикасност и квалитет, дека се произведени во одобрени, сертифицирани објекти и фабрики, со сите фармацевтски стандарди.

Светската здравствена организација ја има одобрено вакцината на „Синофарм“ на 7 мај 2021 и досега таа се дава во 65 земји вклучително со Аргентина, Кина, Либан, Пакистан и Виетнам.

И „Синовак“ има дозвола за употреба од СЗО која ја доби на 1 јуни 2021 година и се дава во 40 земји вклучително со Бразил, Филипини и Тајланд.

Важно е да се напомене дека Северна Македонија, каде, исто така, се спроведува имунизација против ковид-19, ги следи препораките на СЗО и на ФДА и на ЕМА, односно, во земјава се прифаќаат вакцините коишто се одобрени од светските релевантни медицински организации.

Одобрена вакцина“ во Северна Македонија значи вакцина против ковид-19 во однос на која ГАВИ има стапено во Обврска за напредна набавка и која има претквалификација од Светската здравствена организација (СЗО), стандардно/условно одобрение за пуштање во промет или одобрение за употреба во итни случаи воспоставено од Строго регулаторно тело (СРТ) или Список за употреба во итни случаи на СЗО.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека тврдењето: „вакцините против ковид се експериментални“, е неточно.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани