АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Објава на Фесјбук неодговорно тврди дека тоа што неколку земји досега не пријавиле случаи на заболени од коронавирусот значи дека пандемијата е лажна и постои само на телевизија. Ова е целосна дезинформација која ја измамува публиката да добие одреден впечаток којшто е базиран на невистини.
Нема разумен одговор зошто неколку земји ширум светот воопшто немаат Ковид-19, освен што ова е тотално лажна пандемија која постои само на телевизија, се вели во постот.
Обединетите нации официјално признаваат 193 земји. Од нив, заклучно со 22 ноември само четири земји во светот не пријавиле ниту еден случај на заболен од коронавирусот. Тоа што немаат пријавено заболени не значи дека и фактички нема ниту еден заболен во овие земји.
Овие четири земји се: Северна Кореја, Туркменистан, Тувалу и Науру.
Северна Кореја го пријави својот прв сомнителен случај на ковид-19 на 26 јули 2020 година. Јужната област, Каесонг беше под целосна тревога. Потоа беше потврдено дека ова не е случај на коронавирус. Северна Кореја беше првата земја што ги затвори своите граници. Како сосед на Кина, земјата ги затвори своите граници на 21-ви јануари 2020 година и оттогаш не е повторно отворена. Потоа спроведе строги мерки за оние кои доаѓаат во земјата (странци и државјани), вклучувајќи месечен или двомесечен карантин. Додека севернокорејските власти пријавуваат нула случаи од повеќе од 25 милиони жители, останува да се запрашаме како најблискиот сосед на Кина навистина може да биде ослободен од вирусот и дали тоа можеби се должи на тоталитарната диктатура којашто е на власт. Нема податоци за бројот на вакцинирани лица во оваа земја.
Туркменистан е земја во Централна Азија која граничи со Казахстан, Узбекистан, Таџикистан, Иран и Авганистан – сите земји со извештаи за инфекции со коронавирус. Постојат гласини дека официјалните извештаи на земјата можеби не се совпаѓаат сосема со официјалната состојба во земјата. Постојат медиумски извештаи кои велат дека медиумите во Туркменистан се цензурираат себеси за известување за коронавирусот и дека сепак постојат заболени со коронавирусот. Заклучно со 29 август 2021 година, админситрирани се вкупно 7.580.976 дози на вакцини.
Тувалу е островска држава која се наоѓа во Полинезија е и позната како една од најмалку посетуваните земји во светот (ако не е и најмалку посетуваната), која има помалку од 200 туристи годишно. Ова веројатно помогнало за спречување на појавата на коронавирусот во оваа земја со многу мала популација која брои вкупно 12.373 жители. Заклучно со 22 октомври 2021 година, во оваа земја администрирани се вкупно 12.114 дози на вакцини.
Науру, исто така, е островска земја која се наоѓа во Микронезија. Исто како Тувалу, и Науру го држи рекордот за една од најмалку посетените земји во светот. Брои вкупно 9.275 жители. Заклучно со 20 август 2021 година, администрирани се вкупно 14.790 дози на вакцини.
Тоа што само четири земји не пријавиле ниту еден случај на коронавирус не значи дека вирусот не постои и дека го има само на телевизија.
Целосно неодговорно и нелогично е да се тврди дека пандемијата е лажна и постои само на телевизија кога од почетокот на пандемијата досега на глобално ниво животот го загубиле над 5 милиони луѓе. Во С. Македонија досега (23.11.2021) со коронавирусот се заразени вкупно 212.375 лица, а животот го загубија 7.449 лица.
Коронавирусот е вистински, а пандемијата е реална и сè уште е далеку од крајот. Коронавируост за првпат се појави во Кина на крајот на декември 2019 година. Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека генетскиот материјал РНК, на вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Ова е нов вирус кој претходно не е регистриран кај луѓето.
Во март минатата година СЗО прогласи пандемија на ковид-19.
„Вистиномер“ во неколку наврати пишуваше дека коронавирусот SARS- CoV-2 претставува дефиниран вирус. Доктор Иле Кузманоски од Здружението на лекари специјализанти во изјава за „Вистиномер“ објасни дека постојат повеќе извори и научни студии кои докажуваат дека вирусот SARS-CoV-2 e изолиран, но исто така е направено и комплетно секвенционирање на геномот на вирусот.
Тоа значи дека комплетниот генетски материјал на вирусот причинител на ова заболување е изолиран од назофаринксот на пациент и е докажано неговото постоење, како и неговиот уникатен генетски материјал кој тој го содржи, ни изјави доктор Кузманоски .
Тој додава дека вирусот и не е толку невидлив и непостоечки причинител и дека за тоа постојат и фотографии направени со електронски микроскоп на изолирани вирусни партикли од заболен пациент, со кои и визуелно се докажува постоењето на овој вирус, како причинител на ова заболување.
Вакви паушални изјави кои не се базираат на никакви научни сознанија, докази и реални факти, се само навреда и не почит за семејствата кои загубиле близок поради овој вирус, а тоа не се мал број на луѓе.
Ваквите објави кои се шират на социјалните мрежи, а притоа за нив не е понуден ниту еден доказ и ниту една научна референца, треба да се земат со огромна резерва, бидејќи никој не презема одговорност за ефектите кои ваквите објави можат да ги имаат врз читателите.
Ваквите објави дека болеста не постои се неодговорни, опасни, штетни и го поттикнуваат населението да се опушти, да не внимава на мерките и да не се вакцинира.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар