2win800x200

Општина Охрид и јавните претпријатија пренатрупани со вработени

Ноември 29, 2021

Бројот на административци во општина Охрид од година во година расте. Во општина со 50 000 жители, според европскиот просек треба да има 50 административци, но во Охрид има 280 вработени само во општината и уште стотина во јавните претпријатија

Пишува: Соња Рилковска

Наместо ефикасна – партизирана и пренатрупана администрација. Ветените реформи во јавната администрација според принципите на доброто управување, во реалноста се сведоа на нешто сосема друго – енормно зголемување на бројот на административци во општина Охрид, како и во јавните претпријатија и образовните установи во градот.

Во општина Охрид денес има околу 280 вработени. Во 2006 година општинската администрација броеше 75 лица, а во 2017 година станаа 260 вработени, што е зголемување за скоро 3,5 пати.

Аналитичарите укажуваат на превработеност во сите општински и државни институции (подрачни единици).

Во општина Охрид има превработеност, а така е и во сите државни институции. По европскиот просек треба да има на 1000 жители – 1 административец, значи во град со 50 000 жители според пописот од 2002 година, треба да има 50 вработени. Кај нас, пак, има 280 само во општината и уште стотици во јавните претпријатија. Најстрашно е што нема критериум и протоколи. А нема, затоа што на политичките партии не им одговара да има, вели за „Вистиномер“ политичкиот аналитичар Катерина Василеска.

Па, иако, во општина Охрид има канцеларии каде дел од вработените немаат ниту столче, ниту услови за работа, сепак администрацијата продолжува да се зголемува секоја година.

Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за партиски вработувања

Општина Охрид во јули годинава, на 2 месеци пред изборите распиша оглас за вработување на нови 40 административци. Опозицијата тогаш обвини дека новите вработувања во општината, во јавните претпријатија и охридските училишта се предизборно задоволување на партиските апетити.

Не може во општина која има над 250 вработени, да не може да се најдат, со внатрешно прераспределување луѓе за нови измеслени позиции, рече координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска.

Тогашниот градоначалник Константин Георгиески тврдеше дека локалната самоуправа е должна да   планира кадровско екипирање на службите:

Работа на опозицијата е да обвинува. Ние согласно систематизацијата должни сме да планираме соодветно кадровско екипирање на службите. Доколку има потреба согласно планот ќе распишеме оглас.

 

Огласи за „вдомување“ на партиски заслужници

Добрите познавачи велат дека не е само пренатрупаноста, туку раководните места секогаш им се доделуваат како награда на најзаслужните во партијата.

За жал голем број административци, стручни, компетентни, амбициозни остануваат потиснати. Со тек на време тие ја губат и мотивацијата за работа. Стигнуваат во поодминати години, а не добиле никакво унапредување за трудот и платата им останала под просечната, вели правникот Сашо Најдески.

Партизацијата на администрацијата ги демотивира и младите во градот.

Ги гледаме огласите за вработување во општинската администрација, кои ги има најчесто пред секои избори и на сите ни е совршено јасно дека од повеќето работни места нема потреба. Има огромен број на вработени кои линеарно може да се пренасочат, да се прераспределат од едно на друго работно место. Но, се подразбира дека огласите се за „вдомување“ на партиските заслужници.

Особено е демотивирачки за нас младите кога знаете дека партиската книшка за вработување е главниот адут. Иако, единствениот услов за вработување треба да биде стручноста и квалификациите за работното место, вели Леона Кичеец дипломиран правник на мастер студии по Меѓународно право.

Официјалните податоци од Министерството за информатичко општество и администрација покажуваат дека во  јавниот сектор во земјава во 2017 година имало 128.722 вработени, а во 2020 година овој број пораснал на 131.183 лице.

Умерена подготвеност за реформи

Според Извештајот на Европската комисија за 2021 година Северна Македонија е умерено подготвена во реформата на својата јавна администрација.

Постигнат е одреден напредок во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација. Важно е ревизијата да биде усвоена од Владата. Северна Македонија во моментов ја разгледува законодавната рамка за управување со човечки ресурси преку ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и воведува нов Закон за врвни менаџерски услуги. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и ќе придонесе за обезбедување на подобра почит за вработувања, унапредувања и отпуштања засновани на заслуги, вклучително и на високо ниво на менаџмент, стои во Извештајот на ЕК за 2021 година.

Министерството за информатичко општество и администрација подготви нацрт-закон за административните службеници. Нацрт-законот предвидува дека луѓето кои по правило требало да потрошат околу две децении од кариерата за да стигнат до раководна позиција (Б1 категорија), сега со наполнети 55 години ќе треба да изберат едно од трите решенија:

  • Пензионирање
  • Еднократно обесштетување или плаќање отпремнина
  • Ставање на трансфер листа и прераспределба на вработениот на подолно ниво според систематизацијата согласно неговите квалитети.

Министерството сè уште анализира како ќе им го најде крајот на оние кои нема да сакаат да заминат во пензија или да им биде исплатена отпремнина. За нив сè уште се утврдуваат модалитети за распоредување, се забележува во текстот што го изработи Институтот за комуникациски студии.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани