2win800x200

Дезинформација е дека не може да излезете од земјава ако не сте вакцинирани

Декември 20, 2021

Според информациите објавени на сајтот на МНР, односно протоколите за С. Македонија, Владата на седница, одржана на 31 август 2021 година донесе одлука, според која еден од документите што овозможуваат влез или излез од земјава е и „негативен резултат од брз тест за антиген, направен 48 часа пред влез или излез од територијата на Република Северна Македонија“. Оваа одлука на Владата е се уште во сила, што значи не е точно тврдењето во рецензираниот пост дека ПЦР тестот „не важи“. Сосема друга работа е какви одредби има во државите во кои ќе патувате

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека најновата мерка е да не може да ја напуштите територијата на Република Северна Македонија ако не сте вакцинирани.

8.12.2021, Македонија. Најнова мерка, не даваат да излезеш од граница без сертификат за боцка. Не важи ПЦР тест, пишува во постот.

Ова е дезинформација, која има собрано над 70 реакции и седум споделувања.

Во дел од коментарите еден од читателите вели:

Во моментов проаѓам на Табановце со ПЦР. Дезинформација. Десетина поминавме со тест, без никаква примедба.

Според информациите објавени на сајтот на МНР, односно протоколите за С. Македонија, Владата на седница, одржана на 31 август 2021 година, донесе одлука за изменување и дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест ковид-19 предизвикана од вирусот Сарс Ков 2, случаите и временскиот период на нивна примена, според која се забранува влез и излез од територијата на земјата на домашни и странски државјани, почнувајќи од 1 септември 2021 година, доколку на граничниот премин не приложат еден од следните документи:

Сертификат за извршена имунизација вакцинација од вирусот Сарс Ков 2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест ковид 19. Сертификат за прележан ковид 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Медицинска потврда со негативен резултат од РТ ПЦР Сарс Ков 2 тест, направен 72 часа пред влез или излез од територијата на Република Северна Македонија. Негативен резултат од брз тест за антиген, направен 48 часа пред влез или излез од територијата на Република Северна Македонија. 

Меѓутоа, откако ќе излезете од границите на Република Северна Македонија, понатаму, сте предмет на политиките на земјата во која патувате. Затоа пред патување, МНР советува секој граѓанин добро да се информира која земја бара каков доказ за ковид статус пред патување! Не важат истите правила во сите земји, туку во секоја држава има различни правила!

Да видиме какви се правилата за влез во земјите со кои се граничи С. Македонија. Од 7 декември во Србија, може да се влезе под условите наведени овде. За државјани на Северна Македонија не се бара никаков документ на влез на српска граница, ама затоа се бара на македонската граница (како што е наведено во погорниот пасус од овој текст).

Откако ќе ја напуштите македонската страна на границата и ќе се упатите кон косовската, тогаш таму ќе ве пречекаат правилата на Косово за справување со пандемијата односно нивните услови за влез. Од 30 ноември 2021 година, странски државјани во Косово може да влезат со вакцинален сертификат за примени две дози вакцина, вакцинален сертификат за примена една доза вакцина, не постар од четири недели заедно со негативен ПЦР тест не постар од 48 часа или вакцинален сертификат за една доза вакцина заедно со доказ дека лицето прележало ковид пред најмалку 21 ден а не порано од 180 дена.

Од 3 јануари 2022 година, сите лица кои влегуват на територијата на Косово, ќе може да влезат само со сертификат за две примени дози вакцина.

И тука најверојатно настанал проблемот поради кој авторот на постот кој го рецензираме генерализира дека земјава не дозволува излез за невакцинирани. Точно е дека Косово не дозволува да влезе никој на нејзина територија, ако нема примено барем една доза вакцина.

Бугарија има одлука која важи од 1 декември 2021 година до март 2022 година. 

Според неа, од С. Македонија во Бугарија може да се влезе или со вакцинален сертификат или со сертификат за прележаност или со ПЦР кој е негативен. Сосема ист е случајот и со Грција, каде може да се влезе или со вакцинален сертификат или со сертификат за прележаност или со негативен ПЦР тест.

Така е и за Албанија.

Значи, единствената држава со која се граничи С. Македонија, а која не прифаќа ПЦР тест или антигенски тест за да дозволи влез за државјани на С. Македонија е Косово. Во Србија, Грција, Албанија и Бугарија може да се влезе и со ПЦР тест и со сертификат за прележаност. Оттаму постот го оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани