2win800x200

Пост на Фејсбук злоупотребува изјава на доктор Пановски

Декември 27, 2021

Микробиологот Пановски изразува сомнеж дека омикрон можеби е влезен во Македонија, а потврда за такво нешто немаше. Оттука, насловот на текстот линкуван во постот е погрешно формулиран, а на самата објава на Фејсбук ѝ недостига контекст, односно објаснување дека станува збор за претпоставка, а не за официјална потврда. Сојот омикрон на коронавирусот во земјава пристигна дури четири дена подоцна

Пост на Фејсбук шири дезинформации дека во Македонија пристигнал новиот сој на коронавирусот, омикрон четири дена пред неговото фактичко пристигнување.

Објавата споделува текст со наслов: „Лоша Вест Доцна Вечерва: „Омикрон“ Влезе Во Македонија – Ова Се Најновите Детали“, додавајќи во постот дека доктор Никола Пановски поради тоа барал да има нови рестрикции.

Но, кога ќе го отворите написот ќе сфатите дека тој насловот е неоснован. Имено, текстот се повикува на изјава на д-р Пановски во која тој изразува сомневање дека сојот омикрон можеби веќе е пристигнат во земјава.

Микробиологот д-р Никола Пановски смета дека сојот омикрон најверојатно е веќе влезен во земјава.

-Сепак не треба да се ризикува, за да не дојде до експлозија во болниците и поставување на модуларни болници. Треба да се преземат мерки. На пример Грција од вчера воведе задолжителен ПЦР-тест за сите патници. Јас да сум некој фактор во државата, веднаш после нив би вовел и ПЦР тестови за сите граѓани што влегуваат. Прва мерка да ни биде наменета за границите и аеродромите и таа да важи 15 дена за почеток, а после тоа да се анализира. Нема бегање од сојот, ако велат дека се шири со таа брзина, вели Пановски во дневникот на ТВ Сител и додава дека Комисијата за заразни болести предложувала „нелогични мерки“, стои во написот.

Тоа што некој изразил сомнеж дека омикрон можеби е пристигнат во Македонија, не значи дека тој е влезен веќе, како што сугерира постот кој го анализираме.

Најновата варијанта на коронавирусот масовно се шири низ Европа, но во Македонија, до денот кога беше објавен постот, таа сè уште не беше регистрирана. Тестирање на новиот сој на коронавирус – омикрон, до тој момент немаше, бидејќи не се појавил сомнителен случај, потврдија пред една недела од Институтот за јавно здравје.

Се следи состојбата со ковид-19, посебно со генетските мутации на вирусот. Досега не е направено секвенционирање за омикрон бидејќи немаме сомнителен случај по епидемиолошка анкета. Ќе почнеме со испитување на оваа мутација кога ќе се зголемат сомневањата во земјава и во регионот – изјави директорот на ИЈЗ, Шабан Мемети за ТВ 24.

Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ во изјава за „Слободен печат“ рече дека во болницата досега не биле забележани пациенти со нетипични симптоми и затоа не се испратени материјали на секвенционирање во ИЈЗ или во МАНУ.

ИЈЗ и МАНУ имаат систем за следење на соевите со земање примероци за секвенционирање. Ние испраќаме примерок само кога ќе забележиме промена, не секогаш таа е резултат на нов сој. Може да има пациент што бил во епидемиолошки ризик, на пример, патување или контакт со друг човек од ризично подрачје, но по дифолт не испраќаме примероци за откривање, таа обврска ја има ИЈЗ – додава доктор Стевановиќ.

Постот што го анализираме има класичен клик бејт наслов кој има за цел да собере што е можно повеќе кликови. Тој не информира, туку дезинформира.

Дека тоа е така покажува и фактот што сојот омикрон на коронавирусот во земјава пристигна дури четири дена подоцна, откако официјално беше соопштено дека маж, кој допатувал од Велика Британија бил заразеен со овој сој на короснавирусот. Во текстот линкуван постот е пренесена изјава на микробиологот Пановски кој изразува сомнеж дека омикрон можеби е влезен во Македонија, а потврда за такво нешто на 20 декември немаше. Оттука и насловот е погрешно формулиран, а на постот му недостига контекст, односно објаснување дека станува збор за претпоставка, а не за официјална потврда.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани