2win800x200

Нема одлука за вакцинација на деца против ковид–19

Декември 27, 2021

Погрешно е тврдењето дека е „донесена одлука“ и дека „некој во наше име одлучил“ за вакцинирање на деца од 5-12 години. Одлуката за набавка на 10.000 педијатриски вакцини на „Фајзер“ не е одлука за вакцинација. Крајниот збор за педијатриските вакцини ќе го има националната Комисија за имунизација

Пост на Фејсбук дезинформира дека е донесена одлука за вакцинација на деца, по пример на некои од европските земји, како Белгија, каде вакцинацијата е на доброволна база.

Одлуката „веќе“ била донесена за напролет да се почне со вакцинација на деца од 5 до 12 години?!?!

Кој е тој што во наше име “веќе” одлучил за нашите деца па ко демек завршена е работава

АЛООО СЛЕПЦИ НЕ СЕ ЧЕШАЈТЕ КАДЕ ШТО НЕ ВЕ ЧЕША ЗАШТО М. МАМИНО ЌЕ ВИ СЕ РАСПЛАЧЕ!!!, пишува во постот.

Ширењето на вакви аламантни реакции по социјалните мрежи следува откако македонската Влада донесе одлука за набавка на 10.000 педијатриски вакцини на „Фајзер“.

На 117 седница на Владата одржана на 14 декември, донесена е одлука за набавка на 500.000 вакцини  на мРНА (мРНК) вакцини од производителот Фајзер (Pfizer).

Во таа набавка ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1% од вкупниот број деца во Република Северна Македонија на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози(Соопштение од 117 седница на Владата на РСМ – 14.12.2021)

Утврдено е дозите за возрасните да почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година, а вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година.

Одлуката за набавка на вакцини не значи и автоматски донесување на одлука за примена на овие вакцини. Ваква одлука за вакцинација на деца над 5 години во државата се’ уште нема донесено. Ова го потврди Министерството за здравство.

– Единствено е донесена одлука на Владата за набавка на 10.000 дози педијатриска вакцина од произведителот Фајзер. Препорака за вакцинција донесува националната Комисија за имунизација. Оваа педијатриска ковид вацина ќе биде личен избор на родител или старател на децата од 5 до 12 години. Дали овие деца ќе се вакцинираат, ќе одлучуваат единствено родителите или старателитеодговорија од ПР службата на Министерството за здравство.

Како што појаснија од Министерството, набавката на педијатриската вакцина е со цел да се обезбедат вакцини, доколку родителите одлучат да ги вакцинираат нивните деца.

Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека на 25 ноември ја одобри употребата на педијатриската вакцина на „Фајзер“ за деца од 5-11 години.

Кај деца од 5 до 11 години, дозата на Comirnaty ќе биде помала од онаа што се користи кај лица на возраст од 12 и повеќе години (10 µg во споредба со 30 µg). Како и кај повозрасната група, се дава како две инјекции во надлактицата, во период од три недели меѓу двете вакцини, соопшти ЕМА.

Одобрувањето на педијатриската вакцина ЕМА е поткрепено со претходно испитување за ефикасноста и евентуалните ризици од вакцината на 2.000 деца од 5 до 11 години.

Овие деца примиле или вакцина или плацебо (лажна инјекција). Од 1.305 деца кои ја примиле вакцината, три развиле КОВИД-19 во споредба со 16 од 663 деца кои примиле плацебо. Ова значи дека, во оваа студија, вакцината била 90,7% ефикасна во спречувањето симптоматски Ковид-19. Најчестите несакани ефекти кај децата на возраст од 5 до 11 години се слични на оние кај луѓето на возраст од 12 и повеќе години. Тие вклучуваат болка на местото на инјектирање, замор, главоболка, црвенило и оток на местото на инјектирање, болка во мускулите и треска. Овие ефекти се обично благи или умерени и се подобруваат во рок од неколку дена по вакцинацијата, соопшти ЕМА.

Педијатриските вакцини на Фајзер се одобрени и од американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), кој препорача вакцинирање на оваа возрасна група во САД.

Европските земји како Австрија, Унгарија, Грција и Шпанија, одлучија да ја интензивираат вакцинацијата против ковид-19 кај децата.

На пример во Грција на 15 декември се примаат барања за вакцинирање против Ковид-19 на децата на возраст од 5 до 11 години. Досега се закажани повеќе од 30.000 термини за вакцинација за оваа возрасна група.

Кај нас е одобрена вакцининација за возрасните групи над 12- годишна возрасти тоа само вакцината на Фајзер. Вакцинацијата, како и кај возасните, е на доброволна база. Вакцината може да се прими на кој било вакцинален пункт без регистрација или пријавување, со примање на две дози и во растојание од три недели.

Според тоа, погрешно е тврдењето дека е „донесена одлука“ и дека „некој во наше име одлучил“ за вакцинирање на деца од 5-12 години. Одлуката за набавка на 10.000 педијатриски вакцини на „Фајзер“ не е одлука за вакцинација. Крајниот збор за педијатриските вакцини ќе го има националната Комисија за имунизација.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани